Свет
На САД им требаат 225 бомбардери за да им се спротивстават на Русија и на Кина
САД мора да го зголемат бројот на бомбардери од 156 на 225 или повеќе за да можат да им се спротистават на Русија и на Кина во новите услови, пренесува порталот „Вориор мејвен“, повикувајќи се на шефот на стратешката команда на глобалните напаѓачки сили, Тимоти Реј.
Високи американски воздухопловни офицери сметаат дека актуелниот недостиг од американски бомбардери ја доведува во ризик целата земја во случај на непријателски напад. Според генерал Реј, на воздухопловните сили на САД им се потребни 225 бомбардери за да одговорат на потенцијална закана од ривалите како Русија и Кина
Експертите истакнуваат дека проблемот на флотата бомбардери е влошен и поради староста на авионите: Б-1С, Б-2С и Б-52 се во употреба во САД повеќе децении. Иако Вашингтон ги подобрува своите авиони, што им овозможува долго да ги чуваат во употреба, на американските воздухопловни сили им се потребни нови модели како што е Б-21 „рејдер“, за кој се очекува дека ќе се појави во 2020 година.
„Американската авијација е геријатријска сила: има бомби, танкери и летала за тренирање постари од 50 години, хеликоптери постари од 40 години и бомбардери постари од 30 години, а ѝ недостигаат повеќе од 2.000 пилоти“, вели генерал-потполковникот Давид Дептула, декан на Институтот за воздухопловни студии „Мичел“.
Изјавите на генералите следат по повеќе соопштенија од Пентагон во кои се истакнува дека американските воздухопловни сили до 2025 година би можеле да засотануваат зад Русија и Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп му даде целосна поддршка на Орбан пред изборите во Унгарија: „Тој е силен и моќен лидер“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, јавно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори што ќе се одржат на 12 април, порачувајќи дека има негова целосна и апсолутна поддршка за нов мандат.
Трамп пред изборите што ќе се одржат во таа земја, рече дека Орбан е навистина силен и моќен лидер.
„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е што тоа го правам повторно. Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и апсолутна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија – тој никогаш нема да го изневери големиот унгарски народ“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“.
Трамп додаде дека Орбан е навистина силен и моќен лидер, со докажан успех во постигнувањето феноменални резултати.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Според него, Орбан вредно работи на заштитата на Унгарија, развојот на економијата, создавањето работни места, промоцијата на трговијата, запирањето на нелегалната имиграција и обезбедувањето закон и ред.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан. Со нетрпение очекувам продолжување на блиската соработка со него, за двете наши земји дополнително да го унапредат овој огромен пат кон успех и соработка“, заклучи Трамп.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Свет
Лавров до Макрон: Ако сакате сериозен разговор, јавете се, Путин ќе одговори
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги коментираше француските обиди за обновување на дијалогот меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.
„Францускиот претседател Емануел Макрон пред околу две недели повторно рече дека ќе го повика Путин“, нагласи Лавров во интервју за државната телевизија „РТ“.
„Знаете, тоа не е сериозно. Тоа е патетична дипломатија. Ако сакате да се јавите и да водите сериозен разговор, тогаш јавете се. Путин секогаш ќе се јави на телефон. Секогаш ќе ги сослуша сите предлози, особено сериозните“, наведе Лавров.
Двајца европски дипломати, кои зборуваа под услов на анонимност, потврдија за Политико дека советникот на Макрон, Емануел Бон, во вторникот ја посетил Москва со цел да го подготви теренот за обновување на директната комуникација меѓу Путин и Макрон.
Според наводите на еден од дипломатите, Бон се сретнал со Јуриј Ушаков, близок соработник на Путин и член на руската делегација во тековните мировни преговори со Украина.
Француските претставници не сакаа ниту да го потврдат, ниту да го демантираат посетата на Бон во Москва. Истото го направи и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој на редовната прес-конференција изјави дека тоа го прави „од солидарност со француската страна“.
Макрон во вторникот изјави дека се во тек „технички разговори“ со цел повторно воспоставување дијалог со Кремљ, додека неговиот кабинет вчера соопшти дека тие разговори се водат транспарентно „и во консултација со претседателот Зеленски и главните европски партнери“.
Макрон во повеќе наврати истакна дека европските држави треба да водат сопствени директни разговори со Москва.

