Свет
Подметната бомба во возило на поранешен телевизиски водител во Авганистан

Поранешниот водител на авганистанската телевизија „Толо“, Јами Сиаваш, загина со уште две лица, откако екслодираше неговиот автомобил во кој била поставена бомба. Кабулската полиција објави дека истрагата е во тек, дека идентитетот на другите двајца убиени цивили сè уште не е познат, како и дека никој не ја презеде одговорноста за овој атентат, пренесе АП.
Насилството и хаосот се вратија во Авганистан во последните месеци: 22 лица, претежно студенти, беа убиени во напад на Универзитетот во Кабул минатата недела, а уште 24 беа убиени во напад на друга образовна институција во Кабул на 24 октомври.Исламска држава подоцна ја презеде одговорноста за двата смртоносни напади во главниот град на Авганистан.
Зголемувањето на насилството се совпаѓа со мировните разговори во Катар предводени од авганистанската влада со талибанските власти во обид да се стави крај на повеќедецениската, брутална војна во Авганистан.
Светските медиуми јавуваат дека досега е постигнат едвај забележителен напредок во мировните разговори меѓу двете страни, кои беа услов во американскиот договор со талибанците за повлекување и прекинување на 19-годишното американско воено присуство во Авганистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Висок ирански функционер: Европските предлози се нереални

Висок ирански функционер ги оцени како нереални предлозите што европските сили ги претставија вчера во Женева.
Во изјава за новинската агенција „Ројтерс“, официјалниот претставник рече дека нула збогатување ураниум – што британскиот министер Дејвид Лами вчера го опиша како „почетна точка“ за разговорите со Техеран – е ќорсокак.
Тој нагласи дека инсистирањето на такви позиции нема да ги зближи Иран и Европа, додавајќи дека неговата земја нема да преговара за нејзините одбранбени способности, вклучително и за ракетната програма.
„Во секој случај, Иран ќе ги разгледа европските предлози во Техеран и ќе ги претстави своите одговори на следниот состанок“, рече претставникот.
Свет
Макрон: Иран никогаш не смее да добие нуклеарно оружје

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска дека телефонски разговарал со неговиот ирански колега Масуд Пезешкијан, нагласувајќи дека Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје.
Макрон рече дека добил телефонски повик од Пезешкјан и дека се согласиле да ги забрзаат преговорите меѓу европските сили и Иран за неговата спорна нуклеарна програма.
„Барам: Иран никогаш не смее да добие нуклеарно оружје и од него зависи да ги обезбеди сите гаранции дека неговите намери се мирни“, рече Макрон на „Икс“.
„Убеден сум дека има излез од војната и дека може да се избегнат поголеми опасности“, додаде тој.
Министрите за надворешни работи на три земји, Германија, Франција и Велика Британија и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас вчера во Женева разговараа со нивниот ирански колега Абас Аракчи, една недела по почетокот на израелските напади врз Иран.
Трите земји го повикаа Иран да продолжи со дипломатските напори, без да се чека крајот на конфликтот, за да се реши спорното прашање за неговата нуклеарна програма, но Техеран рече дека е подготвен да ја разгледа дипломатската рута само кога ќе биде запрена агресијата на Израел.
Свет
Израел објави снимка од ново оштетување на иранскиот нуклеарен објект во Исфахан

Израелската војска објави снимка на која се гледа оштетување на иранскиот нуклеарен објект во Исфахан по новите напади.
Споредувајќи ја таа снимка со сателитски снимки направени минатата недела од компанијата „Максар“, „Би-би-си Верифај“ откри дека новите удари оштетиле неколку згради во северниот дел на комплексот.
Во посебна изјава, израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека цел биле „производствени капацитети за центрифуги“ што се користат во процесот на збогатување ураниум.
Новата штета опфаќа површина од околу 0,3 квадратни километри, во чии рамки седум згради се чини дека се целосно срамнети со земја.
Снимката на „Максар“, направена на 14 јуни, покажува јасни оштетувања на најмалку две згради во различни делови на комплексот, како и траги од горење на периферијата. Во тој момент ниту една зграда не беше целосно уништена.
Вчера директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, во Советот за безбедност на ОН изјави дека „нападите врз нуклеарните постројки во Исламската Република Иран предизвикуваат сериозно влошување на нуклеарната безбедност во Иран“.