Свет
Полскиот премиер: Ќе испратиме тенкови „Леопард 2“ во Украина, германската дозвола е неважна

Германското одобрение за тенковите „Леопард 2“ не е примарно, па дури и без тоа одобрение, Полска би можела да ѝ ги достави на Украина како дел од коалицијата на земји, изјави полскиот премиер, Матеуш Моравјецки.
Соединетите Американски Држави и нивните сојузници минатата недела не успеаја да го убедат Берлин да дозволи испраќање на тенковите „Леопард 2“ до линијата на фронтот, а тешките тенкови Украина ги смета за клучни за успехот во борбата против руските сили. Полска е првиот поборник за испорака на „Леопардите“ и ги повикува земјите што ги имаат овие германски тенкови да ги испратат во Украина, дури и без одобрение од Берлин.
„Ќе ја побараме таа дозвола, но тоа е помалку важно. Дури и ако не добиеме дозвола (…), ние сепак ќе ги доставиме нашите тенкови во Украина заедно со другите земји“, изјави премиерот Моравјецки за новинарите.
„Притисокот има смисла затоа што во текот на викендот германскиот министер за надворешни работи даде малку поинаква порака, што дава одредена надеж дека Германија не само што нема да го блокира (испраќањето тенкови) туку на крајот ќе испорача тешка опрема, модерна опрема, за да ѝ помогне на Украина“, рече Моравјецки.
Во неделата, шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, рече дека Германија нема да застане на патот на Полска да ги испрати своите тенкови „Леопард 2“ во Украина.
Германската влада е под зголемен притисок да ги испрати тешките тенкови во Украина, кои би можеле да влијаат на рамнотежата на силите на линијата на фронтот.
На состанокот во петокот во американската воена база во Рамштајн, Германија, западните сојузници на Украина ја одложија одлуката за ова прашање, што го налути Киев, кој ја критикува нивната неодлучност. Од почетокот на војната германската влада постојано изразуваше претпазливост за испраќање сè понапредни системи за оружје во Киев, но на крајот тие сепак ги доставија.
Владини извори во Германија минатата недела изјавија дека ќе дадат зелено светло за тенковите „Леопард“ доколку САД се согласат да испратат тенкови „Абрамс“ во Украина.
Но, САД јасно ставија до знаење дека нема да го испратат „Абрамс“ во блиска иднина и тврдат дека тоа би било логистички кошмар за украинските сили поради горивото и одржувањето потребно за овие тенкови.
Германскиот тенк „Леопард“ се смета за идеален бидејќи е во сопственост на многу земји, како Полска и Финска, што значи дека тие би можеле да го поделат товарот за опремување на Украина. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Германија е еден од сојузниците што дава најголема поддршка на Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Добитничката на Нобеловата награда за мир го повикува Трамп да ја запре војната на Мадуро против нејзината земја

Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, повика на поголема поддршка од Соединетите Американски Држави за да се запре она што го опиша како војна на претседателот Николас Мадуро против нејзината земја, пишува Си-ен-ен.
Во интервју за Си-ен-ен, Мачадо ги повтори ставовите на администрацијата на Доналд Трамп нарекувајќи го Мадуро лидер на „криминална наркотерористичка структура“, а од американскиот претседател Доналд Трамп побара поголема помош за негово соборување од власт.
Таа исто така изјави дека американскиот лидер апсолутно заслужува своја Нобелова награда за мир поради „неверојатните настани што моментно се случуваат во светот“ алудирајќи на напорите на Трамп да посредува во мировниот процес на Блискиот Исток.
Изјавите на Мачадо, чија победа предизвика негодување кај некои поддржувачи на движењето МАГА, кои се надеваа дека Трамп ќе ја добие наградата, доаѓаат во време на растечки тензии меѓу САД и Венецуела, пишува Си-ен-ен. Тие следуваа по неколку американски воени напади врз бродови во близина на брегот на Венецуела, кои администрацијата на Трамп наводно ги означи како бродови за шверц на наркотици, а последниот таков напад беше во вторникот кога загинаа шест лица на бродот.
Додека администрацијата на Трамп инсистира дека целите на нивните напади се дилери на дрога, пишува Си-ен-ен, Каракас ги обвинува САД дека се обидуваат да го соборат Мадуро – човек кого САД го обвинуваат за трговија со дрога (обвинение што тој жестоко го негира) и за чија глава има награда од 50 милиони долари.
Мачадо, која е во егзил од спорните избори минатата година, ги поздрави американските акции, што ги смета за намалување на поддршката за режимот на Мадуро.
Таа исто така го обвини Мадуро, пишува Си-ен-ен, дека ја претвора Венецуела во „вистинска закана за националната безбедност на САД“.
„Во случајот на Мадуро и неговата криминална наркотерористичка структура, таа се одржува преку трговија со дрога, злато, оружје, па дури и луѓе, и ние мора да ги намалиме овие текови“, изјави Мачадо за Си-ен-ен.
Таа за Си-ен-ен изјави дека промената на режимот ќе биде можна само со „спроведување на законот и со прекинување на тековите што потекнуваат од овие криминални активности“ додавајќи дека токму тоа би ја завршило војната на Мадуро против нејзината земја.
Фото: принтскрин
Свет
Зеленски и Путин се борат за вниманието на Трамп, ова е најнеизвесната битка во целата војна, пишува „Скај њуз“

Зеленски и Путин се борат жестоко за наклонетоста на Трамп, кој како фигура стана една од клучните во оваа војна, анализира дописникот на „Скај њуз“, Џон Спаркс.
Сеопфатен договор би барал големи територијални отстапки, а Зеленски нема намера да ја предаде земјата што моментно ја држи руската војска. Од друга страна, Путин нема намера да се повлече.
Каде го остава тоа Володимир Зеленски, кој е во Вашингтон обидувајќи се да ја истражи можноста за добивање ракети „томахавк“?
Всушност, ситуацијата не се промени многу за украинскиот претседател од февруари кога Трамп и неговиот сојузник Џ. Д. Венс јавно му држеа предавања. Тој сè уште треба да ги убеди да ја прифатат украинската приказна, приказната за демократијата, европската интеграција и, на крајот, опстанокот на украинскиот идентитет.
Крстосувачките ракети „томахавк“ сами нема да ја променат војната. Дури и ако Трамп ја одобри испораката, Украина нема да добие многу од нив, а прашањето е како би ги користела, Американците ги лансираат од бродови и подморници.
Значењето на „томахавкот“, според тоа, симболично, покажува на која страна, всушност, стои Трамп. Американскиот претседател стана продолжение на оваа војна, едно од нејзините клучни бојни полиња. Трамп може, со својата одлука, да воведе разорни санкции врз Русија или да обезбеди воена помош што би ги надминала сите претходни пакети – и што би значело многу повеќе од неколку десетици ракети.
Затоа, Путин и Зеленски ќе продолжат да се борат за наклонетоста на Трамп, што е најнепредвидливото бојно поле на оваа неславна војна, заклучува Спаркс.
Свет
СЗО: Заразните болести во Газа се надвор од контрола

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека заразните болести во Појасот Газа денес се надвор од контрола, при што само 13 од 36-те болници на територијата делумно функционираат.
„Без разлика дали станува збор за менингитис, дијареја, респираторни заболувања, зборуваме за огромна количина работа“, рече Ханан Балки, регионален директор на здравствената организација на ОН.
Во посебна изјава СЗО соопшти дека ги зголемила резервите со медицинска опрема за здравствените установи откога прекинот на огнот во Газа стапи во сила.
„Оваа недела повеќе од 220 палети со основни лекови и медицински потрошен материјал беа испратени од нашиот јужен магацин до партнерите што ги поддржуваат болниците во Газа“, се вели во соопштението на платформата „Икс“.
СЗО им се заблагодари на Европските операции за цивилна заштита и хуманитарна помош (ECHO) за нивната континуирана поддршка, објавува „Гардијан“.
Светската програма за храна (WFP) на ОН денес објави дека од почетокот на прекинот на огнот во Газа доставувала просечно 560 тони храна дневно, но дека тоа е сè уште под потребните количини. „Сè уште сме под она што ни е потребно. Прекинот на огнот отвори мал прозорец на можности и Светската програма за храна (WFP) многу бргу се движи кон зголемување на помошта во храна“, изјави портпаролката на WFP, Абир Етефа, за новинарите во Женева.
Војната уби најмалку 67.967 луѓе во Газа, претежно жени и деца, според палестинското Министерство за здравство.
Фото: принтскрин