Свет
Поплавите во Германија уништија градови, пруги и улици: „Ова е катастрофа на векот“
Најмалку 189 луѓе загинаа, а стотици сè уште се водат за исчезнати по катастрофалните поплави што погодија големи делови на Западна Европа. Десетици илјади луѓе не беа во можност да се вратат во своите домови, а многумина сѐ уште се без струја и вода за пиење.
Поплавата предизвикана од невидена количина врнежи погоди делови од Западна Германија, Белгија и Холандија.
Неколку области во јужна Холандија продолжија да се евакуираат кога реката Меза во саботата достигна ниво што не е видено повеќе од еден век. Во Венло, град сместен веднаш на Меза, 10000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.
Волонтерите и војската вчера наполнија вреќи со песок и градеа насипи по што регионалната агенција за безбедност јави дека не се очекуваат поголеми поплави. Најмалку 158 луѓе загинаа во, како што рече германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, најголемата природна катастрофа на векот.
Во Германија водата се повлече за време на викендот оставајќи пустош, кал и хаос зад себе, пишува Си-ен-ен.
Беа однесени цели градови, железници и патишта
Во неделата, во посета на Шулд, еден од најпогодените градови, германската канцеларка Ангела Меркел рече дека уништувањето е надреално.

Таа ги пофали напорите и солидарноста во погодените области, но предупреди дека проблемите не може бргу да се решат.
„Германскиот јазик нема зборови за да го опише ова уништување“, рече таа.
Меркел вети брза финансиска помош по посетата на најпогодените области и најави дека владата ќе почне со краткорочна програма за закрепнување.
Делови од Белгија без вода за пиење
Поплави ја зафатија и Белгија, каде што Националниот центар за кризи соопшти дека денес состојбата постепено се подобрува во целата земја и оти областите погодени од поплавите се надвор од опасност.
Се наведува дека потрагата по починати продолжува и во моментот најголема грижа е недостигот на вода за пиење во некои од погодените области. Според Центарот, најмалку 31 лице загинале во невремето.
„Спасувачките операции се завршени, но операциите за пребарување сè уште траат во голем број области“, се вели во соопштението на Центарот.
За 24 часа падна огромна количина дожд
Катастрофалните поплави се случија откога паднаа огромни количини дожд во делови на Западна Европа. За 24 часа, повеќе од месечниот просек падна на местата што се поплавени.
Врнежите резултираа со екстремни поплавувања и нивото на водата се искачи за неколку минути.
Премногу е рано да се утврди точно колку голема улога одиграа климатските промени во предизвикувањето на оваа поплава, но екстремните врнежи, како оние што се гледаат во Западна Европа, стануваат сè почести и посериозни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

