Свет
„Политико“: Мерц постигна договор со Зелените отворајќи го патот за огромни вложувања во одбраната
Идниот германски канцелар Фридрих Мерц постигна договор со Зелените за огромен план за трошење, кој ќе пренасочи стотици милијарди евра за одбрана и инфраструктура, дознава „Политико“ од луѓе запознаени со преговорите.
Мерц, лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), претходно овој месец склучи договор со Социјалдемократската партија (СПД) за ефикасно ослободување на трошоците за одбрана од строгите одредби на уставната сопирачка за долг и создавање специјален фонд од 500 милијарди евра за финансирање инфраструктурни проекти надвор од нормалното буџетско трошење во следната деценија.
Меѓутоа, за законите да поминат во парламентот, на Мерц му требаше поддршката од германските Зелени, од кои досега ја немаше. Денешниот очигледен договор го отвора патот мерките да бидат усвоени во Бундестагот во вторник.
Деталите за пробивот со Зелените сѐ уште не се јасни денес, но луѓе запознаени со преговорите велат дека е постигнат широк договор за пакет-трошоците, пишува „Политико“. Договорот ќе означи голем чекор подалеку од децениското фискално ограничување на Берлин, со цел да се ослободи масивното трошење за да се зајакне одбраната и да се поттикне германската економија.
Зелените начелно се согласија со планот на Мерц откога ги обезбедија обврските за заштита на трошоците поврзани со климата, според луѓе запознаени со преговорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Одложен состанокот на министрите на ЕУ во Кипар поради нападот со беспилотно летало
Состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки, кој требаше да се одржи денес и утре на Кипар, е одложен поради нападот со беспилотно летало врз британската база Акротири на тој остров, објави кипарското претседателство.
„Во раните утрински часови имавме еден, изолиран инцидент со беспилотно летало насочено кон британската база во Акротири, Кипар, со ограничена штета. Точното потекло на беспилотното летало моментално се проверува, но е потврдено дека Република Кипар не била цел на нападот“, објави портпаролката на кипарското претседателство.
Со оглед на овој неочекуван развој на настаните, кој за жал влијаеше на денешните летови до Кипар, кипарското претседателство одлучи да го одложи неформалниот состанок на Советот за општи работи.
Советот за општи работи, кој е составен од министрите на ЕУ од земјите-членки, требаше да разговара за предлогот за повеќегодишен буџет за периодот 2028-2034 година, борбата против манипулацијата со информации и мешањето од трети земји и проширувањето на ЕУ.
На состанокот беа поканети и министри од земјите-кандидатки.
Кипар, кој беше британска колонија до 1960 година, е дом на две бази – Акротири и Декелија – кои имаат статус на британски прекуокеански територии. Британците ги задржаа овие две бази според договорот за независност на Кипар од 1960 година.
фото/Depositphotos
Свет
Катар ги прекина односите со Иран по нападот
Катар ги прекина односите со Иран по нападот, соопшти Министерството за надворешни работи на таа земја.
Портпаролот изјавил за Си-Ен-Ен дека Иран гаѓал цивилна инфраструктура во Катар, вклучително и меѓународниот аеродром, како и дека катарските борбени авиони собориле дронови и други проектили.
„Ваков напад не може да помине без одмазда“, рекол тој, додавајќи дека Иран мора да ја плати цената за овој очигледен напад врз нивниот народ.
Фото: Depositphotos
Свет
Кремљ во постојан контакт со Техеран, нападот го нарече отворена агресија
Кремљ соопшти дека Русија е во постојан контакт со иранското раководство по, како што наведе, „отворената агресија“ врз Техеран и изрази длабока разочараност од развојот на настаните.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата го осуди убиството на иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи, нарекувајќи го „цинично“, додека руското Министерство за надворешни работи ги обвини САД и Израел дека Блискиот Исток го турнале „во бездна на неконтролирана ескалација“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва ја анализира ситуацијата по одлуката на Вашингтон да започне напади врз Иран, и покрај, како што сметала Русија, охрабрувачките сигнали од преговорите меѓу САД и Иран со посредство на Оман.
„Можеме да изразиме длабоко разочарање бидејќи, и покрај извештаите за значителен напредок во тие преговори, ситуацијата сепак ескалираше во отворена агресија“, рече Песков.
Тој додаде дека Путин подоцна во текот на денот ќе има меѓународен телефонски разговор поврзан со Иран, без да открие со кого, и посочи дека Русија останува во дијалог и со земјите од Персискиот Залив погодени од конфликтот.
Фото: ЕПА

