Свет
Објавени договорите за влез на четирите нови региони во Русија

Границите на регионите ДНР, ЛНР, Херсон и Запорожје, поврзани со територијата на странски земји, се државни граници на Русија, според договорите за прием на четири региони во Русија и формирање нови ентитети.
На 30 септември документите беа потпишани во Кремљ од рускиот претседател Владимир Путин и лидерите од регионот.
Во договорите, меѓу другото, стои:
– До 1 јануари 2026 година во сите четири нови субјекти ќе важи преоден рок за решавање на прашањето за воената обврска и служењето на воениот рок;
– Исто така, дотогаш треба да се решат прашањата за интеграција на новите региони во економскиот, финансискиот, кредитниот и на правниот систем на Русија, како и во системот на владините тела;
– Руското законодавство и другите нормативни правни акти влегуваат во сила во новите региони од денот на нивниот прием во Русија;
– Нормативните правни акти на регионите Херсон и Запорожје не се применуваат доколку се во спротивност со Уставот на Русија;
– Во исто време нормативните правни акти на ДНР и ЛНР важат до крајот на преодниот период или усвојувањето на соодветниот правен акт на Русија;
– Владите на ДНР и ЛНР ќе продолжат со својата работа до формирање нови администрации на вршители на должност шефови на републиките;
– Владите на регионите Херсон и Запорожје треба да формираат управи на вршители на должност гувернери во согласност со руските закони.
Договорите привремено се применуваат од датумот на потпишување, а влегуваат во сила од датумот на ратификација.
Се очекува денеска да се одржи седница на државната Дума за да се ратификува договорот, а разгледувањето на договорот во Советот на Федерацијата е закажано за утре.
„Договор меѓу Русија и Запорошката област за прием на Запорожје во Русија и формирање нов ентитет во Русија од 30 септември 2022 година“, „договор меѓу Русија и ЛНР за прием на ЛНР во Русија и формирање нов ентитет во Русија од 30 септември 2022 година“, „договор меѓу Русија и Херсонската област за прием на Херсонската област во Русија и формирање нов ентитет во Русија од 30 септември 2022 година“, „договор меѓу Русија и ДНР за прием на ДНР во Русија и формирање нов ентитет во Русија од 30 септември 2022 година“, беа објавени на официјалниот портал за правни информации, пренесе „Информер.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Неколкумина загинаа откако патнички воз излета од шините во југозападна Германија

Неколку лица загинаа, а многу други се повредени откако патнички воз излета од шините во југозападна Германија, јави ДПА, повикувајќи се на безбедносни извори.
Спасувачките тимови се на местото на настанот и го пребаруваат возот и околината во потрага по патници.
Свет
Тројца мажи завршија во болница поради топлотен удар во Кипар

Тројца мажи се хоспитализирани денеска во Лимасол и Никозија во Кипар поради топлотен удар, при што еден од нив е во критична состојба.
Во исто време, двајца постари мажи, на возраст од 78 и 89 години, се хоспитализирани во Никозија во сериозна, но стабилна состојба. Уште еден 88-годишен пациент бил примен со симптоми на топлинска исцрпеност и е надвор од животна опасност.
Се апелира населението, особено до ранливите категории, да избегнуваат директна изложеност на сонце, да бидат внимателни и да внесуваат доволно течности, поради екстремно високите температури што зафатија делови од островот.
Свет
Фон дер Лајен се сретна со Трамп во обид да се договорат околу царините

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен попладнево во шкотското место Трнбери ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, во обид да биде постигнат трговски договор во пресрет на истекот на крајниот рок – 1 август за воведување на царини од 30 отсто за извозот на европски производи во САД.
Најавувајќи ја средбата во објава на Икс, Фон дер Лајен наведе дека со Трамп ќе „разговараат за трансатлантските трговски односи и за тоа како тие може да се одржат силни“.
Американската администрација веќе воведе царина од 50 отсто за увозот на челик и алуминиум од ЕУ, од 25 проценти за автомобили и автомобилски делови, како и основен данок од 10 отсто за поголемиот дел европски производи, со кои е опфатен околу 70 проценти од вкупниот извоз на Унијата во САД.
Средбата се одржува во услови на зголемени надежи во ЕУ дека Европската комисија би можела да постигне договор со Вашингтон по примерот на оној постигнат претходно неделава меѓу САД и Јапонија за просечна царина од 15 отсто на извозот на јапонски стоки на американскиот пазар.
ЕУ се надева дека, исто така, ќе постигне договор со САД за царинска стапка од 15 проценти, која би ја вклучувала и просечната царина од 4,8 отсто што ја плаќаат европските извозници на американскиот пазар уште од пред враќањето на Трамп во Белата куќа во јануари годинава.
Средбата доаѓа откако во четвртокот Европската комисија усвои пакет контрамерки на увозот на американски стоки во ЕУ, како одговор на најавената царина од САД од 30 отсто.
Портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија и царини Олоф Гил во четвртокот изјави дека фокусот на ЕУ е на постигнување на договор со САД за царините, а доколку тоа не се случи усвоените контрамерки ќе стапат во сила на 7 август.