Свет
Орбан: Војната во Украина нема да заврши додека Трамп и Путин не седнат на преговарачка маса
Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на директна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп опишувајќи го тоа како единствен реалистичен начин за завршување на конфликтот во Украина, објавува „24.ху“.
Во интервју за јутуб-каналот Ultrahang објавено вчера Орбан го нарече Трамп човек на мирот, но изрази скептицизам во врска со искреноста на другите западни влади и функционери во Киев.
„Сите велат дека сакаат мир, но војната сè уште трае. Тоа значи дека некој лаже“, рече тој обвинувајќи ги некои страни дека имаат свои интереси во продолжувањето на војната.
„Тие сакаат војната да продолжи, без разлика што велат. Договорот нема да дојде од Киев. Мора да дојде од Вашингтон и од Москва. Дотогаш нема да има мир. Конфликтот нема да заврши сè додека рускиот и американскиот претседател не седнат на преговарачка маса“, рече Орбан.
Тој изрази надеж дека таков состанок би можел да постави основа за широк договор, што би ја опфатил не само Украина туку и глобалната трговија и контролата на оружјето.
Претходно оваа недела, Трамп изјави дека е многу, многу незадоволен од Путин и им се закани на трговските партнери на Москва со сериозни секундарни тарифи ако нема дипломатски напредок во рок од 50 дена.
Будимпешта постојано ги критикува напорите за вооружување на Киев и се спротивставува на неговите амбиции за членство во ЕУ и НАТО предупредувајќи дека тоа го продолжува конфликтот на сметка на европската економија и даночните обврзници.
По враќањето на функцијата во јануари, Трамп имаше неколку телефонски разговори со Путин и размени изјави за тоа кој е одговорен за недостигот на напредок – Москва или Киев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Приведен еден осомничен за пукањето на Универзитетот Браун во САД
Полицијата во Провиденс приведе едно лице во врска со пукањето на Универзитетот Браун, во кое загинаа двајца студенти, а девет други беа повредени.
Портпаролката на службата за јавна безбедност на Провиденс, Кристи ДосРејс, за Ројтерс изјави дека „лице од интерес“ е во притвор по пукањето на универзитетот во Род Ајленд.
Повеќе од 400 полицајци беа ангажирани да бараат осомничен кој влегол со огнено оружје во зграда каде студентите полагале испити.
Пристапот до делови од кампусот беше ограничен, а полицијата остана на местото на настанот.
Агенти од ФБИ и Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви соработуваат со локалната и државната полиција во истрагата.
Службениците објавија видео од осомничениот, за кој се верува дека е маж на околу 30 години облечен во црно.
Истражителите пронашле чаури на местото на настанот, а вооружениот напаѓач избегал по пукањето.
Свет
Зеленски: Украина се откажува од НАТО во замена за безбедносни гаранции
Украина е подготвена да се откаже од членството во НАТО во замена за западни безбедносни гаранции, како компромис за завршување на војната со Русија, изјави претседателот Володимир Зеленски пред разговорите со американски претставници во Берлин.
Зеленски оцени дека безбедносните гаранции од САД, европските земји и други партнери, би можеле да спречат нова руска инвазија и претставуваат значаен отстап од украинска страна.
Тој потсети дека членството во НАТО долго време беше стратешка цел на Украина и дел од уставните определби на земјата.
Иако официјалниот состав на разговорите во Берлин не е објавен, американски функционер потврди дека специјалниот пратеник на поранешниот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер ќе учествуваат на средбите со украински и европски претставници.
Свет
(Видео) Храбар случаен минувач го совлада и разоружа еден од напаѓачите на плажа во Сиднеј
На плажата Бонди во Сиднеј се случи пукaње, во кое, според последните информации, 12 лица се убиени, а 29 се повредени.
Светските медиуми објавуваат видео од социјалните мрежи на кое се гледа како минувач совладува и разоружува еден од напаѓачите.
Видео објавено на социјалните мрежи, според „Гардијан“, покажува како минувач го соборува на земја еден од напаѓачите на плажата Бонди и му го грабнува пушката.
Пукањето официјално беше прогласено за терористички чин.
Еден вооружен напаѓач е исто така убиен, а вториот осомничен е во критична состојба, соопшти полицијата.
На плажата се одржувал настан по повод почетокот на Ханука, еврејскиот празник на светлината, на кој присуствувале повеќе од 1.000 луѓе, соопшти полицијата.

