Свет
Речиси 100.000 луѓе ги преплавија улиците на 50. ден протести во Белорусија
Приближно 100.000 луѓе во белоруската престолнина Минск излегоа во неделата на 50. последователен ден на антивладините протести во земјата, пренесува Радио Слободна Европа.
Групата за човекови права „Вјасна“, со седиште во Минск, објави дека државните безбедносни сили привеле околу 380 лица во Белорусија за време на митинзите на 27 септември, кои се одржаа и надвор од главниот град. При протестите во саботата беа уапсени речиси 150 лица.
Министерството за внатрешни работи на Белорусија објави слични податоци велејќи дека повеќе од 350 лица биле приведени за време на демонстрациите, со што вкупниот број апсења за време на викендот се искачи на 500.
Демонстрациите во неделата беа последните во речиси два месеца протести против резултатите од претседателските избори во Белорусија на 9 август. На изборите победи белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој владее со Белорусија како нејзин прв и единствен претседател од 1994 година, и беше избран за шести последователен мандат на функцијата.
По изборите, неистомислениците излегоа на улиците отфрлајќи ги резултатите. Тие ја обвинија Државната изборна комисија дека со измама му ја предала победата на Лукашенко и го повикаа да се повлече. Белоруските државни безбедносни сили презедоа мерки против демонстрантите приведувајќи приближно 12.000 лица од почетокот на протестите, според „Вјасна“.
Лукашенко официјално положи заклетва на церемонијата во Минск на 23 септември. На денот на инаугурацијата белоруската државна новинска агенција „Белта“ објави дека церемонијата се одвивала во главниот град со присутни неколку стотици високи владини претставници.
По претходно ненајавената церемонија, членките на Европската Унија и САД издадоа изјави, во кои се вели дека не го признаваат легитимитетот на Лукашенко како претседател на Белорусија.
Демонстрациите во неделата делумно беа реакција на инаугурацијата на Лукашенко минатата недела. Демонстрантите ги организираа настаните како инаугурација на народот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Свет
Белгискиот министер ги предупреди европските лидери поради изјавите за нуклеарното оружје: „Држете го јазикот за заби“
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен ги критикуваше европските лидери поради, како што наведе, премногу отворените изјави за нуклеарното оружје.
„Кога станува збор за нуклеарното одвраќање, навистина не разбирам зошто европските лидери се толку брборливи. Тоа не е мудро. Ве молам, држете го јазикот за заби“, порача Франкен на платформата „Икс“, реагирајќи на интервју на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесе „Политико“.
Во интервјуто, Мерц ја исклучи можноста Германија да развие сопствено нуклеарно одвраќање, но рече дека германските борбени авиони потенцијално би можеле да носат француско и британско нуклеарно оружје. Германија и Белгија се дел од американската програма „нуклеар шеринг“, во рамки на која нивните воздухопловни сили можат да носат американски нуклеарни бомби.
Изјавите на Мерц и Франкен доаѓаат во момент кога се интензивира дебатата за европското нуклеарно одвраќање во пресрет на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на 2 март. Се очекува Макрон да испрати пораки за улогата на францускиот нуклеарен арсенал во европската безбедност.
Белгискиот министер за одбрана се осврна и на коментарите на Мерц за проектот „Фјучр Комбат Ер Систем’ (Future Combat Air System) – борбен авион од нова генерација што го развиваат Германија, Шпанија и Франција.
„Системот е мртов, според германскиот канцелар во овој подкаст. Нема да има француско-германски борбен авион од шеста генерација. Белгија беше набљудувач во таа програма. Ќе ја преиспитаме нашата позиција“, наведе Франкен.
SCAF is dood aldus de Duitse bondskanselier @bundeskanzler in deze podcast. Er komt geen Frans-Duits zesde generatie jachtvliegtuig.
België was observator in het programma. We zullen onze positie herbepalen.
Ivm de nucleaire afschrikking begrijp ik echt niet waarom Europese…
— Theo Francken (@FranckenTheo) February 18, 2026

