Свет
Папата патува на Арктикот, каде што ќе им се извини на Ескимите за сексуалното малтретирање деца
Папата Франциско денеска патува на Арктикот на крајот од својата кампања во Канада, каде што ќе се сретне со Инуитите, кои очекуваат и извинување за сексуалната злоупотреба на децата во интернатите.
Папата, кој има 85 години, ќе го одржи својот последен говор во Квебек во петок наутро пред да одлета за Икалуит, главниот и најголем град на територијата Нунавут.
Пристигнувањето во тој дел од арктичкиот архипелаг, чие име значи „место каде што има многу риби“, е можно само со авион. Има нешто повеќе од 7.000 жители, главно домородни луѓе. Жителите на Икалуит, град со куќи во светли бои сместени на карпи со поглед на морето, од самиот почеток внимателно го следат престојот на папата во Канада.
Папата во градското училиште ќе се сретне со преживеаните домородци што се школуваа во католичките интернати, каде што ќе го одржи својот последен говор.
„Полесно ми е по она што се случи, по извинувањето“, вели Карол Маблик (17), која сепак признава дека нејзините емоции се измешани.
„Тоа нема да реши ништо, но извинување пред целиот свет значи многу за нас“, рече Елисапи Нушота (36).
Простувањето за злото извршено врз домородното население што го побара папата во понеделникот во Алберта, на запад, во близина на поранешен интернат, симбол на децениската присилна асимилација на првите нации, беше оценета како историски настан. Но, многу членови на домородната заедница потсетуваат дека има уште многу да се направи и дека ова е само почеток на долгиот процес на лекување.
„Тие треба да направат повеќе, да организираат установи за терапија и ментално здравје“, изјави за АФП, Израел Маблик (43), кој се школувал во католички интернат. Од крајот на 19 век до 90-тите околу 150.000 луѓе од Инуитите, Метисите и првите нации беа насилно одведени во повеќе од 130 такви институции, отсечени од своите семејства, јазик и култура.
Многу од нив биле физички и сексуално малтретирани, а илјадници никогаш не се вратиле, умираат од болести, неисхранетост и запоставување. Во Икалуит многумина очекуваат јасен одговор од папата на обвинувањата против свештеникот Јоханес Ривоар, кој за многумина е симбол на неказнивост на сексуалните предатори во Црквата.
По тој француски свештеник, кој помина три децении на крајниот север на Канада, беше распишана потерница, но до сега не беше во центарот на вниманието на надлежните служби. Тој ја напушти Канада во 1993 година и живее во Лион, Франција.
Претседателот на организацијата, Нунавут Тунгавик, која ги застапува Инуитите во областа Киликвак Каблона смета дека „извинувањето на папата не е целосно“.
„Би сакале Ривоар да биде екстрадиран во Канада за да се соочи со обвиненијата на суд и побаравме од папата да интервенира во тој поглед“, додаде таа.
Духовниот поглавар на 1,3 милијарда католици, кои ги посети западна Канада и Квебек пред да дојде на Арктикот, се движи во инвалидска количка поради болки во десното колено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Републиканец тврди: Досијејата за Епстин се кријат поради врски со Израел
Републиканскиот конгресмен, Томас Масие, изјави дека документите поврзани со починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин ѝ се ускратуваат на јавноста поради неговите наводни блиски врски со израелските и американските разузнавачки служби.
Според Масие, причините за блокирање на објавувањето на досиејата лежат и во тоа што тие би можеле да компромитираат влијателни милијардери и политички донатори.
Масие смета дека постои организиран напор да се спречи објавувањето на документите. „Постои настојување ова да се запре и верувам дека ќе се обидат да го запрат и на друго место, но тоа ќе им се врати како бумеранг“, изјави конгресменот.
Во изминатите години, Масие се позиционираше како еден од почестите републикански критичари на Трамп, јавно разидувајќи се со него по прашања од надворешната политика, извршните овластувања и транспарентноста на власта.
Во последните недели беа објавени нови документи поврзани со врските на Епстин со влијателни личности, во кои Трамп се споменува повеќе илјади пати. Се проценува дека остануваат уште околу два милиона необјавени списи. Опозицијата, критичарите, но и дел од републиканците, изразуваат сомневање дека актуелната администрација го крие целосното објавување на документите и ги цензурира објавените со цел да заштити влијателни личности.
Свет
Орбан: Нападите од Украина врз мене достигнаа ново ниво
Украинскиот претседател директно се вклучи во изборната кампања на Унгарија со напаѓање на нејзината влада, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Тој рече дека политичките напади од Украина достигнаа ново ниво, објави унгарската новинска агенција МТИ.
„Кога претседателот (Володимир) Зеленски ме напаѓа лично затоа што не го поддржуваме забрзаното пристапување на Украина во Европската Унија, тој всушност ја доведува во прашање суверената одлука на унгарскиот народ“, тврди лидерот на Фидес.
Орбан верува дека Унгарците покажаа дека не сакаат Украина да стане дел од ЕУ во анкетата Vox2025. Ова е владина иницијатива за необврзувачка национална консултација спроведена во 2025 година. Во земја со околу 9,6 милиони луѓе, владата тврди дека 2,2 милиони луѓе учествувале во анкетата.
„Како премиер на Унгарија, моја должност е да ги исполнувам одлуките на унгарскиот народ. И ќе го правам тоа, одново и одново, без разлика дали на претседателот Зеленски му се допаѓа или не“, заклучи Орбан.
Премиерот на Унгарија, земја која беше исклучително зависна од руската енергија пред војната во Украина, и за која критичарите велат дека не е подготвена да се откаже од оваа поповолна финансиска опција, неодамна ја прогласи Украина за „непријател“ на Унгарија.
„Украинците мора да престанат постојано да бараат во Брисел да се прекине протокот на евтина руска енергија кон Унгарија“, рече Орбан минатата недела.
„Додека Украина го прави ова, таа е наш непријател“, заклучи унгарскиот премиер, кој ја посети Москва најмалку три пати од почетокот на офанзивата во Украина.
Орбан ги претставува изборите во април како одлука „за војна или мир“, а аналитичарите веруваат дека тој одлучил да се фокусира на украинското прашање во кампањата за да избегне да зборува за унгарската економија, која стагнира по зголемената инфлација.
фото/Depositphotos
Регион
Радев со највисок рејтинг во Бугарија, покажува анкета
Новата политичка формација, предводена од досегашниот претседател Румен Радев, би добила 25,6 отсто поддршка доколку изборите се одржат денес, покажува анкета на „Маркет Линкс“, спроведено од 7 до 13 февруари 2026 година на примерок од 1.019 полнолетни испитаници. Истражувањето е реализирано во соработка со „БТВ“.
ГЕРБ–СДС е втора политичка сила со 15,4 отсто, по што следуваат ПП–ДБ со 12,5, ДПС – Нов почеток со 10,5 проценти и „Преродба“ со 4,5 отсто. Под изборниот праг од 4 проценти остануваат неколку помали партии.
Според анализата, новата формација на Радев најголем дел од поддршката ја добива преку прелевање гласови од постојните парламентарни партии, но и од гласачи кои не учествувале на изборите во октомври 2024 година.
Истражувањето покажува дека довербата во Радев по напуштањето на претседателската функција пораснала за 6–7 процентни поени.
Во однос на излезноста, 56 отсто од испитаниците изјавиле дека сигурно би гласале на евентуални предвремени избори, што укажува на можност за повисока мобилизација во споредба со претходните изборни циклуси.

