Свет
Олена Зеленска и Јулија Навална ја одбија поканата на Бајден: првата дама на Украина и вдовицата на Навални нема да бидат во иста просторија
Олена Зеленска, првата дама на Украина, нема да присуствува на утрешниот говор на американскиот претседател Џозеф Бајден за состојбата на нацијата во Конгресот на САД и покрај поканата на Белата куќа, најверојатно, поради најавеното присуство на вдовицата на Алексеј Навални – Јулија.
„Поради планираните настани во распоредот, вклучително и посетата на децата од сиропиталиштето во Киев, која беше однапред планирана, првата дама, за жал, нема да може да учествува на настанот“, изјавија за „Политико“ од кабинетот на Зеленска.
Сепак, „Вашингтон пост“ објави дека уште една причина зошто Зеленска ја одбила поканата е затоа што таа требало да седи во близина на првата дама на САД, Џил Бајден, и Јулија Навални, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој почина во руски затвор минатиот месец.
„Вашингтон пост“ наведува дека тоа предизвикало непријатност кај највисокото раководство на Украина бидејќи многу Украинци не ги гледаат Навални и другите руски опозиционери како сојузници во борбата против рускиот претседател Владимир Путин.
Се наведува дека тоа се должи на забелешките на Навални дека Крим е дел од Русија. Навални подоцна јавно го поддржа обновувањето на границата на Украина во 1991 година, а се спротивстави на рускиот напад врз Украина.
Сепак, и Јулија Навални ја одбила поканата на Белата куќа наведувајќи го заморот како причина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Крвава ноќ во Калуѓерица, маж по расправија со девојка се прободел со кујнски нож
Д.Г. (40) се повредил со нож во пределот на стомакот по расправија со девојка. Инцидентот се случил во белградската населба Калуѓерица, по што повредениот бил пренесен во Ургентниот центар.
По жестока расправија со девојка, во белградската населба Калуѓерица се случил инцидент кога Д.Г. (40) си забодел кујнски нож во стомакот. Повредениот маж веднаш бил пренесен со возило на брза помош во Ургентниот центар, каде што добил итна медицинска помош.
Инцидентот се случил пред две ноќи, а припадници на полицијата веднаш излегле на местото на настанот и ги испрашале момчето и девојчето кои биле присутни во куќата во моментот на инцидентот кога мажот се самоизбодел.
Девојката потврдила за полицијата дека имале жестока расправија, по што Д.Г. го зел сечилото и го забодел во стомакот. Откако лекарите во Ургентниот центар ја санирале раната, Д.Г. бил пуштен на домашно лекување. Случајот е окарактеризиран како несреќен настан по семеен разговор, а понатамошната истрага ќе ги утврди сите релевантни факти.
Свет
НАТО планира значително да го зголеми оружјето и муницијата
НАТО планира значително да го зголеми оружјето и муницијата на своето источно крило, како и да создаде нова одбранбена зона базирана на роботизирани и автоматизирани технологии, објави ДПА.
Мерките имаат за цел да го зајакнат ефектот на одвраќање против Русија, изјави бригадниот генерал Томас Ловин за неделното издание на германскиот весник „Велт“.
Според новиот, повеќеслоен одбранбен концепт, НАТО ќе се стреми да го забави или запре потенцијалниот противник во рана фаза користејќи високотехнолошки системи.
Ќе биде изградена зона по должината на границите на алијансата со Русија и Белорусија која во голема мера ќе се потпира на надзор, како и на далечински контролирани или полуавтоматизирани системи. Секој напаѓач прво ќе мора да ја надмине оваа зона пред да може да напредува понатаму.
Ловин, заменик-началник на штабот за операции во Копнената команда на НАТО во Измир, објасни дека надзорот на источното крило ќе се врши преку системи за собирање податоци на земја, во воздух, во вселената и во дигиталниот простор. Овие информации ќе им бидат доставени на сојузниците во реално време. За таа цел може да се користат и стационарни и мобилни средства – радар, акустични и оптички сензори, како и податоци од сателити, беспилотни летала и извидувачки авиони.
НАТО планира да воспостави таканаречена жешка зона веднаш по границите, чија задача ќе биде да ги запре или забави напаѓачите во почетната фаза. Во неа може да бидат распоредени вооружени беспилотни летала, полуавтономни борбени возила, роботизирани системи и автоматизирани средства за воздушна одбрана. Ловин нагласи дека луѓето ќе ја задржат водечката улога во одлуките за употреба на сила, во рамките на меѓународните правила и етички стандарди.
Свет
Сопственикот на Кран Монтана каде загинаа 40 лица, излезе од притвор со гаранција од 200.000 швајцарски франци
Сопственикот на барот во швајцарското скијалиште Кран Монтана, во кој загинаа 40 лица во пожар за време на новогодишна забава, е пуштен на слобода откако судот му го укина притворот.
Жак Морети е пуштен на условна слобода, соопшти судот во Сион, во швајцарскиот кантон Вале.
Морети мора да ги предаде личните и патните документи, нема право да ја напушти земјата, должен е секојдневно да се јавува во полиција и да плати кауција. Судот соопшти дека на сметката на обвинителството се уплатени 200.000 швајцарски франци, наводно од негови блиски пријатели. Слични услови важат и за неговата сопруга Џесика.
Според првичните истраги, за време на новогодишната забава во барот „Le Constellation“, прскалките ја запалиле пената на таванот, по што пожарот се проширил исклучително брзо.
Во пожарот загинаа 40 лица, меѓу кои и голем број малолетници. Вкупно 116 лица беа повредени, од кои 80 со тешки изгореници.

