Свет
На 109 роденден најстарата жена во Ирска ги сподели своите тајни за уживање во животот
Најстарата жена од Ирска го одбележа својот 109-ти роденден споделувајќи два совети како да уживате во долг живот: не губете време и живејте го во целост, објави „Гардијан“.
Мејрин Хјуз го следи сопствениот совет со гледање птици, читање весници и романи, решавање крстозбори, слушање музика, свирење Скрабл – и уживајќи во вревата на секој нов роденден. „Едноставно сакам да живеам“, им рече таа на новинарите во понеделникот.
Хјуз е родена на 22 мај 1914 година, два месеци пред избувнувањето на Првата светска војна, и се сеќава на нејзината мајка како се грижела за луѓето за време на пандемијата на грип во 1918 година.
Таа прослави 109 годни со пријателите со качување во стар автобус за обиколка на паркот Феникс во Даблин, со попладневен чај, пред да се врати во својот дом за стари лица во блискиот Чапелизод.
На прашањето на „Irish Times“ за тајната на долгиот живот, таа одговори: „Живеј го животот во целост. Мислам дека е важно да не губиме време“.
Хјуз е родена во Белфаст, израснала во Даблин и Киларни, округот Кери. Таа се сеќава на Блек и Танс – озлогласена британска воена сила во англо-ирската војна – и раѓањето на независна ирска држава во 1921 година.
Хјуз студирала наука на Универзитетскиот колеџ Корк што е необичен избор за жените во тоа време. Дипломирала во 1935 година.
Работела како хемичар во медицинската лабораторија на универзитетот и во 50-тите се преселила со нејзиниот сопруг во Даблин, каде што работела како наставник. Двојката немала деца.
Таа се присети дека видела како нејзиниот дом за стари лица е изграден пред 50 години, кога била со нејзината мајка.
Полициски бенд и госпел хор се приклучија на прославата. Облечена во блејзер и розова марама, Хјуз ги слушаше сограѓаните и вработените како ја пеат нејзината омилена песна, традиционалната ирска балада.
Имаше задоволство во едноставните работи, рече таа. „Ми се допаѓа тишината и птиците што ги имаме овде. Тие се прекрасни околу реката“.
Најстарата позната личност на светот е Марија Брањас Морера, која живее во Шпанија. Таа има 116 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

