Свет
Полска би произведувала муниција со осиромашен ураниум за САД, вели премиерот Моравјецки
Полска сака да биде сервисен центар во Европа за сите американски тенкови „М1 Абрамс“, па дури и да произведува муниција со осиромашен ураниум за нив, изјави во средата полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
По средбата со американската потпретседателката Камала Харис во Вашингтон во вторникот, Моравјецки отпатувал во Анистон, Алабама, каде што се наоѓа военото депо на американската армија, кое ги опслужува сите гасенички возила, вклучително и тенковите „Абрамс“.
„Сакам сервисниот центар за тенковите „Абрамс“ за цела Европа, за одржување на нивната борбена готовност, да биде отворен во Полска. Ова е можно и веќе сум во преговори за тоа“, рече Моравјецки.
Тој додаде дека Полска исто така се стреми да отвори фабрика во која ќе може да се произведува муниција со осиромашен ураниум.
Американските и британските тенкови го користат густиот метал за муниција што продира низ оклопните возила. Неговите остатоци се многу токсични кога се вдишуваат, а кај многу војници на НАТО беше регистриран огромен скок во стапката на заболени од рак откако поминале време на места каде што била користена муницијата со осиромашен ураниум, како што се Ирак и поранешна Југославија.
По средбата со Харис во вторникот, Моравјецки изјави и дека побарал дополнително американско присуство од неколку илјади војници, како и повеќе бази и магацини за американска опрема и оружје, што ќе бидат испратени во Украина.
Полска во моментот е логистички центар за напорите на НАТО да го вооружи Киев иако алијансата предводена од САД тврди дека не е директно вклучена во конфликтот на Украина и Русија.
Варшава со години бара постојано американско присуство, а во 2018 година се обиде и да го привлече поранешниот претседател Доналд Трамп со понуда да именува база по него.
Полска нарача 250 нови тенка „Абрамс“ и други 116 модернизирани тенкови за да ги замени своите тенкови „Т-72“ од советската ера, што ѝ ги даде на Украина. Првите 14 тенка треба да пристигнат во јуни, рече Моравјецки, опишувајќи ги како „оклопна завеса“ што ќе ја заштити Полска.
Полските медиуми исто така малку го разјаснија збунувачкото патување на Моравјецки во САД додека претседателот Бајден е отсутен од земјата. Посетата, според информативниот портал „Интерија“, била ненадејно забрзана од Американците како контрареакција на минатонеделното патување на францускиот претседател Емануел Макрон во Кина.
Патувањето на Моравјецки добива уште поголемо значење по коментарите на францускиот претседател Макрон дека ЕУ нема да биде „вазал на Вашингтон“ кога станува збор за соочување со Кина впо врска со статусот на Тајван, пишува порталот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„ВизЕр“ и „ФлајДубаи“ организираат летови за враќање на Унгарците од Блискиот Исток
Унгарија организира враќање на своите граѓани кои се заглавени на Блискиот Исток поради ескалацијата на конфликтот. Два авиона, секој со 90 патници, ќе полетаат од Аман, Јордан, утре и четврток, изјави денес министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
Тој додаде дека е можно да се влезе во Јордан од Израел преку два копнени гранични премини. Во исто време, „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови од Египет, а авиокомпаниите од Обединетите Арапски Емирати исто така делумно го обновуваат сообраќајот, објавува Daily News Hungary.
Во гостувањето во подкастот „Час на вистината“, Сијарто објасни дека во Израел има многу унгарски граѓани кои можат да ја напуштат земјата со одење во Јордан или преминување во Египет преку граничниот премин отворен 24 часа на ден.
За да се олесни враќањето на Унгарците што пристигнуваат во Египет, авиокомпанијата „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови до Шарм ел Шеик од сегашните три на десет неделно, потврди министерот.
„Воздушниот сообраќај од Обединетите Арапски Емирати е делумно обновен, а авион на ‘ФлајДубаи’ полета за Унгарија попладнево“, објави Сијарто на „Фејсбук“.
Министерот потсети на напнатата ситуација во регионот, наведувајќи дека Иран ги продолжил своите сеопфатни напади врз земјите од Заливот преку ноќ и дека беспилотни летала биле насочени и кон амбасадата на САД во Ријад.
„Повеќето земји сè уште го држат својот воздушен простор затворен“, рече Сијарто, додавајќи дека „Катар ервејс“ сè уште не дал информации за продолжување на летовите.
Од друга страна, тој го потврди денешниот лет на „ФлајДубаи“, кој превезува патници со веќе купени билети.
„’Емирејтс’, исто така, ги обнови летовите, а неколку унгарски граѓани веќе го напуштија регионот, летајќи кон разни европски дестинации“, заклучи министерот.
Свет
Шпанија одговори на заканите на Трамп за прекин на трговските односи
Шпанската влада одговори на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за прекинување на трговските односи со Шпанија, која ја нарече „ужасен“ сојузник поради наводно несоработка во врска со воените бази.
Во соопштението, владата посочува дека ако Вашингтон сака да ги преиспита трговските односи, „ќе мора да го стори тоа почитувајќи ја автономијата на приватните компании, меѓународното право и билатералните договори меѓу Европската Унија и САД“, објави RTVE.es.
Владата, исто така, ја бранеше позицијата дека Шпанија е клучна членка на НАТО која ги исполнува своите обврски и значително придонесува за одбраната на европската територија.
„Ние сме исто така извозна сила на ЕУ и сигурен трговски партнер за 195 земји низ целиот свет, вклучувајќи ги и САД, со кои одржуваме историски и меѓусебно корисни трговски односи“, се наведува во соопштението.
И покрај сè, Мадрид посочи дека Шпанија ги има потребните ресурси за ублажување на евентуалните удари, за помош на секторите што би можеле да бидат погодени и за диверзификација на синџирите на снабдување.
Во секој случај, се додава во соопштението, волјата на владата е и секогаш ќе биде да се залага за слободна трговија и економска соработка меѓу земјите, со меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право.
фото/Depositphotos
Свет
Израелска војска: Нападнавме таен ирански нуклеарен комплекс
Израелските воздухопловни сили нападнаа тајна иранска нуклеарна локација во предградието на Техеран порано денес, објави израелската војска.
На прес-конференција, портпаролката на ИДФ, бригаден генерал Ефи Дефрин, изјави дека група нуклеарни научници „тајно работеле на развој на капацитети потребни за нуклеарно оружје“ во делумно подземниот објект.
Според ИДФ, по 12-дневната војна меѓу Израел и Иран во јуни 2025 година, за време на која цел беа иранските нуклеарни објекти, Иран „не ги запрел своите воени нуклеарни активности и продолжил да развива капацитети потребни за нуклеарно оружје, истовремено преместувајќи ја инфраструктурата на подземна локација заштитена од воздушни напади“.
ИДФ соопшти дека ги следела активностите на иранските нуклеарни научници и „ја лоцирала нивната нова локација, што овозможило прецизен удар врз тајниот комплекс“.
фото/Depositphotos

