Свет
Поранешна соработничка на Трамп објави компромитирачка снимка
Поранешната соработничка на американскиот претседател, Доналд Трамп, Омароса Маниго Њумен, објави снимка за која тврди дека е доказ оти Трамп сакал да ја замолчи откако била отпуштена.
Видеото го објави телевизија MSNBC, а наводно на него се слуша снаата на Трамп, Лара, како на Њумен ѝ нуди работа со плата од 15 000 долари месечно, објави агенцијата АП.
Таа работа, според снимката, би значела Њумен да зборува само позитивни работи во врска со Трамп.
Снимката, според АП, исто така укажува дека Њумен располага со компромитирачки информации за Трамп.
„Звучи да, очигледно, постојат некои работи што ги имаш в џеб и можеш да ги објавиш“, вели Лара Трамп, која Њумен ја прекинува велејќи: „О, Боже“.
Станува збор за една од снимките со кои Њумен ги поддржува своите тврдења за Трамп, што таа ги изнесе во новата книга „Надвор од контрола“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Храната за бебиња „Аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „Аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.05.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со Регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и Водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави Индекс.хр.
Свет
Фон дер Лајен: Обврска на Европа е да биде одговорна за сопствената безбедност
Европа мора да биде одговорна за сопствената безбедност, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ова повеќе не е опција. Тоа е обврска“, изјави Фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур, објави Ројтерс.
Таа објави дека Европа „не може да си дозволи да им дозволи на другите да го дефинираат нејзиниот поглед на светот“.
Таа исто така додаде дека иако стратегијата за национална безбедност на САД е точна кога вели дека уделот на Европа во глобалниот БДП се намалува, САД се исто така, како што изјави таа, на „истиот пат“.
Во новата стратегија за безбедност на САД што неодамна беше објавена, европските земји се опишани како ослабени сили што го отстапиле својот суверенитет на Европската Унија.
Во документот, Европа е повикана и да преземе одговорност за сопствената одбрана, пренесува Танјуг.
Фото: депозитфотос
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот, врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување, или ознака за воздух што е опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот PM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и можат трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат бројните согорувачки постројки кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос

