Свет
Нов Зеланд се подготвува за избори во септември
Изборната комисија на Нов Зеланд ги претстави санитарните мерки со цел во септември, и покрај пандемијата на коронавирусот, да се одржат парламентарни избори.
Премиерката Џасинда Ардерн ги закажа изборите за 19 септември уште на крајот на јануари кога Ковид-19 сè уште не беше прераснат во пандемија и оттогаш не престана да повторува дека не сака изборите да бидат одложени.
Бидејќи земјата постепено излегува од изолацијата воспоставена пред седум недели, изборната комисија потврди дека разговарала со здравствените власти за модалитетите за организирање парламентарни избори.
„Годинешните избори поради Ковид-19 ќе бидат поинакви, ќе бидат преземени мерки за да се гарантира здравјето на луѓето“, соопшти комисијата.
Ќе се почитува физичкото растојание, ќе бидат достапни средства за дезинфекција и заштитна опрема на избирачките места за персоналот и за набљудувачите на изборите, а постарите граѓани или лицата со здравствени проблеми ќе може да гласаат порано или по писмен пат.
Овие препораки не се однесуваат на изборните кампањи, како што се политички митинзи или посети на гласачи од врата на врата.
Сепак, премиерката Ардерн посочува дека нејзиниот јасен приоритет е борбата против коронавирусот.
Анкетите на јавното мислење спроведени пред пандемијата покажаа дека Лабуристичката партија на премиерката Ардерн заостанува зад Националната партија (централнодесно), но оттогаш премиерката презеде голем број мерки за борба против новиот коронавирус.
Со изборите ќе се одржат два референдума, едниот за легализација на марихуаната и другиот за евтаназија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.
Свет
(Видео) Мелони од хеликоптер го обиколи Нишеми, градот на Сицилија што го голта свлечиште
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, денес го посети сицилијанскиот град Нишеми, каде што по големо свлечиште десетици куќи се наоѓаат на работ од провалија, јави Анадолу.
Поради постепеното уривање на ридот, повеќе од 1.500 луѓе се евакуирани. Свлечиштето започнало во неделата навечер и продолжило да се шири и во понеделникот.
Шефот на цивилната заштита, Фабио Чичилијано, изјави дека куќите на работ од свлечиштето се ненаселиви и дека жителите ќе бидат преселени.
Мелони го прелетала погоденото подрачје со хеликоптер, по што се сретнала со локалните власти за проценка на состојбата.
Италијанската влада прогласи вонредна состојба за Сицилија, Сардинија и Калабрија, региони тешко погодени од силни бури. За итни потреби се издвоени околу 100 милиони евра, додека локалните власти ја проценуваат штетата на повеќе од две милијарди евра.

