Свет
Палестинците: Израел нападна засолништа, домови и џамија во Газа – загинаа повеќе од 90 луѓе
Израелската армија уби најмалку 91 Палестинец, вклучувајќи најмалку 35 деца, во нападите врз Појасот Газа од синоќа, и покрај договорот за прекин на огнот, соопштија медицински извори, објави „Анадолија“.
Израелската армија уби 31 лице на север, 42 во централните области и 18 на југ од Појасот Газа. Десетици цивили беа ранети во нападите, објави државната новинска агенција „Вафа“ повикувајќи се на извори во болниците во Газа.
Израелските напади погодија куќи, шатори што се користат како засолништа за раселени цивили, возило, засолниште и болница во рамките на таканаречената жолта линија, изјавија медицински лица за агенцијата „Анадолија“.
Жолтата линија се однесува на зоната во која израелските сили се повлекле во согласност со договорот за прекин на огнот. Таа физички го дели Појасот Газа на два дела, лоцирани во рамките на територијата на Газа, јужно од градот Газа и северно од Кан Јунис.
Во северна Газа израелската армија таргетира училиште претворено во засолниште во областа Беит Лахија, при што загинаа тројца цивили и беа ранети неколку други.
Израелската армија гранатира две куќи во населбата Ал-Наср во бегалскиот камп „Шати“ во западниот дел на градот Газа, при што загинаа осум лица.
Нов израелски напад в среда наутро погоди џамија што служи како засолниште за раселени лица во населбата Сабра во градот Газа, изјавија очевидци за агенцијата „Анадолија“.
Две лица беа убиени, а десет беа ранети во населбата Зејтун во Газа. Неколку цивили сè уште се водат за исчезнати под урнатините на куќа погодена од израелската армија, а неколку лица беа ранети во друг напад југозападно од Зејтун.
Израелската армија уби мајка и дете во населбата Тел ал-Хава во Газа.
Четири лица загинаа во напад врз шатор
Во централна Газа четири лица беа убиени кога израелски напад го погоди нивниот шатор во Деир ал-Балах.
Шест лица беа убиени, а неколку други беа ранети кога израелски авиони бомбардираа училиште претворено во засолниште и куќа во бегалскиот камп „Буреиџ“.
Пет лица беа убиени во напади врз неколку домови во бегалскиот камп „Нусејрат“.
Во сличен напад, девет лица, меѓу кои четири деца, беа убиени, а девет се водат за исчезнати под урнатините на куќа погодена од израелската армија во кампот „Нусејрат“.
Осум лица, меѓу кои три деца, беа убиени во израелски напад врз шатори во кои се сместени раселени семејства во областа Ал-Маваси, западно од Кан Јунис, во јужна Газа.
Медицински извори изјавија дека бројот на жртви може да се зголеми бидејќи многу од ранетите се во критична состојба, а потрагата по исчезнатите под урнатините сè уште е во тек.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Властите во Абу Даби наредија да се продолжи престојот на гостите, трошоците ги сноси државата
Министерството за култура и туризам им наложи на хотелите во Абу Даби да го продолжат престојот на гостите, бидејќи многу од оние што го завршуваат својот престој не се во можност да патуваат во сегашните околности.
Во писмото се наведува дека трошоците ќе бидат покриени од Министерството.
Фото: depositphotos
Свет
ЕУ гледа отворен пат кон поинаков Иран по смртта на врховниот лидер
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека смртта на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи претставува момент на пресврт во историјата на Иран.
„Она што следува е неизвесно. Но сега постои отворен пат кон поинаков Иран, во кој неговите граѓани би можеле да имаат поголема слобода да го обликуваат“, напиша Калас на платформата Икс.
„Во контакт сум со партнерите, вклучително и со оние во регионот кои го носат најголемиот товар од иранските воени дејствија, со цел да пронајдеме конкретни чекори за деескалација“, додаде таа.
Фото: Depositphotos
Свет
Иранскиот претседател: Одмаздата е наше легитимно право по убиството на Хамнеи
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во ново соопштение порача дека одмаздата по убиството на врховниот лидер е легитимно право и должност на Иран.
„Исламската Република Иран ја смета одмаздата врз извршителите и наредбодавците на овој злостор како своја легитимна должност и право и ќе ја исполни таа голема одговорност со сета своја сила“, се наведува во соопштението.
Пезешкијан смртта на врховниот лидер ја опиша како најголемата неволја на денешниот исламски свет. Тој владеењето на Хамнеи го оцени како „големо и божествено водство“ кое, според него, му донело „чест и достоинство“ на иранскиот народ.

