Свет
Неизвесен аџилакот во Мека на муслиманските верници
Првпат во модерната историја се очекува Саудиска Арабија да го намали бројот или целосно да го откаже годинашниот аџилак во Мека, што би било подеднакво опасна одлука како и заразата со коронавирус, пренесува Франс прес.
Муслиманските нации го притискаат Ријад да ја донесе својата многу одложувана одлука дали годишниот ритуал ќе тече како што е планирано кон крајот на јули. Но, додека кралството ги чека политичките и економските ризици во регион, истекува времето за организирање логистика за еден од најголемите масовни собири во светот.
Целосниот аџилак, кој минатата година привлече околу 2,5 милиони верници, се чини дека е малку веројатен откако властите кон крајот на март ги советуваа муслиманите да ги одложат подготовките поради пандемијата.
„Прашање е дали ќе се организира основен аџилак или воопшто нема да го има,“ изјави за Франс прес официјален претставник на Јужна Азија кој е во контакт со саудиските власти за аџилак.
Индонезија, најнаселената муслиманска држава во светот, се повлече од аџилакот овој месец откако го притисна Ријад за јасност, а министерот го нарече потегот многу горчлива и тешка одлука. Слични најави следеа и Малезија, Сенегал и од Сингапур.
Многу други земји со муслиманско население – од Египет и Мароко до Турција, Либан и Бугарија – рекоа дека сè уште ја чекаат одлуката на Ријад. Во земјите како Франција, верските лидери ги повикаа муслиманите да ги одложат своите планови за аџилак до следната година поради ризиците што преовладуваат.
Аџилакот, задолжителен за муслиманите барем еднаш во животот, претставува голем потенцијален извор на зараза затоа што собира милиони верници во преполните верски места. Но, секоја одлука да се ограничи или откаже настанот ризикува да ги вознемири тврдокорните муслимани за кои религијата е поважна од здравствените проблеми. Исто така, може да го сврти фокусот кон саудиското чување на најсветите места во исламот – најмоќниот извор на политичка легитимност, пишува агенцијата.
Серија смртоносни катастрофи со текот на годините, вклучително и стампедото во 2015 година во кое загинаа над 2.300 верници, предизвика критики кон кралството за управувањето со аџилакот.
„Саудиска Арабија е притеснета в ќош. Доцнењето во објавувањето на својата одлука покажува дека ги разбира политичките последици од откажувањето на аџилакот или намалувањето на неговиот обем “, вели Умар Карим, визитинг-предавач во Ројал јунајтед сервисес институт во Лондон.
„Кралството купува време и внимателно постапува. Ако Саудијците во последен миг речат ‘подготвени сме за целосен аџилак’ (логистички), многу земји нема да бидат во позиција да учествуваат,“ рече јужноазискиот претставник.
Во услови на постојан прекин во меѓународните летови, намален аџилак со само локални жители е веројатно сценарио, додаде официјалниот претставник.
Одлуката за откажување на аџилакот би била прва од основањето на кралството во 1932 година. Саудиска Арабија успеа да го одржи аџилакот за време на претходните епидемии на ебола и МЕРС, но сега се бори да го контролира Кови-19 во услови на сериозен подем во бројот на заразени на дневно ниво и на смртни случаи откако властите почнаа да го олеснуваат строгиот режим на движење кон крајот на мај.
Извори велат дека во саудиските болници, креветите за интензивна нега брзо се пополнуваат и се поголем број здравствени работници се заразуваат со вирусот, а вкупниот број на заразени достигна 130.000. Бројот на смртни случаи во понеделникот надмина 1.000. За да се спротивстават на пикот, властите овој месец ги зајакнаа мерките во Џеда, портата кон Мека.
„Аџилакот е најважното духовно патување во животот на кој било муслиман, но ако Саудиска Арабија продолжи во ова сценарио, нема да изврши притисок само врз сопствениот здравствен систем туку би можело да биде одговорно за ширење на пандемијата “, рече Јасмин Фарук од Фондацијата Карнеги за меѓународен мир.
Откажан аџилак ќе претставува голема загуба на приходите за кралството, кое веќе страда од двојниот удар поради пандемијата и падот на цената на нафтата. Помалиот годишен аџилак умра веќе беше откажан во март. Двата аџилака секоја година придонесуваат со 12 милијарди долари во саудиската економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

