Свет
Нетанјаху контра Макрон: „Неговата изјава за Газа е морално некоректна“
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, остро ја осуди изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон со која го критикува Израел за убивање бебиња и постари лица во Појасот Газа и го повтори својот повик за прекин на огнот.
На синоќешната прес-конференција Нетанјаху рече дека францускиот претседател „направил сериозна грешка, фактички и морално“ обвинувајќи го Израел за намерно бомбардирање цивили.
„Хамас спречува евакуација на цивили, а не на Израел! Израел им кажува да си заминат“, рече Нетанјаху, обвинувајќи ги членовите на Хамас дека пукале во хуманитарен коридор, поставен за евакуација на жителите на северна Газа, како и користење на цивили како жив штит.
„Не е Израел тој што се сместува во болници, училишта и згради на ОН, туку Хамас. И затоа не Израел, туку Хамас е одговорен за повредување на цивили“, рече израелскиот лидер, предупредувајќи ги Макрон и другите пријатели дека не треба да им се дава имунитет на терористите кои ќе извршат двојно воено злосторство.
„Навистина правиме се’ за да ја минимизираме штетата врз цивилите и неборците, но нема да му дадеме на Хамас дозвола да ги убива нашите граѓани без одговор“, додаде Нетанјаху.
Макрон е еден од западните лидери кои го посетија Израел во знак на солидарност по нападите на Хамас на 7 октомври во кои загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили, а зедоа 240 заложници.
Потоа, во израелското бомбардирање и последователната копнена офанзива во Газа, загинаа повеќе од 11.000 луѓе, меѓу кои две третини беа жени и деца, а 2.700 се исчезнати и се верува дека се затрупани во урнатините.
За време на посетата, Макрон ја повика меѓународната коалиција против Исламската држава да се прошири и да ја вклучи борбата против Хамас.
Тој, меѓутоа, неодамна се изјасни против операцијата на Израел за уништување на Хамас во Газа и на меѓународната мировна конференција во Париз изминатиот викенд изјави дека Франција ја дели „волјата на Израел да се ослободи од тероризмот“, но не се согласува дека најдобриот начин за одбрана на Израел е масовно бомбардирање на Газа.
Макрон додаде дека нема оправдување за наводното израелско бомбардирање на, како што рече, „тие бебиња, тие жени, тие стари луѓе“.
По критиките на Нетанјаху, француски дипломатски извор, според израелските медиуми, се обидел да отстапи од таа изјава и рекол дека Макрон никогаш не сугерирал и не мислел дека израелските сили намерно гаѓаат цивили и дека постојано кажува дека употребата на заложници и цивилното население од Хамас е неприфатлива уцена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Премиерката на Естонија: Немаме план Б ако Украина ја загуби војната
Естонската премиерка Каја Калас изјави дека Естонија нема план Б доколку Украина ја загуби војната.
„Не треба да се предаваме на песимизмот. Победата во Украина не е само територија. Ако Украина влезе во НАТО, дури и без одредена територија, тогаш тоа е победа бидејќи ќе биде ставена под чадорот на НАТО“, рече Калас во интервју за Би-Би-Си.
Владата на Естонија одвои повеќе од еден процент од естонскиот БДП за воена и финансиска помош за Украина.
„Ако секоја земја на НАТО го направи тоа, Украина ќе победи“, посочува Калас.
Естонија, мала балтичка држава која некогаш беше дел од Советскиот Сојуз, е уверена дека откако ќе завршат борбите во Украина, рускиот претседател Владимир Путин ќе го сврти своето внимание кон Балтикот, барајќи да ги врати земјите како Естонија под контрола на Москва.
Свет
(Видео) Поплави во јужна Германија, жителите евакуирани со хеликоптери
Невреме вчера и денеска погоди големи делови од јужна Германија, предизвикувајќи прекин на сообраќајот, а некои жители мораа да бидат евакуирани со хеликоптер.
Во областа на баварскиот град Аугсбург, жителите мораа да бидат евакуирани поради дефект на насип и брана, соопштија властите.
Поради поплавите, во прекин е железничкиот сообраќај меѓу главниот град на Баварија, Минхен, Брегенц во Австрија и Цирих во Швајцарија.
Во прекин беше и линијата меѓу Улм и Аугсбург, а меѓуградските возови на релација Штутгарт-Минхен беа пренасочени.
Жителите на баварскиот град Фишах, западно од Минхен, биле изнесени со хеликоптер од своите домови откако се излеа реката Шмутер.
Update zum Wehr#Hochwasser pic.twitter.com/lX5hrZp46M
— Bummibaer 🐻 🇺🇦 (@MrBummiBinBaer) June 1, 2024
Водостојот расте, дождот не престанува да паѓа. Прогласена вонредна состојба
Мештаните поинаку не можеа да ги напуштат своите домови, изјави портпаролката на окружните власти. Според полицијата, службите за итни случаи и чамците ќе ги преземат луѓето во поплавените домови. Неколку соседни окрузи прогласија вонредна состојба бидејќи дождот продолжува да паѓа и нивото на водата расте.
Во сојузната покраина Баден Виртемберг, западно од Баварија, ситуацијата брзо се влоши откако реката Ротум почна да се излева на неколку места.
Во малиот град Рајнштетен, 150 служби за итни случаи работат повеќе од 22 часа за да ја ублажат поплавата што се случи по пукањето на браната, изјави градоначалникот Филип Буеркл за ДПА.
Буеркл рече дека противпожарните служби од блиската област пумпаат вода од подрумот и дистрибуираат вреќи со песок. Досега е евакуиран само еден дом за стари и изнемоштени лица во кој престојувале 15 лица.
Училиште во селото Мекенбеурен, во близина на езерото Констанца, мораше да биде евакуирано откако локалната река проби вреќи со песок поставени околу него.
Германската метеоролошка служба предвиде дополнителни грмежи и до 80 литри дожд на метар квадратен во јужните делови на Германија. Невремето се очекува да продолжи и утре.
Свет
Пукање во западна Германија, ранети четири лица, напаѓачот е во бегство
Четири лица се ранети денеска во престрелка во Хаген, во западна Германија, а осомничениот сторител е во бегство, соопшти полицијата. Во потрагата бил вклучен и полициски хеликоптер.
Властите претходно потврдија за ДПА дека двете места на злосторството вклучуваат фризерски салон и блиска станбена зграда во Хаген, јужно од Дортмунд.
Полицијата е на местото на злосторството, а на граѓаните им се препорачува да го избегнуваат просторот околу местото на злосторството.