Свет
Палестина бара МКС да ги истражи кршењата на човековите права во Израел
Палестинското Министерство за надворешни работи побара од Меѓународниот кривичен суд да отвори истрага за израелските дела против Палестинците поврзани со нелегалните населби, нарекувајќи ги дејствата на Тел Авив злосторства против човештвото, пренесува „Раша тудеј“. Населбите се најопасната закана за палестинските животи и национални права, се вели во соопштението на Министерството објавено на „Фејсбук“. Израел го нарече потегот циничен и тврди дека барањето до МКС нема правна важност.
Велејќи дека Израел го одржува, го проширува и го штити режимот на населување со вршење воени злосторства, злосторства против човештвото, Палестинците не бараат одмазда туку исправање на неправдата и правда за злосторството на апартхејдот против палестинскиот народ. Палестина го искористи своето право како потписник на Римскиот статут – договорот со кој е воспоставен МКС – да ја изнесе ситуацијата во регионот пред меѓународниот трибунал. Министерството вели дека палестинскиот народ продолжува да страда од тековните, масовни и системски злосторства извршени од Израел.
Палестина вели дека меѓу тешките злосторства извршени против нејзиниот народ се присилниот трансфер, незаконското убивање мирни демонстранти и уривањето на палестинските домови. Израелската политика за произволни масовни затворања и тортура исто така спаѓа под надлежност на судот.
„Овој чекор [повик на Палестина до МКС] е со цел да се осигура дека оние што се најодговорни за овие кривични дела ќе одговараат за своите постапки без понатамошно одложување”, вели министерството.
Тензиите во регионот ескалираа за време на шестнеделните протести познати како Големиот марш на враќање во близина на границата со Појасот Газа. За време на церемонијата на отворање на Амбасадата на САД во Ерусалим, насилството достигна највисоко ниво во претходните недели. Шеесет палестински демонстранти беа убиени, а над 2 000 беа повредени од израелските сили. Голем број групи за човекови права го критикуваа бруталниот одговор кон демонстрантите. „Амнести интернешнел“ ја нарече ситуацијата во Појасот Газа уште еден ужасен пример во кој израелската војска користи прекумерна сила и боева муниција на одвратен начин.
Шефот на ОН за човекови права, Зеид Раад Ал Хусеин, го обвини Тел Авив за лишување на речиси 1,9 милиони луѓе во Газа на основните права и за создавање нехумани услови.
„Тие, во суштина, се затворени во токсична сиромаштија од раѓање до смрт; лишени од достоинство и дехуманизирани од страна на израелските власти”, рече тој минатата недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

