Свет
Откриена е локацијата на телото на Навални, на него биле пронајдени траги од модринки
Новаја газета Европа дознава дека телото на рускиот опозиционер и најгласниот критичар на претседателот Владимир Путин, Алексеј Навални, се наоѓа во мртовечницата во болницата во Салехард, град недалеку од затворот во кој бил сместен.
По ненадејната смрт на Навални во петокот, неговото тело најпрво било однесено во градот Лабитнанги, 36 километри оддалечен од затворската колонија каде што служел 19-годишна затворска казна во далечниот северен руски град Харп, изјавиле неименувани извори за Новаја Газета Европа.
Тие додадоа дека подоцна во петокот, телото било пренесено во окружната клиничка болница во регионалниот главен град Салехард.
„Вообичаено, телата на починатите во затворот се носат директно во Управата за судска медицина на улица „Глашкова“, но во овој случај, поради некоја причина, пренесено е во клиничката болница“, изјави болничар во Итната помош во Салехард.
Тој додаде дека бил донесен во мртовечница, а потоа пред вратата биле стационирани двајца полицајци.
„Можеа да постават натпис ‘нешто мистериозно се случува овде’. Секако, сите сакаа да знаат што се случило, зошто толку тајност и дали се обидуваат да сокријат нешто сериозно“, вели неименуваниот болничар.
Набрзо се дознало дека станува збор за телото на Алексеј Навални и дека неговата смрт не била од „криминална природа“, што е термин што се користи за да се означи дека било употребено огнено оружје, додаде изворот и рече дека тогаш се проширила гласина дека на болничките патолози им било забрането да вршат обдукција.
„По тој момент мислењата беа поделени. Некои велеа дека од Москва дошла наредба да се чека пристигнување на експерти од главниот град, а други дека самите болнички лекари одбиле да направат обдукција. Случајот е политички и не е јасно во што ќе се претвори. И, ако направите обдукција и добиете директна наредба за промена на резултатот, нема да можете да излезете. А, исто така, на крајот може да испаднете дека сте виновни… А ако нема обдукција, никој нема што да праша“, додава изворот.
Тој исто така рече дека му било кажано дека на телото на Навални биле пронајдени модринки, но се чини дека не се од тепање.
„Како искусен болничар можам да кажам дека модринките, според оние што ги виделе, најверојатно дошле од конвулзии… Ако некој се грчи, а другите се обидуваат да го задржат, а грчевите се многу силни, тогаш се појавуваат модринки . Тие исто така (оние кои го видоа телото на Навални) рекоа дека тој има модринка на градите – предизвикани од индиректна масажа на срцето. Изгледа се обиделе да го реанимираат, а тој најверојатно починал од срцев удар. Но, никој ништо не кажува зошто имал срцев удар“, изјави болничарот.
Алексеј Навални почина во поправната колонија број 3 во автономниот округ Јамало-Ненец на 48-годишна возраст, објави во петокот регионалниот оддел на Федералната казнена служба.
„На 16 февруари годинава, во воспитно-поправниот дом бр.3, осудениот Навални А.А. се чувствуваше лошо по прошетката, губејќи свест речиси веднаш. Итно пристигнаа медицински работници од установата и повикана е екипа на Итната медицинска помош“, се вели во соопштението.
„Направени се сите потребни реанимации, но не дадоа позитивни резултати. Лекарите од итната помош констатираа смрт на осуденикот. Причините за смртта се утврдуваат“, се додава во соопштението.
Навални беше уапсен во 2021 година по враќањето од Германија, каде што се лекуваше од труење, како што заклучија европските лаборатории, со советскиот нервен агенс Новичок.
Во март 2022 година, Навални доби деветгодишна затворска казна, што тој и неговите поддржувачи постојано ги отфрлаа како политички мотивирани обвиненија.
Во август 2023 година, судот му ја продолжи затворската казна на Навални на 19 години и го испрати во построг објект каде што беше задржан. Во декември минатата година Навални беше префрлен во таков затвор во руската арктичка област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Ова се ужасни работи“ – Балканската естрада вознемирена од инцидентите со Здравко Чолиќ и Даниел Кајмакоски
Откако кон куќата на легендарниот пејач Здравко Чолиќ неодамна беше фрлена бомба, само неколку дена подоцна беше киднапиран македонскиот пејач кој живее во Србија, Даниел Кајмакоски. Овие настани предизвикаа загриженост кај фановите, но и естрадата во таа земја, пишуваат српските медиуми.
Додека полицијата и надлежните органи интензивно ги истражуваат околностите на двата инцидента, јавноста ги следи деталите, а некои од српските пејачи сега се соочуваат со страв, пришто во јавноста се отвори и темата за приватно обезбедување.
Mеѓу првите што реагираа беше пејачот Бане Мојиќевиќ, кој не го криеше својот шок.
„Ужасно е, искрено не се плашам за мојата безбедност, ниту за безбедноста на моето семејство, но ете, се случува, се надевам дека Даниел е добро“ рече Бане.
Пејачката Каја Остојиќ, пак, призна дека по нападот врз куќата на Чола, сериозно сфатила дека треба да се грижи за својата безбедност.
Таа рече и дека ја чува обезбедување.
Пејачката се осврна на неодамнешните настани на сцената и го коментираше бомбардирањето на куќата на Здравко Чолиќ, како и бомбардирањето на барот на нејзиниот поранешен сопруг.
Имено, Каја Остојиќ истакна дека има многу да каже, но дека ќе зборува за тоа кога ќе дојде време:
„Мојот прв импулс беше да помислам дека е грешка. Се зборува секакви работи и ми се гади. Сега пишуваат и дека го киднапирале мојот колега Даниел. Се случуваат работи што мора да ни пречат. Не знам зошто сме толку таргетирани. Порано, немав обезбедување цело време, но во последната година почнав да го практикувам тоа. Имам многу да кажам, но ќе зборувам за тоа кога ќе дојде време“, заклучи Каја во емисијата „Премиера – Викенд специјал“, пренесе „Телеграф“.
Во Премиера – викенд специјал, зборуваше и Елма Синановиќ, а на самиот почеток го коментираше киднапирањето на Даниел Кајмаковски:
„Ова се ужасни работи, не знам што се случува “, рече Елма, а потоа се сети што се случи пред дваесет години:
„Беше почеток на 1997 година, купивме стан во Белград, јас бев пред породување, купував работи, и едно утро мојот сопруг го напушти станот и не можеше да го најде автомобилот. Ни ги украдоа автомобилите. Имав и ситуација каде што моите семејни пријатели ми ја украдоа компанијата, измамнички ми ја зедоа компанијата, ме натераа да потпишам полномошно. Верував, но верувам во правдата, дека сè ќе биде во ред“, рече Елма.
Таа се осврна и на нападот врз вилата на Здравко Чолиќ:
„Видов сè, ужасно е, жал ми е што го слушам тоа, го обожавам Чола, му се восхитувам, тој е најголемата ѕвезда, но тоа им се случува на најдобрите. Морам да кажам дека немам обезбедување, ниту пак ми треба, ако треба, ќе има“, рече Елма.
Пејачката Теа Таировиќ се најде на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, каде новинарите ја прашаа дали слушнала дека нејзиниот колега Даниел Кајмакоски бил киднапиран синоќа во Белград, а Теа беше шокирана од оваа информација.
– Ве молам? Дали е ова шега? Телефонот ми беше исклучен и воопшто не видов што се случува. О, Боже – изјави пејачката, а кога новинарите ѝ објаснија како изгледало киднапирањето, како и како пејачот бил спасен, Теа останала целосно збунета.
Потоа ја прашале и дали стравува за својата безбедност.
„Далеку било, не дај боже“, повтори Таировиќ, а потоа следел коментарот на новинарката дека нема од што да се плаши бидејќи има сопруг покрај себе, па овој разговор завршил со насмевки, пишуваат српските медиуми.
Свет
Јапонската премиерка Такаичи освои историска победа на изборите
Ризичниот потег на премиерката на Јапонија, Санае Такаичи, да распише предвремени избори ѝ донесе убедлива победа – нејзината владејачка Либерално-демократска партија освои повеќе од 310 од 465 пратенички места во долниот дом, јави „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на анкетите на јапонската телевизија NHK.
Ова е првпат по Втората светска војна една партија да има двотретинско мнозинство во парламентот. Тие сега можат да предлагаат уставни измени и да ги надгласуваат блокадите во горниот дом.
Такаичи, првата жена на чело на јапонската влада, ја доби поддршката на гласачите само четири месеци откако стана премиерка. Во јавноста е популарна по нејзината работна етика, активноста на социјалните мрежи, како и заедничките настапи со светски лидери – меѓу кои и импровизирано свирење на тапани со јужнокорејскиот претседател.
Победата ѝ овозможува силен мандат за справување со економските предизвици, слабата валута и влошените односи со Кина. Тесно соработува и со американскиот претседател Доналд Трамп, кој ѝ даде „целосна поддршка“.
И покрај позитивниот имиџ, Такаичи беше критикувана поради нејзини изјави за Тајван и интензивниот работен ритам – состаноци до 3 часот наутро. Нејзиниот коментар дека Јапонија би можела да реагира воено ако Кина нападне Тајван доведе до дипломатски тензии со Пекинг.
Свет
Бабиш ја повика Европа да почне преговори со Путин
Чешкиот премиер Андреј Бабиш повика Европа да започне преговори со рускиот претседател Владимир Путин за решавање на конфликтот во Украина, пренесоа денеска чешките медиуми.
„Европските лидери сега почнаа да зборуваат дека треба да се преговара со Путин. Порано, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан беше кај Зеленски и кај Путин, сите го осудуваа тоа“, потсети Бабиш, пренесува порталот TN.
Тој ги повика европските земји да воспостават директен дијалог со Москва, оценувајќи дека тоа е неопходен предуслов за примирје.
Бабиш додаде дека Европа не е во состојба самостојно да го запре конфликтот, нагласувајќи дека „клучниот играч во преговорите е американскиот претседател Доналд Трамп“.
Тој потсети дека мир бил близу уште во април 2022 година, но дека тогашниот британски премиер Борис Џонсон го спречил договорот.
„Луѓе умираат во Украина. Мора да има дипломатско решение“, рече Бабиш, додавајќи дека излезот треба да се бара во тековните преговори.
Втората рунда на трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржа на 4 и 5 февруари во Абу Даби.

