Свет
Нетанјаху: Ова е моето последно предупредување до Хамас
По израелскиот напад во Доха, кој беше насочен кон високи функционери на Хамас и предизвика силни меѓународни реакции, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторно јавно нагласи дека Хамас е одговорен за продолжувањето на војната во Газа.
Нетанјаху на прес-конференција изјави дека „напладне ги собрал лидерите на израелските безбедносни служби и одобрил хируршки прецизен удар врз лидерите на Хамас“, нагласувајќи дека ова е исполнување на ветување дадено по масакрот на 7 октомври 2023 година.
„На почетокот на војната, Израел рече дека ќе ги фати оние што го извршија тој ужас. Денес, Израел и јас го одржавме тоа ветување“, рече тој.
Тој им се обрати и на цивилите во Газа.
„Војната во Газа може веднаш да заврши ако Хамас го прифати предлогот на претседателот Трамп. Борете се за вашите права и за вашата иднина. Склучете мир со нас и прифатете го предлогот на претседателот Трамп“, рече израелскиот премиер.
Хамас во неделата објави дека поздравува некои идеи што дојдоа од САД преку медијатори и се повикува на договорот за прекин на огнот во Газа.
Претходно, претседателот Трамп напиша на „Тру соушал“: „Сите сакаат заложниците да се вратат дома. Сите сакаат оваа војна да заврши! Израел ги прифати моите услови. Време е Хамас да го стори истото“.
„Го предупредив Хамас за последиците од неприфаќањето. Ова е моето последно предупредување, нема да има друго!“, додаде Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж е застрелан откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида
Mаж е убиен откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида, објави Скај њуз.
Како што објавија разузнавачките служби, мажот на околу 20-годишна возраст бил застрелан околу 1:30 часот наутро.
Идентитетот на осомничениот сè уште е непознат, а обезбедувањето го забележало човекот на северната порта од имотот.
Носел оружје кое личело на пушка и канта со гориво.
Ниеден агент не е повреден.
Во тек се истраги за идентитетот на човекот и неговиот мотив за делото.
Иако Трамп често го поминува викендот на својот имот, во моментот на инцидентот тој бил во Белата куќа, во Вашингтон, а со него била и сопругата Меланија Трамп.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.

