Свет
Нови обвинувања меѓу САД и Кина – од чија лабораторија излегол вирусот
Кина го критикува барањето на американскиот претседател, Џо Бајден, американските разузнавачки агенции да почнат нова истрага за изворот на коронавирусот обвинувајќи го Вашингтон дека сака да го политизира ова прашање.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, посочи дека САД се обидуваат да ја обвинат Кина за пандемијата и ја бранеше неговата земја од сомнежите дека коронавирусот излегол од лабораторија како резултат на безбедносен пропуст.
Тој истакна дека експертите од Светската здравствена организација (СЗО) во февруари заклучиле oти претпоставката за излегување на вирусот од лабораторија е крајно неверојатнa.
„Некои во САД замижуваат пред фактите“, рече Жао додавајќи дека Соединетите Американски Држави сакаат да го свртат вниманието од, како што рече, сопствениот неспособен одговор на пандемијата. Тој исто така сугерира дека изворот на коронавирусот можеби била лабораторија на американската армија.
„Постојат многу сомнежи во врска со лабораториите во Форт Детрик, а САД имаат повеќе од 200 биолошки лаборатории во светот“, рече тој.
Ако САД побараат од Кина да учествува во целосна истрага, Кина ќе побара од САД да ја следат таквата постапка и да дозволат меѓународни истраги.
Аманда Шох, помошник-директор на националното разузнавање на САД за стратешка комуникација, објави дека истрагите ќе продолжат агресивно, а претходно беше објавено дека некои разузнавачки агенции во САД се поделени за тоа дали вирусот се проширил од заразени животни на луѓе или излегол од лабораторија.
„Разузнавачката заедница не знае точно каде, кога и како првично бил пренесен вирусот, но се фокусира на тие две веродостојни сценарија“, се вели во соопштението од кабинетот на директорката на Националното разузнавање на САД.
„Иако два елемента од разузнавачката заедница се склони кон првото сценарио, а еден кон второто, повеќето агенции веруваат дека нема доволно информации за да се процени кое сценарио е поверојатно“, се додава во извештајот.
Американскиот претседател, Џо Бајден, во средата изјави дека разузнавачката заедница на САД е поделена за потеклото на коронавирусот, без разлика дали тој преминал од заразено животно на човек или дали станува збор за лабораториска несреќа. Тој повика на продолжување на истрагата за изворот на пандемијата на Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Невреме ја погоди Романија: 200.000 домаќинства без струја
Поради обилен снег и дожд што ја зафатија Романија, околу 200.000 домаќинства останале без електрична енергија, изјави министерот за енергетика Богдан Иван, пренесе Ројтерс.
Невремето предизвикало сериозни проблеми во сообраќајот, со блокирани автопати и државни патишта, како и доцнења на десетици возови. Во Букурешт, каде што снежната покривка достигнала 40 сантиметри, јавниот превоз се одвива отежнато. Поради паднати дрвја бил прекинат патниот и железничкиот сообраќај, а училиштата се затворени во повеќе градови.
Due to heavy snow last night, expect delays & cancellations at Bucharest OTP airport today, February 18. So far:
Dan Air 508 Dublin – Bucharest will land in Craiova
Qatar Airways 219 from Doha will land in Athens
TK has cancelled flights 1043/1044 IST-OTP-IST@flightradar24 pic.twitter.com/ccmAYpj7ZO— Aeronews (@AeronewsGlobal) February 18, 2026
Од погодените 200.000 домаќинства, снабдувањето со струја било обновено за околу 86.000, додека проблеми се регистрирани во 266 населени места.
Регион
Хашим Тачи тврди дека е целосно невин и бара ослободување од Хаг, и другите тројца водачи на ОВК негираа вина
Четворица поранешни лидери на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весели – на кои им се суди пред Специјализираните совети во Хаг за воени злосторства, денеска во своите завршни зборови пред судскиот совет се изјаснија за невини и тврдеа дека обвиненијата на обвинителството против нив не се основани.
„Речиси три години во оваа сала ги слушавте обвиненијата на обвинителството. Ја слушнавте и вистината. Постои само една вистина. Јас сум целосно невин“, изјави Хашим Тачи, додавајќи дека жали за сите жртви без разлика на националноста.
Според Тачи, единствениот противник на него и на ОВК бил режимот на Милошевиќ.
„Да не беа интервенциите на НАТО-силите, Косово никогаш немаше да биде слободно и независно“, рече Тачи.
Неговата одбрана наведе дека најголемиот грев на судењето е ако се ветува многу, а се исполнува малку, истакнувајќи дека обвинителството е виновно за тоа, бидејќи ветило многу, а не презентирало ништо.
Вториот обвинет, Кадри Весели, изјави дека неговото семејство и тој „постојано биле изложени на прогон од српската држава“, а дека се вратил на Косово затоа што „не можел да остане рамнодушен кон страдањето што неговиот народ го доживувал“.
Весели истакна дека неговите постапки биле хумани и дека неговата совест е чиста.
Поранешниот лидер на ОВК, Реџеп Сељими, во завршниот збор рече дека „Србија никогаш не ги криела своите намери кон Албанците“.
„ОВК не беше создадена од желба, туку од нужда. За мене е најголема чест да бидам соборец на Адем Јашари. Да, носев оружје. Оружјето за нас беше преживување. ОВК немаше друга цел освен слободата. ОВК беше ослободителна војска“, изјави Сељими.
Јакуп Красниќи изјави дека не смета оти обвиненијата против него претставуваат правда.
„Целиот свет знае дека НАТО интервенираше поради кривичните дела извршени врз косовските Албанци. Без таа меѓународна интервенција немаше да ја имаме нашата слобода, но таа немаше да биде остварена ниту без ОВК“, рече Красниќи.
Поранешните лидери на ОВК се соочуваат со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Косово во периодот 1998–1999 година. Според обвинението, тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“.
Изнесувањето на завршните зборови во Хаг започна на 9 февруари. Главната обвинителка Ким Вест тогаш изјави дека сведочењата и доказите презентирани во текот на постапката потврдиле дека кривичните дела биле извршени и дека обвинетите се одговорни за нив. Таа побара Судот да ги прогласи обвинетите за виновни по сите 10 точки од обвинението и да им изрече единствени казни од по 45 години затвор.
Свет
Словачка прогласи вонредна состојба поради нафтата – Братислава го обвинува Киев за политички притисок
Словачкиот премиер, Роберт Фицo изјави дека транспортот на нафта преку Јадранскиот нафтовод (Јанаф) ќе биде пет пати поскап од транспортот преку нафтоводот „Дружба“, преку кој испораките не течеле повеќе од две недели.
По седница на владата, Словачка прогласи вонредна состојба во врска со снабдувањето со нафта и одлучи да ѝ даде на рафинеријата „Словнафт“ 250.000 тони нафта од државните резерви.
Фицо изјави дека транзитната такса преку Хрватска е повеќекратно повисока од онаа што се плаќа за „Дружба“ и предупреди дека ако украинскиот претседател, Володимир Зеленски, го запре протокот на нафта преку Украина, Словачка ќе плаќа повисоки цени „само затоа што Зеленски игра некои игри“.
Тој изрази сомнеж дека испораките се прекинати од политички причини и тврди дека, според словачки разузнавачки информации, оштетениот дел од нафтоводот е поправен и дека нафтата може да продолжи да тече без проблеми.
Фицо наведе дека ова го гледа и во контекст на изборите во Унгарија и оцени дека станува збор за огромен притисок врз премиерот Виктор Орбан.
Во меѓувреме, Унгарија одлучи да ги запре испораките на дизел гориво за Украина додека не се обнови транзитот преку „Дружба“. И Унгарија и Словачка се обратиле до Европската комисија за активирање механизам што би им овозможил увоз на руска сурова нафта по морски пат во случај на прекин на цевководните испораки.

