Свет
Обвинителството во Турција подигна второ обвинение за убиството на новинарот Џамал Кашоги
Турското Обвинителство подигна второ обвинение против шест осомничени Саудијци во врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во 2018 година во Истанбул, пренесува „Дејли сабах“.
Обвинението против шесте осомничени лица кои се во бегство, вклучувајќи двајца вработени во саудискиот конзулат, беше одобрено од канцеларијата на јавниот обвинител во Истанбул и поднесено до Високиот кривичен суд бр. 11, каде што беше главниот претрес за случајот на 20-те обвинети.
Oбвинителството бара доживотни казни за тешко монструозно убиство со намера против двајцата вработени во конзулатот – Султан Јахја А. и Јасир Халир М. и затвор од шест месеци до пет години за четворицата други осомничени – Ахмет Абдулазиз М., Калид Јахја М., Мохамед Ибрахим А. и Обаид Гази А.
Според обвинението, двајцата вработени во конзулатот биле во тимот што го извршил убиството и по убиството, ја напуштиле Турција, а другите четворица осомничени се обвинети за напуштање на Турција по прикривањето докази со одење на местото на злосторството веднаш по убиството.
Новинарот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, беше убиен во комплексот на конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, каде што имал закажан состанок за издавање лични документи за венчавка.
По повеќедневното негирање, саудиските власти признаа дека Кашоги е убиен, а потоа судот во Саудиска Арабија им изрече смртни казни за петмината обвинети. Сепак, земјата одби да ги испорача осомничените, вклучувајќи ги и Ахмед ал-Асири, поранешен заменик-началник на саудиското разузнавање, и Сауд ал-Катани, поранешен советник на саудискиот престолонаследник, принцот Мухамед бин Салман.
Претходно овој месец, Кривичниот суд во Ријад ги преиначи смртните казни за обвинетите во затворски казни до 20 години, четири месеци откако семејството на Кашоги им прости на убијците и овозможи преиначување на казната. Судскиот процес во Саудиска Арабија беше масовно критикуван.
„ Саудискиот обвинител денес изврши уште едно дело во оваа пародија на правдата. Но, овие пресуди не носат легален и морален легитимитет“, рече Агнес Каламард, специјалната известувачка на ОН за вонсудски егзекуции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Повеќе од една третина од случаите на рак во светот можеле да се спречат, покажува нова анализа
Речиси 40 отсто од случаите на рак во светот во 2022 година биле поврзани со причини кои можеле да се спречат, според глобална анализа објавена во вторникот во списанието Nature Medicine.
Анализата е објавена во пресрет на Меѓународниот ден за борба против ракот, кој се одбележува на 4 февруари.
Истражувањето го водела Изабел Сориоматарам од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) во Лион, а утврдено е дека тутунот, алкохолот и инфекциите биле најчестите ризик-фактори.
„Околу 30 отсто од карциномите кај жените и 45 отсто кај мажите можеле да се избегнат“, покажува анализата.
Вкупно, од 18,7 милиони нови случаи на рак регистрирани на глобално ниво во 2022 година, околу седум милиони биле потенцијално спречливи, што претставува приближно 38 отсто од вкупниот број.
Истражувачите користеле глобални податоци за да ги поврзат новите случаи на рак со фактори на ризик за кои постои докажана причинско-последична поврзаност со болеста. Истражувањето ги вклучувало и однесувачките ризици како пушење, како и изложеност на еколошки и професионални ризици.
Во субсахарска Африка, 38 отсто од случаите на рак кај жените биле потенцијално спречливи, во споредба со околу 25 отсто во северна Африка и западна Азија. Во тие региони, инфекциите биле водечки спречливи причини.
Во Европа, САД, Канада и Австралија, тутунот бил најдоминантен ризик-фактор.
Коавторот на истражувањето, Андре Илбави од Светската здравствена организација (СЗО), изјавил дека овие наоди даваат прв глобален увид во уделот на случаите на рак кои може да се припишат на ризици што можат да се спречат. Тој истакнал дека разбирањето на регионалните модели може да им помогне на владите и на поединците да преземат насочени мерки за намалување на ризикот од рак.
Изабел Сориоматарам додала дека справувањето со причините кои можат да се спречат е еден од најефикасните начини за ограничување на растечкиот глобален товар од рак, за кој, според податоците на СЗО, се предвидува дека би можел да порасне за 50% до 2040 година, ако сегашните трендови продолжат.
Свет
Во Иран, жените добија дозвола да возат мотоцикли и скутери
Првиот потпретседател на Иран, Мохамад Реза Ареф, ја потпиша резолуцијата, која беше одобрена од Советот на министри на крајот на јануари, а со која на жените им се дава дозвола за возење мотоцикли и скутери.
Жените во Иран сега можат формално да добијат возачка дозвола за мотоцикли и скутери, објавува агенцијата „Илна“, со што се завршува долгогодишната правна несигурност околу возењето на овие двотркални возила, објавува „Фигаро“.
Според сообраќајниот закон, на жените не им било експлицитно забрането да ги возат, но во пракса властите не им издавале дозволи.
Поради оваа двосмисленост, жените биле законски одговорни во случај на несреќа, дури и кога самите биле жртви.
Законот сега ја обврзува сообраќајната полиција да „обезбеди практична обука за кандидатките, да организира испит под директен надзор на полицијата и да им издава возачки дозволи за мотоцикли на жените“, прецизираше „Илна“.
По Исламската револуција во 1979 година, на жените им беше забрането да се занимаваат со одредени активности некое време, а посебен предизвик за нив беа правилата за облекување – тие мораа да ја покријат косата со шамија (хиџаб) во јавност и да носат скромна облека.
Свет
(Видео) Новинарка: Што би им рекле на жртвите на Епстин? Трамп: Вие сте најлошата новинарка
На социјалните мрежи се прошири снимка од бизарниот одговор на американскиот претседател Доналд Трамп на прашање од новинарка на Си-Ен-Ен, поставено на неодамнешна прес-конференција.
Новинарката на Си-Ен-Ен, Кејтлин Колинс, го праша американскиот претседател Доналд Трамп: „Што би им порачале на жртвите на Епстин?“
Трамп ѝ одговори: „Вие сте толку лоши. Вие сте најлошата новинарка. Не е ни чудо што Си-Ен-Ен нема гледаност поради луѓе како вас. Таа е млада жена (зборува за новинарката, н.з.). Никогаш не сум ве видел да се смеете. Треба да ве биде срам.“
KAITLAN COLLINS: What would say to Epstein survivo—
TRUMP: You are so bad. You are the worst report. No wonder CNN has no ratings. She’s a young woman. I don’t think I’ve ever seen you smile. They should be ashamed of you. pic.twitter.com/lmSpVz8wXX
— Aaron Rupar (@atrupar) February 3, 2026
Американското Министерство за правда неодамна објави милиони страници документи, фотографии и видеоснимки поврзани со истрагите за сексуалните злосторства на Џефри Епстин, осуден сексуален престапник и трговец со малолетни лица. Оваа објава опфаќа речиси три милиони страници материјали кои, под притисок на јавноста и законодавците, беа направени делумно јавно достапни.
Односот меѓу Доналд Трамп и Џефри Епстин долго време е предмет на интерес на медиумите, бидејќи двајцата интензивно се дружеле во текот на 1990-тите и раните 2000-ти години, а името на Трамп се појавува илјадници пати во таканаречените досиеа на Епстин.
Иако Трамп никогаш не бил обвинет за кривични дела поврзани со него, објавувањето на списите дополнително го засили вниманието кон неговите врски и поттикна прашања за тоа како властите и политичарите постапувале со овие материјали.

