Свет
Полска и Унгарија го блокираа усвојувањето на заклучок за миграцијата на самитот на ЕУ
Лидерите на земјите членки на ЕУ самитот го продолжуваат со дискусија за миграцијата откако на првиот ден од состанокот не можеа да се договорат за текстот на заклучоците за миграцијата.
Покрај тоа, на дневен ред се односите со Кина, надворешните односи, ситуацијата на северот на Косово и економските прашања. На првиот ден од самитот лидерите релативно бргу ги прифатија заклучоците во кои ја осудуваат руската агресија и ги прифаќаат обврските во однос на безбедноста на Украина, но дискусијата заглави за прашањето за миграцијата поради Унгарија и Полска.
Дебатата за миграцијата прекина еден и пол час по полноќ и денеска лидерите ќе се вратат на неа. Унгарија и Полска се против заедничкиот став што министрите за внатрешни работи го изгласаа со квалификувано мнозинство, со што се воведува принципот на обврзувачка солидарност. Таа гледна точка предвидува построга процедура за азил на надворешните граници за оние мигранти што немаат право на меѓународна заштита и нивно враќање во земјите на потекло или транзит.
Исто така, според оваа гледна точка, секоја земја членка би морала да прима одреден број мигранти годишно или, доколку не сака, да плаќа за секој одбиен мигрант во заеднички фонд. Без разлика дали ќе има заклучоци за миграцијата, заедничкиот став изгласан од министрите за внатрешни работи останува недопрен.
Затоа, целата дискусија им послужи на Унгарија и на Полска да го изразат своето незадоволство и да кажат дека за таквите работи треба да се решава едногласно. Унгарија и Полска побараа во заклучоците да се нагласи дека прашањето за миграцијата ќе се решава со консензус, иако тоа не е предвидено со правилата на ЕУ.
Пред работната вечера, која беше посветена исклучиво на прашањето за миграцијата, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се обиде да постигне решение во билатерални разговори.
На маса имаше неколку идеи, меѓу другото, дека миграцијата воопшто не треба да биде во заклучоците, да се додадат некои елементи на постојниот нацрт за да се добие согласност на Унгарија и Полска или постојниот нацрт да се усвои како изјава на претседателот на Европскиот совет, а не како заеднички став на сите.
Според дипломатски извори, италијанската премиерка Џорџија Мелони ќе се обиде да ги приближи позициите в петок пред средбата за да се постигне консензус. Таа се противи на идејата да се напуштат заклучоците за миграцијата. По миграцијата, лидерите ќе разговараат за односите со Кина.
Според нацрт-заклучоците, лидерите, меѓу другото, треба да ја повикаат Кина како постојана членка на Советот за безбедност на ОН да изврши притисок врз Русија да ја прекине својата агресија врз Украина. Во дискусијата за надворешните односи ќе се разговара за тензичната ситуација на северот на Косово, а во заклучоците лидерите ќе побараат нови избори во четири општини со српско мнозинство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иранскиот министер: Преговорите во Оман со САД беа многу добар почеток
Во главниот град на Оман, Маскат, заврши нов круг преговори меѓу Иран и САД, при што, според иранската државна агенција ИРНА, двете страни покажале подготвеност за продолжување на дијалогот. Агенцијата „Тасним“ објави дека е договорено разговорите да продолжат, но не е наведено кога би се случило тоа.
Преговорите се одвивале со посредство на оманскиот министер за надворешни работи, Саид Бадр Албусаиди. Иранскaта делегација ја предводел шефот на дипломатијата Абас Аракчи, а американската страна била претставувана од специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џеред Кушнер, зетот на Доналд Трамп. На разговорите присуствувал и адмиралот Бред Купер, командант на Централната команда на американската армија (CENTCOM).
Министерот Аракчи во изјава за иранските државни медиуми по средбата истакна дека разговорите биле „многу добар почеток“ и дека биле одржани во „многу позитивна атмосфера“. Додаде дека двете делегации се договориле да продолжат со консултации со своите челници.
И покрај тоа што не беа соопштени детали за конкретните теми, оманскиот министер за надворешни работи Албусаиди изрази оптимизам и оцени дека било „корисно да се разјаснат ставовите на двете страни и да се утврдат можности за напредок“. Тој на социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер) напиша дека резултатите ќе бидат внимателно разгледани од Техеран и Вашингтон.
Very serious talks mediating between Iran and the US in Muscat today.
It was useful to clarify both Iranian and American thinking and identify areas for possible progress. We aim to reconvene in due course, with the results to be considered carefully in Tehran and Washington. pic.twitter.com/OWctzf2CXA— Badr Albusaidi – بدر البوسعيدي (@badralbusaidi) February 6, 2026
Свет
Европската комисија бара промени на „Тик-ток“: „Предизвикува зависност, особено кај децата“
Европската унија би можела да го принуди „Тик-ток“ да направи измени во апликацијата, откако во прелиминарна одлука наведе дека платформата ги прекршила правилата за дигитална безбедност.
Европската комисија смета дека дизајнот што предизвикува зависност му штети на физичкото и менталното здравје на корисниците, особено на децата и ранливите лица, пишува „Гардијан“.
Според одлуката, „Тик-ток“ не ги проценил соодветно ризиците од својот дизајн, кој преку постојано надградување со нова содржина поттикнува непрекинато скролање и го става мозокот во режим на автопилот. Комисијата наведува дека тоа може да доведе до компулсивно однесување и намалена самоконтрола, како и дека платформата игнорирала показатели за прекумерна употреба, вклучително и времето што децата го минуваат на апликацијата ноќе.
Комисијата размислува за наметнување промени во дизајнот, вклучувајќи измени на алгоритмот за препораки, ограничување на бесконечното скролање, воведување ефективни паузи од екран, вклучително и во текот на ноќта, како и прилагодување на системот за препораки.
Безбедносните механизми, како алатките за контрола на времето и родителските контроли, се оценети како недоволни.
Кршењето на Актот за дигитални услуги (ДСА) може да резултира со казна до 6 проценти од годишниот промет на компанијата. Се проценува дека „Тик-ток“ годинава ќе оствари приход од околу 35 милијарди долари.
Свет
САД ги повикаа своите граѓани да го напуштат Иран
Соединетите Американски Држави ги повикаа своите граѓани веднаш да го напуштат Иран, предупредувајќи на сериозни безбедносни ризици, вклучувајќи тероризам, немири, киднапирања и произволни апсења и притворања на американски граѓани.
Американските власти им советуваат на граѓаните сами да направат план за излез и да не се потпираат на помош од американската влада, бидејќи САД немаат амбасада во Иран.
Според предупредувањето од Стејт департментот на САД, американските граѓани во Иран се соочуваат со висок ризик од нелегално притворање, вклучувајќи долготраен притвор, тортура и, во некои случаи, смртна казна. Швајцарија дејствува како заштитна сила за американските интереси во Иран, чија амбасада во Техеран обезбедува само итни конзуларни услуги.

