Свет
Не сме во војна, порача Лондон по нападот врз базата на Кипар
Британската влада соопшти дека Обединетото Кралство не е во војна, и покрај нападот со дрон од иранско производство врз базата на Кралското воено воздухопловство (РАФ), Акротири, на Кипар.
Според британските власти, дронот ја погодил пистата доцна во неделата. Нема повредени, а штетата е оценета како минимална. Подоцна биле пресретнати уште два дрона насочени кон островот.
Министерот за Блискиот Исток Хамиш Фалконер изјави дека Иран не смее да располага со балистички ракети насочени кон регионот и повика на дипломатско решение.
Велика Британија не учествувала во почетните напади врз Иран, но премиерот Кир Стармер во неделата дозволи САД да ги користат британските бази за одбранбени напади врз ирански ракетни системи. Владата нагласи дека базите не смеат да се користат за напади врз политички или економски цели во Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е разочаран од одложувањето на британската одлука. Во меѓувреме, британското Министерство за одбрана соопшти дека од безбедносни причини се преместуваат семејствата на персоналот од базата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иранскиот шеф за безбедност: Подготвени сме за долготрајна војна
Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Ларијани, изјави дека Иран е подготвен за долготрајна војна и дека иранските вооружени сили не учествувале во напади освен во самоодбрана.
Во објава на платформата „Икс“, Ларијани порача дека Иран не го започнал овој конфликт и дека ќе се брани без оглед на цената.
Тој претходно порача дека Иран нема да преговара со САД. Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека новото иранско раководство сака разговори и дека тој е подготвен за тоа.
Фото: Depositphotos
Свет
Кина го поддржа Иран во одбрана од нападите, повика на итен прекин на воените операции
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со иранскиот колега Абас Арагчи изјави дека Пекинг го поддржува Техеран во одбрана на неговиот суверенитет и територијален интегритет во услови на американско-израелски напади, пренесе АФП.
Според кинеската државна телевизија ЦЦТВ, Ванг порача дека Кина го поддржува Иран во заштита на неговите „легитимни права и интереси“.
Во разговори со министрите за надворешни работи на Оман и Франција, Ванг ги повика САД и Израел веднаш да ги запрат воените операции и да се избегне понатамошна ескалација. Тој ги обвини Вашингтон и Тел Авив за „намерно поттикнување војна“ и оцени дека со тоа се прекршуваат принципите на Повелбата на ОН.
Кина, како што наведе, е подготвена да одигра конструктивна улога преку Советот за безбедност на ОН, а иранското нуклеарно прашање, според него, треба да се врати на патот на политичко и дипломатско решение.
Фото: Depositphotos
Свет
Руте: НАТО нема да учествува во воените операции против Иран
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата нема да учествува во воени операции против Иран и дека станува збор за кампања што ја предводат САД и Израел.
„Не, ова е јасно кампања што ја предводат Американците и Израелците“, изјави Руте за Би-Би-Си, одговарајќи на прашање дали силите на НАТО ќе бидат вклучени.
Тој додаде дека сојузниците на НАТО и пријателите во регионот се соочуваат со, како што рече, неселективни напади од Иран и дека Европа апсолутно ги поддржува американските потези, оценувајќи дека Иран претставува закана за Европа, Израел и поширокиот регион.
Руте посочи дека имал повеќе разговори со американски претставници и дека Вашингтон и НАТО тесно координираат, но одби да открие дали однапред знаел за нападите.
Изјавата доаѓа во услови на ескалација на конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, со меѓусебни ракетни и дрон-напади и вклучување на Хезболах во борбите од јужен Либан.

