Свет
Новиот норвешки сателит за надзор ќе открива „невидливи“ бродови
Норвешка тесно соработува со САД за развој на сателити за поморски мониторинг. Новите сателити треба да можат да детектираат бродови кои активно се обидуваат да избегнат да бидат забележани, пренесува норвешкиот национален радиодифузер НРК.
Норвешкиот сателит за надзор Норсат-3, кој есенва ќе биде лансиран од Француска Гвајана во Јужна Америка, ќе обезбеди клучна поддршка на крајбрежната стража и на управувањето со кризи.
Уникатна карактеристика на Норсат-3 е тоа што тој, за разлика од неговите претходници, не зависи од приемот на сигналите АИС од бродовите за нивно откривање туку се потпира на радарско откривање.
АИС е систем за автоматско следење што користи примопредаватели на бродовите и се користи од услугите за сообраќај на пловни објекти (ВТС). АИС обезбедува информации за идентитетот, положбата и курсот на бродовите, но може да биде исклучен или намерно наместен да покажува погрешни податоци.
Затоа, се вели дека „Норсат-3“ може да открие бродови кои активно се обидуваат да избегнат да бидат откриени, со што се обезбедуваат подобрени можности за надзор за следење на бродскиот сообраќај во територијалните води на Норвешка.
„Секој вид инструмент придонесува со малку поинакви слики така што колку повеќе технологии имаме, толку поцелосна ќе биде сликата“, изјави за НРК, Ричард Олсен, раководител на истражување во Норвешкиот институт за истражување на одбраната (ФФИ), опишувајќи го сателитот како релативно евтина помош за дневните операции на вооружените сили.
За да се заштитат од прислушување преносите меѓу сателитите и станицата за прием во Вардо, Северна Норвешка, тие ќе бидат шифрирани. Во Норвешка моментално има четири АИС сателити и сите испраќаат податоци до оперативниот штаб на вооружените сили во Бодо 15 пати на ден. Портпаролот на вооружените сили, Ивар Моен, посочи дека тие се многу важни.
Норвешка веќе работи на наследникот на сателитот, Норсат-4, кој се очекува да биде лансиран за две години. Новиот сателит го развиваат ФФИ и Норвешкиот вселенски центар во тесна соработка со американската војска.
Норсат-4 ќе користи специјално развиена напредна камера која ќе може да фотографира бродови на растојание до 600 километри, дури и за време на мрачниот период од годината на далечниот север.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Пред нас е глобална трансформација; Унгарија и Брисел немаат ист пат
Глобална трансформација е пред нас, истакна денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Украина, кризата во Венецуела, тензиите околу Гренланд, Тајван и Иран – така почна 2026 година“, наведе Орбан во објава на Фејсбук.
Тој рече дека најважната тема на денешната владина седница ќе биде одржувањето на Унгарија на „патот на мирен и стабилен развој во невидено опасно време“, пренесува МТИ.
„Ова е нашиот пат. Патот на мирот, со дела, а не со зборови“, истакна унгарскиот премиер.
Орбан додаде дека тоа е спротивно на патот на Брисел, кој вклучува воени планови, средства на ЕУ кои, според Орбан, методично се крадат во Украина.
Фото: Depositphotos
Свет
Лавров: Западот сам се изолира, поттикнува антируска хистерија
Западот, обидувајќи се да ја изолира Русија, дозволи крајно срамни ситуации на мултилатерални настани, а на крајот дојде до самоизолација на западниот свет, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Имаше апсолутно срамни ситуации кога на меѓународни настани, како што е Г20, се договорија да не се ракуваат со руските претставници. Кога нè гледаа во ходниците во близина на салата за состаноци, се преправаа дека го тргаат погледот и бегаа од нас – возрасни луѓе“, рече Лавров во интервју за време на манифестацијата „Јолка желја“ (Божиќна желба), пренесе ТАСС.
Тој додаде дека Русија активно ја развива дипломатијата со она што сега го нарекува „глобално мнозинство“ во Азија, Африка и Латинска Америка, истакнувајќи дека Западот, всушност, сам се изолирал. Лавров, исто така, ги критикуваше европските политичари дека поттикнуваат антируска хистерија.
Свет
Министрите на Германија, Франција и Полска на состанок за поддршка на Украина
Министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Полска денес попладне ќе одржат состанок на таканаречениот „Вајмарски триаголник“, а форматот ќе биде доминиран од темата за поддршка на Украина, соопшти француското Министерство за надворешни работи.
Јохан Вадефул, Жан-Ноел Баро и Радослав Сикорски ќе се сретнат во Париз, еден ден откако Елисејската палата беше домаќин на самитот на „коалицијата на подготвените“, на кој беше изразена намера Франција, Велика Британија и партнерските сили да испратат воени единици во Украина во случај на мировен договор со Русија.
По состанокот на лидерите на коалицијата, американската делегација и украинскиот претседател Володимир Зеленски беше потпишана заедничка декларација за безбедносни гаранции за Киев, во која се наведува и дека Соединетите Американски Држави ќе интервенираат воено во случај на нов напад од Русија, како и дека ќе го водат механизмот за надзор на почитувањето на прекинот на огнот.
На состанокот на Вајмарскиот триаголник, формат покренат во 1991 година во истоимениот германски град, подоцна денеска треба да му се придружи и индискиот министер Субрахманијам Џајшанкар, со кого ќе се разговара и за зајакнување на односите меѓу Европската Унија и Индија, но и за предизвиците во регионот на азиско-пацифичкиот простор.
Фото: Depositphotos

