Свет
Објавен список на автомобили што треба да ги возат руските функционери: Лада, Москвич, Хавал
Руската влада објави список на автомобили од домашно производство што државните службеници треба да ги купат, без разлика дали се руски или кинески, како уште една потврда за инфилтрацијата на Пекинг во руската автомобилска индустрија по инвазијата на Украина. Како што Западот избегнува соработка со Русија, Москва исто така ги избегнува западните корпорации.
Руското Министерство за индустрија и трговија денеска соопшти дека составило список на автомобили кои се препорачуваат за приоритетна употреба на државните и општинските службеници за службени цели, според упатствата на претседателот Владимир Путин.
Домашните компании до денес имаат произведено широк асортиман на модели со различни технички карактеристики и опрема (шест марки и повеќе од 20 модели) кои се способни да ги задоволат потребите на службениците од различни нивоа“, потенцираат оттаму.
Потврдија дека сите производители на автомобили се обврзале да го продлабочат производството, врз основа на посебните инвестициски договори со Владата. На листата се наоѓаат пет модели на Лада, произведени од најголемиот руски производител на автомобили, Автоваз. Тоа се моделите: Vesta, Vesta SW Cross, Granta, Niva Travel и Niva Legend.
Списокот ги вклучува и брендовите UAZ (модели: Patriot, Pickup, Pro, Hunter и SGR), Aurus (модели: Senat, Komendant), Moskvich (3, 3e, 6), Evolute (модели: I-Pro, I-Joy, I-Sky) и Haval (модели: Jolion, Dargo, F7/F7x и H9). Патем, Москвич, оживеан автомобил од советската ера, е симбол на зголеменото влијание на Кина врз руската автомобилска индустрија.
Извори за Ројтерс изјавија дека моделот Moskvich 3 JAC Sehol X4 е склопен во Москва со помош на опрема купена од кинески партнер. Покрај тоа, компанијата Хавал е во кинеска сопственост, а од 2019 година произведува автомобили во својата фабрика во регионот Тула, на само 200 километри од Москва.
Весникот „Комерсант“ претходно објави и дека Кремљ им рекол на официјалните лица вклучени во подготовките за претседателските избори следната година во Русија да престанат да користат „Ајфон“ на „Епл“. Одлуката е донесена поради загриженоста дека западните разузнавачки агенции ќе го искористат фактот дека Русите ги користеле споменатите уреди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Што е спротивно на поредокот заснован на правила? Тиранија и војна“ – Калас остро на панел дискусија
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави на една панел-дискусија дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност за прекршувањето на правилата.
„Сите се повикуваат на Повелбата на Обединетите нации. Начелата постојат. Но што се случува кога некој ќе ги прекрши? Очигледно е дека одговорноста не функционира“, рече Калас.
Таа смета дека Советот за безбедност не работи според замислата и дека Обединетите нации „не го одразуваат светот каков што е денес“.
„Повеќето држави во светот сакаат поредок заснован на правила, сакаат правила што ќе го регулираат начинот на кој комуницираме и соработуваме едни со други“, додаде Калас.
Истакна дека големите меѓународни кризи низ историјата го поттикнувале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза е можност „овој свет да се развие“.
Коментирајќи го говорот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека „стариот светски поредок исчезна“, Калас заклучи:
„Која е спротивноста на светски поредок заснован на правила? Тоа се тиранија и војни. А очигледно таму се наоѓаме сега.“
Свет
Гувернерот на Калифорнија: Трамп е привремен, ќе замине за три години
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, жестоко го критикуваше Доналд Трамп, нарекувајќи го „најразорниот претседател“ во историјата на САД и обвинувајќи го дека „сѐ подлабоко тоне во глупост“.
„Никогаш во историјата на САД немало поразорен претседател од сегашниот жител на Белата куќа“, рече Њусом.
Тој смета дека Трамп „се обидува да нѐ врати во 19 век“, додека, како што истакна, Калифорнија успешно покажува дека може да спроведува политики, да се натпреварува и да доминира.
„Ако денес не запомните ништо друго, запомнете го ова: Доналд Трамп е привремен. Ќе замине за три години“, рече Њусом.
Коментирајќи ја климатската криза, тој нагласи дека таа директно ги погодува Американците: „Луѓето горат, се гушат и се варат од горештини; истовремено имаме суши и поплави, како и историски шумски пожари.“
Тој додаде дека во Калифорнија ова прашање одамна ги надминало партиските поделби:
„Калифорнија е голема сина држава, но тука живеат повеќе републиканци отколку во многу републикански држави. Ние одамна сме над партиските поделби, бидејќи нема републикански или демократски термометар. Постојат само реални температури.“
Инаку, Њусом се споменува како можен кандидат на демократите за претседателските избори во 2028 година.
Свет
Данската премиерка: Европа мора да се вооружа со сила и одлучност
Европа мора да се вооружа со сила и одлучност за да се соочи со новиот глобален „неред“, порача данската премиерка Мете Фредериксен на почетокот на дипломатската иницијатива на Минхенската безбедносна конференција.
Голем дел од вниманието на овој важен собир е насочен токму кон Данска и нејзината делегација, а значењето на присуството на Фредериксен беше потврдено и од германскиот политичар Фридрих Мерц, кој во својот говор експлицитно ја спомена Фредериксен и поддршката што ѝ ја дава Европа.
Премиерката пристигна во Минхен во придружба на министрите за надворешни работи и одбрана, а конференцијата претставува прва значајна можност за директни разговори со претставници на САД и други партнери по дипломатската криза предизвикана од спорот околу Гренланд.
Во рамки на дипломатските активности, најавен е и состанок меѓу Фредериксен и американскиот државен секретар Марко Рубио, а една од клучните теми ќе биде токму прашањето за Гренланд.

