Свет
Орбан: Унгарскиот парламент наскоро може да го одобри барањето на Шведска за членство во НАТО

Унгарскиот парламент може да го ратификува барањето на Шведска за членство во НАТО кога ќе се состане на пролетната сесија на крајот на овој месец, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Добра вест е што нашиот спор со Шведска наскоро ќе биде завршен“, рече Орбан, пренесе Ројтерс.
Орбан додаде дека тој и шведскиот премиер Улф Кристерсон презеле чекори за обнова на довербата меѓу двете земји.
Орбан не кажа кои се тие чекори, наведува британската агенција.
Се очекува унгарскиот парламент да ја започне седницата на 26 февруари.
Двопартиска делегација од американскиот Конгрес ќе ја посети Унгарија во недела за да изврши притисок врз Будимпешта да ја ратификува кандидатурата на Шведска за членство во НАТО кога унгарскиот парламент повторно ќе се состане по зимскиот распуст, соопшти во петокот Амбасадата на САД во Будимпешта.
Амбасадата објави дека сенаторите патуваат во Унгарија за да разговараат за „стратешките прашања со кои се соочуваат НАТО и Унгарија“ со унгарските власти.
„Пристапувањето на Шведска во НАТО е прашање што директно влијае на националната безбедност на САД, а исто така и на безбедноста на Алијансата како целина“, рече американскиот амбасадор во Будимпешта Дејвид Пресман претходно овој месец.
Унгарија е единствената земја членка на НАТО која го нема ратификувано шведското барање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп објави: Непријателствата се решени

Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека непријателствата меѓу Пакистан и Индија се решени откога ги повика двете земји да се фокусираат на трговијата наместо на војната.
Во обраќањето пред американските трупи во воздухопловната база Ал Удеид во Катар за време на турнејата на Блискиот Исток, Трамп рече дека Пакистан и Индија се задоволни од тоа, објави „Ројтерс“.
Соседните нуклеарни земји го завршија конфликтот, кој траеше од 7 до 10 мај, кога се согласија на прекин на огнот по дипломатски разговори и притисок од САД.
Како што е најавено, денес во текот на денот Трамп ќе отпатува во Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати на последниот дел од неговата турнеја на Блискиот Исток, која трае од 13 до 16 мај.
Свет
(Видео) Русија: Турција ги одложи преговорите за попладне; Зеленски пристигна во Анкара

Предложените разговори меѓу Русија и Украина во Истанбул се одложени за четврток попладне на иницијатива на турската страна, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Рускиот претседател Владимир Путин предложи директни преговори со Украина во Истанбул во неделата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна денес во турската престолнина Анкара на средба со турскиот шеф на државата, Реџеп Таип Ердоган, а во Истанбул рускиот и украинскиот лидер чекаат одделно да почнат преговорите.
Авионот на украинскиот претседател слета на аеродромот „Есенбога“ во Анкара и е закажана средба со Ердоган напладне.
Зеленски претходно оваа недела изјави дека е подготвен да разговара само со Путин предизвикувајќи го да дојде во Истанбул ако е доволно храбар.
Кремљ одговори дека Русија не се согласува со ултиматуми. Двете страни последен пат имаа директни разговори во март 2022 година, исто така во Истанбул, само неколку недели откако Путин нареди напад врз Украина.
Двете страни се обидуваат да му докажат на американскиот претседател Доналд Трамп дека се сериозни во врска со мировните напори.
Американскиот претседател моментно е на турнеја на Блискиот Исток, а изјави дека ќе дојде во Турција еден ден подоцна „доколку тоа би било соодветно“.
Регион
Конститутивната седница на собранието на Косово одложена 16. пат

Конститутивната седница на собранието на Косово денес беше одложена шеснаесетти пат откога повторно не беше прифатен предлогот на движењето Самоопределување за одржување тајно гласање за избор на претседател на собранието.
55 од присутните 111 пратеници гласаа за формирање комисија, која ќе го надгледува тајното гласање.
Седницата е закажана да продолжи в сабота, 17 мај, во 10.30 часот.
Самоопределување исто така побара тајно гласање за претседател на собранието на последните шест седници, но опозициските Демократската лига на Косово, Демократската партија на Косово и Алијансата за иднината на Косово, како и Српската листа, се против тоа одбивајќи да предложат членови на комисијата за тајно гласање.
Кандидат на Самоопределување за претседател на собранието е сè уште Албуљена Хаџиу, иако во шест обиди за избор таа никогаш не добила повеќе од 57 гласа, а за избор на претседател на собранието се потребни 61 глас.
Поради неможноста за конституирање на собранието, претседателката Вјоса Османи за денес закажа консултации со претседателите на партиите.
Конститутивната седница почна пред 30 дена, на 15 април, а врз основа на резултатите од изборите одржани на 9 февруари ниедна партија нема доволно мандати за самостојно да формира влада.
Самоопределување има 48 мандати, Демократската партија на Косово – 24, Демократската лига на Косово – 20, Алијансата за иднината на Косово и иницијативата „Нисма“ – 8, Српската листа – 9, Партијата за слобода, правда и опстанок – 1, а преостанатите 10 мандати им припаѓаат на претставници на другите немнозински заедници.