Свет
Пентагон го обвини Трамп дека не ѝ дал посериозен ултиматум на Турција за „С-400“
Официјални претставници на Стејт департментот и Пентагон приватно го критикуваа американскиот претседател Доналд Трамп поради тоа што не успеал да ѝ даде посериозен ултиматум на Анкара за купувањето руски системи за воздушна одбрана „С-400“, пренесува „Еј-би-си њуз“ цитирајќи извори запознаени со ситуацијата.
Развојот доаѓа неколку дена откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган нагласи дека САД не успеале да понудат договор за својот систем за воздушна одбрана „Патриот“, конкурентен на оној што го понудила Русија за ракетните системи „С-400“.
Според Ердоган, Анкара ќе ги добие своите резерви од „С-400“ во јули.
Изворите, меѓу другите, ги споменале потпретседателот Мајк Пенс, државниот секретар Мајк Помпео и вршителот на должноста секретар за одбрана, Патрик Шенахан, кои постојано изразуваа загриженост дека Турција ќе ги купи „С-400“, а не американските ракетни пресретнувачи „Патриот“.
„Тие со месеци ја предупредуваа Турција да не го купува рускиот ракетен систем, кој е некомпатибилен со системите за одбрана на НАТО“, изјавија извори.
Освен тоа, изворите укажаа на телефонскиот разговор помеѓу Ердоган и Трамп од 22 февруари во текот на кој турскиот претседател наводно го прекорил американскиот Конгрес за неуставно мешање во извршната власт на Трамп со издавање санкции против Анкара во врска со договорот за „С-400“.
Говорејќи на прес-конференцијата по разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот, Ердоган истакна дека одлуката на Турција за купување „С-400“ е суверено право на земјата и дека никој нема право да бара од Анкара да се откаже од својот договор со Москва. Ердоган исто така го повтори својот став дека прашањето за „С-400“ е затворено.
Тој претходно посочи дека САД не успеале да постигнат договор за своите системи „Патриот“, конкурентен на договорот за „С-400“, додавајќи дека исплатата на руските системи ќе продолжи во согласност со договорот со Москва.
„Ние го финализиравме договорот за ‘С-400’. Им понудивме на САД да ги купиме нивните системи ‘Патриот’, но тие не успеаја да ни дадат соодветна понуда. Значи, сега договорот за ‘С-400’ се спроведува и во јули ги чекаме своите резерви“, рече Ердоган.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мажот кој се обиде да влезе во имотот на Трамп дигнал пушка во позиција за пукање пред агентите да го убијат
Маж на околу 20-годишна возраст бил убиен откако се обидел нелегално да влезе на имотот на Доналд Трамп во Флорида.
Обезбедувањето го забележало кај северната порта, носејќи пушка и канистер со бензин.
Агентите на тајните служби му наредиле да ги спушти предметите. Мажот го спуштил канистерот, но ја подигнал пушката во положба за пукање.
„Тогаш заменик-шерифот и двајцата агенти го застрелале и ја неутрализирале заканата. Мажот починал на лице место“, кажа Рик Бредшо, шериф на округот Палм Бич.
Сè уште не е јасно колку куршуми биле испукани, а шерифот рече дека тоа е дел од истрагата.
Во моментот, Доналд Трамп бил во Белата куќа, а неговата сопруга Меланија била со него.
Допрва ќе бидат објавени повеќе детали за идентитетот на осомничениот поврзан со инцидентот.
Портпаролот на Тајната служба, Ентони Гуглиелми, изјави дека осомничениот е од Северна Каролина. Неговото семејство го пријавило како исчезнат пред неколку дена.
Свет
Маж е застрелан откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида
Mаж е убиен откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида, објави Скај њуз.
Како што објавија разузнавачките служби, мажот на околу 20-годишна возраст бил застрелан околу 1:30 часот наутро.
Идентитетот на осомничениот сè уште е непознат, а обезбедувањето го забележало човекот на северната порта од имотот.
Носел оружје кое личело на пушка и канта со гориво.
Ниеден агент не е повреден.
Во тек се истраги за идентитетот на човекот и неговиот мотив за делото.
Иако Трамп често го поминува викендот на својот имот, во моментот на инцидентот тој бил во Белата куќа, во Вашингтон, а со него била и сопругата Меланија Трамп.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.

