Свет
Полскиот претседател: „Вагнерците“ би можеле да се обидат да влезат во ЕУ како мигранти
Борците на групата „Вагнер“ лоцирана во Белорусија би можеле да се претстават како мигранти и да влезат во Европската унија, предупреди полскиот премиер Матеуш Моравјецки. Тој тврдеше дека платениците може да се претставуваат како белоруски граничари за да им помогнат на мигрантите да влезат во ЕУ или дури да се претставуваат како мигранти и да влезат во Унијата.
„Сега ситуацијата станува уште поопасна“, рече тој на прес-конференција за време на посетата на фабриката за оружје во Гливице во јужна Полска.
„Ова е секако чекор напред кон иден хибриден напад на полска територија“, додаде тој. Неколку илјади борци на Вагнер преминаа во Белорусија по краткотрајниот бунт против Кремљ во јуни.
Ним им беше понуден избор да се приклучат на редовната руска армија или да одат во Белорусија, близок сојузник на Москва. Во четвртокот, полскиот министер за внатрешни работи рече дека Полска, Литванија и Летонија би можеле заеднички да ги затворат границите со Белорусија доколку има инциденти со групата долж нивните граници.
Минатиот викенд белорускиот претседател Александар Лукашенко инсистираше на тоа дека платениците на Вагнер ќе бидат задржани во централна Белорусија.
„Тие сакаат да одат на Запад, на патување во Варшава“, се пошегува Лукашенко во разговорот со Путин. „Но, секако, ги чувам во централна Белорусија, како што се договоривме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

