Свет
Поранешен стражар во нацистички логор се соочува со пресуда пред германскиот суд
Завршните аргументи на обвинителството ќе бидат сослушани денеска на судењето на 93-годишниот поранешен нацистички стражар во концентрационен логор за соучесништво во убиството на повеќе од 5.000 лица за време на Втората светска војна, пренесува „Војс оф Америка“.
Во она што би можело да биде еден од последните вакви случаи на преживеани нацистички чувари, Бруно Деј е обвинет за соучесништво во убиството на 2.230 лица додека работел во логорот „Штутхоф“ во близина на тогашниот Данзиг, сега Гдањск во Полска.
Деј, кој се појави на суд во инвалидска количка, негира дека сноси вина за тоа што се случило во кампот. Неговата одбрана тврди дека тој не им се приклучил на СС доброволно пред да служи во логорот од август 1944 до април 1945 година, а таму бил назначен бидејќи поради проблеми со срцето не можел да биде во првите борбени редови.
Но, обвинителите тврдат дека неговото учество било клучно за убиствата бидејќи периодот додека бил во СС се совпаѓа со наредбата „Конечно решение“ за системско истребување на Евреите преку гасни комори, изгладнување или непружање медицинска нега.
На Деј му се суди на малолетнички суд затоа што тој во времето на злосторствата имал 17 или 18 години. На неговото сведочење во мај, Деј пред судот изјави дека сака да го заборави времето поминато во кампот.
„Не сакам да се потсетувам на минатото“, рече тој пред трибуналот во Хамбург.
Судијката Ана Мејер-Геринг праша дали Деј разговарал со своите деца и внуци за времето кога бил чувар во „Штутоф“.
„Не сносам никаква вина за тоа што се случи тогаш. Не придонесов ништо за тоа, освен тоа што чував стража. Но, бев принуден да го сторам тоа, тоа беше наредба“, рече Деј.
Деј минатата година призна дека бил свесен за гасните комори во кампот и дека видел прегладнети луѓе, луѓе кои страдале, но тврдел дека тој не е виновен.
Нацистите го основаа логорот „Штутхоф“ во 1939 година првично за приведување на полските политички затвореници. Но, во него завршија 110.000 затвореници вклучително и многу Евреи. Околу 65.000 луѓе умреа во кампот.
Деј, кој сега живее во Хамбург, станал пекар по војната. Оженет, татко на две ќерки, тој ги надополнувал своите приходи работејќи како возач на камион, а потоа и на одржување на зградите.
Тој влезе во фокусот на обвинителите по пресудата од 2011 година против поранешниот чувар на логорот „Собибор“, Џон Демјанук, врз основа на тоа дека бил дел од нацистичката машинерија за убивање. Оттогаш Германија се бори да ги осуди преживеаните припадници на СС по тој основ наместо за убиства или злосторства директно поврзани со обвинетиот.
Демјанук беше осуден за соучесништво во убиството на речиси 30.000 Евреи во логорот „Собибор“. Тој почина чекајќи одговор на неговата жалба. Судот пресуди дека како чувар во кампот, тој автоматски бил вмешан во убиствата извршени во тоа време.
Случајот постави нов правен преседан и предизвика неколку понатамошни пресуди на нацистичките офицери, вклучително и онаа за „книговодителот на Аушвиц“, Оскар Гронинг, кој почина на 96 години пред да да биде затворен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

