Свет
(Видео) Платеници на „Вагнер“ признале дека убивале деца во Украина, потоа еден се премислил
Двајца руски поранешни осуденици, кои тврдат дека биле команданти во платеничката група „Вагнер“, признале дека убиле стотици цивили, вклучително и деца, во Украина, пренесува „Евроњуз“.
„Вагнер“ е руска приватна платеничка организација, која регрутира илјадници борци од руските затвори во замена за ветувања за помилување или намалени казни ако преживеат.
Поранешните руски осуденици Азамат Улдаров и Алексеј Савичев, кои биле помилувани со декрети на рускиот претседател Владимир Путин минатата година, дале интервју за веб-страницата Gulagu.net, која известува за корупција и за тортура во Русија, а е основана од Владимир Осечкин, протеран руски активист за човекови права.
Осечкин дополнително објавил документи како доказ дека Улдаров и Савичев се бореле во Украина и дека се вратиле во Русија со медали и со пари.
Во едночасовните сведоштва – за кои „Евроњуз“ не можел да добие независна потврда – Улдаров и Савичев ги опишуваат своите дела во Украина откако Русија изврши инвазија во февруари 2022 година, вклучително и егзекуција на 60 ранети затвореници, од кои некои биле руски војници што одбиле да продолжат да се борат.
Според поранешните платеници на „Вагнер“, овие настани се случиле во Соледар и Бахмут – во регионот Донецк во источна Украина – во февруари 2023 година.
И Улдаров и Савичев тврдат дека решиле да проговорат за злосторствата поради чувството на вина истакнувајќи дека наредбите за убиство ги добивале директно од основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин.
„Кога влеговме во Соледар и Бахмут, добивме наредба да убиваме сите: мажи, жени, деца, старци. Едно девојче врескаше. Сигурно имаше пет или шест години. Го застрелав. Го убив со еден истрел во главата. Следев наредби и со оваа рака убив и деца. Сакам Русија и другите земји да ја знаат вистината“, сведочи Улдаров.
Улдаров подоцна го повлече своето сведоштво во видеоповик со руската новинска агенција РИА-ФАН, која е поврзана со Пригожин, тврдејќи дека бил уценет да го направи тоа.
Во интервјуто за РИА-ФАН, Улдаров вели дека бил пијан кога го дал интервјуто за „Гулаг“ и дека Осечкин го уценувал со видео од неговото затворско минато.
Но, Осечкин, кој живее во Франција, изјави за Си-ен-ен дека стои зад направените интервјуа посочувајќи го повлекувањето на Улдаров како доказ за тоа колку бргу се замолчуваат неистомислениците во Русија. Тој исто така тврди дека на Улдаров и на Савичев им се заканувале со убиство ако не ги повлечат изјавите.
Соочена со овие тврдења, прес-службата на Пригожин објави соопштение на „Телеграм“, во кое се вели:
„Во врска со егзекуцијата на деца, се разбира, никој никогаш не пука во цивили или во деца, немаме потреба да го правиме тоа. Отидовме таму за да ги спасиме Украинците од режимот под кој се наоѓаат“.
Според Пригожин, „Вагнер“ го барал Савичев во последните 24 часа повикувајќи го поранешниот платеник да се јави во седиштето на организацијата и гарантирајќи му дека нема да биде прогонуван ниту судски ниту поинаку.
„Тој мора да објасни зошто лажно сведочел, кој стои зад тоа, како бил уценет и дали му биле дадени други наредби“, рече Пригожин во објава на „Телеграм“.
Видеото предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, а на него реагираа и многу политичари. Шефот на кабинетот на украинскиот претседател во порака на „Твитер“ посочи:
„Не е доволно да се исповедаат. Мора да постои и казна. Тешка и фер. И, дефинитивно, ќе бидат казнети. Уште колку вакви злосторства се направени?“
Украинското Обвинителство отвори истрага врз основа на сведоштвата на Улдаров и Савичев, кои доаѓаат откога минатата недела се појави вознемирувачко видео на кое платеник од „Вагнер“ обезглавува украински воен заробеник. Украина вети дека ќе го истражи страшното видео кое кружи на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Жителите на Нови Пазар утрово ги разбуди слаб земјотрес, известуваат медиумите во Србија.
Јачината на земјотресот е 2,5 степена според Рихтеровата скала, а е регистриран во 7.37 часот.
Се проценува дека интензитетот на ударот во епицентарот е III-IV од Меркалиевата скала.
Свет
Генералното собрание на ОН би требало да ја поддржи кандидатурата на Палестина за членство
Генералното собрание на Обединетите нации денеска треба да ја поддржи палестинската кандидатура за полноправно членство во ОН со тоа што ќе ја признае како квалификувана за членство и ќе го испрати барањето назад до Советот за безбедност на ОН „да го преиспита прашањето во корист на Палестинците“.
Палестинците ја оживуваат својата кандидатура за полноправно членство во ОН, кое декларативно би ја признало палестинската држава, откако САД ставија вето во 15-члениот Совет за безбедност на ОН минатиот месец.
Гласањето на Генералното собрание од 193 члена се смета за испитување на светското мислење за палестинското прашање. Барањето за полноправно членство во ОН прво мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа и од Генералното собрание.
Но, иако самото Генерално собрание не може да даде полноправно членство во ОН, нацрт-резолуцијата за која се гласа денеска ќе им даде на Палестинците некои дополнителни права и привилегии од септември 2024 година, како што е место меѓу членките на ОН во собраниската сала, но тие нема да имаат право на глас во телото.
Дипломатите велат дека нацрт-текстот најверојатно ќе ја добие поддршката потребна за усвојување.
Свет
Двајца скијачи загинаа во лавина во САД, третиот успеал да се ископа од снегот
Откако вчера започна лавина во планините покрај Солт Лејк Сити, Јута, двајца скијачи загинаа, додека властите успеаја да спасат трет со хеликоптер.
Несреќата се случила во близина на Лон Пик, каде неодамна паднаа над 76 сантиметри снег. Центарот за лавина во Јута (UAC) ја потврди смртта на двајца мажи. Спасувачите досега не можеа да стигнат до нивните тела поради небезбедни услови. Центарот наведува дека фаталните лавини се ретки во овој период од годината.
Спасувачите со хеликоптер стигнале на местото на несреќата во кањонот Литл Котонвуд и потврдиле дека двајца скијачи загинале, пишува Би-би-си.
Третиот скијач успеал да се ископа од лавината и бил пренесен во болница. Имињата на загинатите мажи се уште не се објавени, но станува збор за скијачи на возраст од 23 и 32 години. Едниот бил од Јута, додека другиот пристигнал да скија од друга американска држава.