Свет
Речиси 200 луѓе сослушани во врска со труењето на Навални
Руското Министерство за внатрешни работи за Сибирскиот округ објави дека полицијата испрашала речиси 200 лица во врска со случајот со Алексеј Навални. Додадено е дека вработените во Фондот за борба против корупцијата повторно се сослушуваат.
Како што е наведено, соработниците од сообраќајната полиција спровеле широк спектар на истражни дејства, а на распит биле и граѓаните што биле во контакт со Навални или биле сведоци на неговиот престој во Томск и Томската област, како и некои од патниците што летале во истиот авион со него, јавува ТАСС.
На 20 август на Навални му се слошило на летот од Томск кон Москва, а авионот во кој се наоѓал итно слетал во Омск.
Навални бил пренесен во болница, каде што паднал во кома, а неговите приврзаници тврдат дека тој бил отруен со нешто што му било истурено во чајот на аеродромот.
Лекарите од болницата во Омск тогаш објавија дека неговата здравствена состојба е стабилна и дека според резултатите од испитувањето, не се пронајдени знаци на труење.
По барање на семејството, Навални беше префрлен во болница во Берлин на 22 август.
На 2 септември, германската влада, повикувајќи се на лабораторијата во Бундесверот, објави дека Навални е отруен со супстанција од групата хемиски воени отрови новичок.
Москва го отфрла тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Европските земји подготвени да испратат до 15.000 војници во Украина по прекинот на огнот
Европските земји се подготвени да испратат меѓу 10.000 и 15.000 војници во Украина во првите шест месеци по прекинот на борбите, во рамки на безбедносните гаранции, пишува германскиот весник „Ди Велт“.
Како што наведува весникот, овие сили би имале задача да го надгледуваат можниот прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
Според информации од дипломатски кругови во Брисел, плановите за тоа како би изгледале безбедносните гаранции за Украина веќе се подготвени.
„Плановите главно ги развиле воени експерти од вооружените сили на Обединетото Кралство и Франција, во соработка со Брисел“, изјавиле дипломатски претставници запознаени со текот на преговорите.
Се наведува дека токму Франција и Обединетото Кралство се подготвени, доколку биде потребно, да го надгледуваат почитувањето на прекинот на огнот со користење копнени сили.
Проценките се дека бројот на војници во мисијата би изнесувал меѓу 10.000 и 15.000 во првите шест месеци по завршувањето на конфликтот.
Дополнително, дипломатските извори истакнуваат дека Франција и Обединетото Кралство се подготвени да учествуваат во надзорот на прекинот на огнот дури и без мандат од Обединети нации или Европска Унија.
За започнување на мисијата би бил доволен само повик од Украина. Надзорот на прекинот на огнот од воздух и од море би го обезбедувале државите што граничат со Украина, додека Турција исто така има важна улога во развојот на плановите, бидејќи би можела да го надгледува регионот на Црното Море.
Свет
„Њујорк тајмс“: ЦИА тајно ѝ помагала на Украина во нападите врз руските нафтени рафинерии
Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) тајно ѝ помагала на Украина со обука и разузнавачки податоци за напади врз клучни руски нафтени рафинерии и т.н. „флота во сенка“, која Русија ја користи за заобиколување на санкциите, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски и украински функционери.
Според весникот, од јуни, со одобрение на американскиот претседател Доналд Трамп, ЦИА доставувала прецизни разузнавачки информации за засилување на украинските воздушни напади врз руската нафтена инфраструктура. Нападите довеле до значително намалување на преработката на нафта во Русија, пад на извозот и недостиг на гориво, со проценета дневна загуба од околу 75 милиони долари.
Извори наведуваат дека Трамп ги пофалил нападите како средство за зголемување на преговарачкиот притисок врз рускиот претседател Владимир Путин, иако во Белата куќа постоеле поделени ставови, а во одреден период била замрзната и размената на разузнавачки информации.
Весникот наведува и дека Украина, со поддршка од ЦИА, започнала поморска кампања со дронови против „флотата во сенка“ – мрежа од бродови што транспортираат санкционирана нафта – со цел да се намали финансирањето на руската економија и да се зајакне позицијата на Киев во мировните преговори.
Регион
Вучиќ: Верувам дека ќе се радуваме на феноменални вести во следните 24 часа
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека имал важни разговори во врска со српската нафтена индустрија со администрацијата во Вашингтон, OFAC и Стејт департментот, како и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, пренесува „Н1“.
Подетални информации за тоа што ова значи за Србија и решавањето на санкциите против NIS ќе презентира претседателот утре, според РТС. Претходно денес, Вучиќ им ја честиташе Новата година на граѓаните на Србија и нагласи дека верува дека во следните 24 часа ќе се радуваат на феноменални политички вести.
„Драги граѓани, среќна Нова Година, а во следните 24 часа, верувам дека ќе се радуваме на феноменални политички вести. Работевме напорно, го заслуживме тоа! Да живее Србија“, рече Вучиќ.
Компаниите што беа јавно споменати како можни купувачи на рускиот удел во НИС беа унгарскиот МОЛ и Националната нафтена компанија Абу Даби (АДНОК). Порано во текот на неделата, српската министерка Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека и НИС и МОЛ се обратиле до ОФАК, без да ја прецизира содржината на тоа барање.
Санкциите против НИС стапија на сила на 10 јануари, кога ОФАК го додаде НИС на листата на санкции на СДН, а нивното спроведување е одложено осум пати. Последната издадена лиценца истече на 8 октомври 2025 година, според извештајот на самата компанија од Белградската берза. Моментално се работи на обезбедување лиценца што ќе му овозможи на НИС да работи додека конечно не биде отстранета од листата на СДН.
Нафтената индустрија на Србија е во мнозинска сопственост на Русија. „Газпромнефт“ има удел од 44,85 проценти, Србија 29,87 проценти, а „ЈСК Интелиџенс“ 11,3 проценти (исто така дел од групацијата „Газпром“).
Фото: Depositphotos

