Свет
Полскиoт министер: Канцеларот Шолц се меша во нашите избори
Повикот на германскиот канцелар Олаф Шолц до Варшава да ги разјасни наводите за мигрантските визи е обид за мешање во полската изборна кампања, изјави министерот за надворешни работи, Збигњев Рау.
Миграцијата се наметна како главна тема на кампањата пред парламентарните избори, што ќе се одржат во Полска на 15 октомври.
Овој месец владата беше обвинета од опозициските партии дека е соучесник во систем во кој на мигрантите им се доделуваа полски визи со забрзано темпо, без соодветни проверки по плаќањето на посредниците. Во саботата германскиот канцелар Шолц рече дека прашањето бара разјаснување и предложи Германија да преземе чекори поврзани со граничните проверки со Полска.
„Надлежноста на германскиот канцелар очигледно не ги вклучува тековните постапки во Полска. Изјавите во таа смисла укажуваат на обид за мешање во внатрешните работи на Полска и тековната изборна кампања во Полска“, напиша министерот за надворешни работи, Рау, на платформата Х доцна во неделата.
Рау апелира до германскиот канцелар да го почитува суверенитетот на Полска и да се воздржи од изјави што ги нарушуваат меѓусебните односи.
Претходно, еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон. побара појаснување за ова прашање и ја повика Полска да одговори на обвинувањата дека дури 350.000 мигранти купиле шенген-визи за ЕУ во полските конзулати преку посредници.
Шенген-визите им овозможуваат на нивните сопственици да патуваат во границите на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.
Свет
(Видео) Лавина во Калифорнија: Осум скијачи загинаа, еден е исчезнат
Осум скијачи загинаа, а еден е исчезнат во лавина во планините Сиера Невада во Калифорнија, соопштија властите во среда, во една од најсмртоносните вакви несреќи во историјата на САД. Спасувачите извлекоа шест преживеани по снежната бура што фрли неколку метри нов снег во Сиера во последните денови.
Лавината се случи во 11:30 часот наутро во близина на Касл Пик во Траки, Калифорнија, 15 километри северно од езерото Тахо, и затрупа група скијачи.
Преживеаните се засолниле под церади и комуницирале со спасувачите преку радио и СМС-пораки. Скијачите завршувале тридневно патување со водич. Во групата имало 11 од нив и тие престојувале во колиби на надморска височина од 2300 метри.
Сиера Невада добива повеќе од 9 метри снег во типична зима, што ја прави едно од најснежните места на западната хемисфера. Во текот на изминатите десет години, лавините во САД убиле просечно 27 луѓе годишно, според Центарот за лавини во Колорадо.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.

