Свет
Опозицијата во Турција ги оспорува изборните резултати
Турската опозиција поднесе жалби за наводни нерегуларности на илјадници избирачки места во Турција по изборите во неделата, на кои актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган оствари подобар резултат од очекуваното, пренесува „Ројтерс“.
Мухарем Екрек, висок функционер на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), изјави дека се забележани разни неправилности, од само еден лошо преброен глас до стотици такви гласови.
Тој рече дека ЦХП поднела приговори на 2.269 избирачки места за претседателските избори и на 4.825 избирачки места за парламентарните избори, кои исто така се одржаа во неделата.
Сепак, од опозициската партија се свесни дека приговорите веројатно нема да го променат резултатот од претседателските избори, во чиј втор круг на 28 мај силите ќе си ги измерат Ердоган и неговиот главен ривал Кемал Киличдароглу.
„Го следиме секој глас, дури и ако тоа не го менува конечниот резултат. На изборите во Турција имаше вкупно 201.807 избирачки места“, рече Екрек и додаде дека приговорите се поднесени во законскиот рок.
Претставниците на ЦХП ги повикаа младите гласачи да го поддржат нивниот кандидат во вториот круг тврдејќи дека првиот круг покажа дека Ердоган ја изгубил довербата што ја барал.
Партијата АКП на Ердоган и нејзините сојузници ги изненадија анкетарите и постигнаа стабилно мнозинство на парламентарните избори. На претседателските избори Ердоган освои 49,39 отсто од гласовите, а Киличдароглу 44,9 отсто, пренесе „Анадолија“.
Победата на Ердоган, веројатно, ќе му оди во прилог на официјален Кремљ, но ќе ја вознемири администрацијата на Бајден, како и многу лидери на европските и блискоисточните земји, кои имаа проблематични односи со него.
Анкетите во Турција традиционално се познати по тоа што не се премногу веродостојни, изјави неодамна истражувачот и соработник на Институтот за европски студии, Србољуб Пеовиќ, за „РТ Балкан“.
„Се очекуваше дека Ердоган ќе добие повеќе гласови бидејќи анкетите во Турција се доста несигурни. Тие имаат тенденција да изоставуваат одредени групи население, како што се дијаспората, бирократите и националистите, кои немаат доверба во анкетите. Добра лекција за тоа беа изборите во 2018 година кога анкетите промашија во речиси сите прогнози“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Русија има негативен став за истекот на новиот договор за намалување на стратешкото оружје
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека Русија има негативен став за истекот на Новиот договор за намалување на стратешкото оружје (Нов СТАРТ) и жали за неговото истекување.
„Договорот истекува. Ние го гледаме негативно и изразуваме жалење“, изјави Песков пред новинарите, додавајќи дека руската иницијатива да се задржат ограничувањата од договорот уште една година по истекот не добила одговор од другата страна.
„Нашата иницијатива да се задржат ограничувањата уште една година, дури и по истекот на овој документ, исто така останува неодговорена“, изјави Песков пред новинарите кога беше прашан како Кремљ го гледа идниот развој на новиот „СТАРТ“ договор.
Песков рече дека новиот „СТАРТ“ договор истекува во четврток, 5 февруари, по 24 часа.
„Денес е така, денес на крајот на денот, тој (СТАРТ) престанува да важи“, рече портпаролот.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена да продолжи да ги почитува ограничувањата на новиот „СТАРТ„ една година по неговото истекување, под услов САД да возвратат со истите мерки.
Според медиумите, американскиот претседател Доналд Трамп го оценил предлогот на Путин како добра идеја.
Песков нагласи дека Русија првенствено ќе се води од сопствените национални интереси во прашањата за стратешка стабилност.
Оваа изјава следеше по видеоконференцијата меѓу Путин и кинескиот претседател Џјинпинг, одржана на 4 февруари, за време на која, според претходните информации од Кремљ, беше дискутиран и договорот за новиот „СТАРТ“.
Кога станува збор за теориите што ги пренесуваат медиумите за можна поврзаност помеѓу случајот со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн и руските разузнавачки агенции, Песков рече дека овие изјави можат да се коментираат на кој било начин, но не сериозно.
„Сè освен сериозно. Би сакал да се пошегувам за овие теории“, им рече Песков на новинарите, пренесува Танјуг.
Свет
Виткоф објави дека е постигнат првиот договор меѓу Русија и Украина по пет месеци
Ексклузивните разговори во Абу Даби донесоа конкретен резултат, Русија, Украина и Соединетите Американски Држави постигнаа договор за размена на затвореници, прв по петмесечен застој во овој чувствителен процес, пренесуваат медиумите во регионот.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Виткоф, го објави договорот на социјалните мрежи, нагласувајќи дека делегациите на трите страни прифатиле размена на вкупно 314 затвореници.
„Денес, делегациите од Соединетите Американски Држави, Украина и Русија се согласија да разменат 314 затвореници – прва таква размена во последните пет месеци“, рече Виткоф, оценувајќи дека договорот е постигнат благодарение на „детални и продуктивни преговори“.
Размената е договорена како дел од втората рунда преговори за решавање на конфликтот во Украина, која започна на 4 февруари во Абу Даби. Според достапните информации на медиумите, составот на руската делегација останал непроменет во споредба со претходниот состанок одржан на 24 јануари, а преговарачкиот тим на Москва го предводи Игор Костјуков, началник на Генералниот директорат на Генералштабот на руските вооружени сили.
Иако деталите за самата размена не се објавени, договорот во дипломатските кругови се толкува како мал, но значаен потег во услови на длабока недоверба и ограничен дијалог. Во исто време, тој укажува дека каналите за комуникација меѓу завојуваните страни и Вашингтон остануваат отворени, барем во прашања од хуманитарна природа, и покрај продолжувањето на политичките и воените тензии.
РЕ-Дигитал
Албанија ја укина забраната за TikTok
Албанија ја укина привремената едногодишна забрана за пристап до платформата TikTok, објавија локалните медиуми, пренесува агенцијата Анадолу.
Албанскиот совет на министри ја поддржа одлуката за укинување на привремената мерка со која се ограничува пристапот до платформата TikTok на територијата на таа земја, наведувајќи дека „прашањата во областа на јавната и социјалната безбедност во дигиталната средина веќе се решени“, објавија локалните медиуми.
Во март 2023 година, Албанија го забрани пристапот до платформата TikTok по убиството на 14-годишниот Мартин Цани во близина на училиштето „Фан Ноли“ од негов врсник. Цани беше избоден пред училиштето по тепачка меѓу две групи што ескалираше преку социјалните медиуми.
Еден месец подоцна, владата одлучи да го забрани TikTok. Таткото на момчето и TikTok тврдеа дека Мартин не ја користел платформата.
„Социјалните мрежи, особено TikTok и Snapchat, секојдневно ги влечат нашите деца во своите лавиринти уште од мали нозе“, рече албанскиот премиер Еди Рама во медиумско појавување по убиството во Тирана.
Одлуката за укинување на забраната за TikTok ќе стапи на сила по објавувањето во „Службен весник“, по што албанските граѓани повторно ќе можат да ја користат платформата.

