Свет
Нетанјаху: Не е вистина дека Америка не убеди да не ги шириме воените активности
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли информациите дека САД го убедиле Израел да не ги проширува своите воени активности.
„Израел е суверена нација. Нашите воени одлуки се засноваат на нашите сопствени пресметки“ рече Нетанјаху, пренесе Ројтерс.
Американскиот претседател, Џо Бајден разговараше со Нетанјаху во саботата, објави Белата куќа.
Според канцеларијата на Нетанјаху, израелскиот премиер изразил благодарност до САД за нивната позиција во Советот за безбедност на ОН.
Советот за безбедност на Обединетите нации во петокот усвои омекнат текст на резолуцијата за Појасот Газа, во која се повикува на итно забрзување на испораката на помош за цивилите во палестинската енклава, но испуштајќи го повикот за „итен прекин на непријателствата“ меѓу Израел и Хамас.
Кабинетот на Нетанјаху, исто така, додаде дека тој „јасно ставил до знаење дека Израел ќе ја продолжи војната додека не се исполнат целосно сите цели“.
Според проценките на ОН, речиси 80 отсто од населението на Газа од 2,4 жители е раселено поради борбите.
Многумина од север побегнаа во релативно безбедната зона на југот, но беа зафатени во војната по втор пат.
Израелскиот премиер вети дека војната ќе продолжи се додека Хамас не биде „уништен“, пркосејќи им на зголемените меѓународни повици за прекин на огнот.
Тие сега доаѓаат дури и од блиски сојузници како Велика Британија и Германија, кои се загрижени за цивилните жртви во израелската офанзива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

