Свет
Поранешниот шеф на Интерпол призна вина пред судот во Кина

Поранешниот шеф на Интерпол, Менг Хонгвеј, се изјасни за виновен на денешното судење кога кинеските власти го обвинија за прифаќање мито во вредност од 2,11 милиона евра, објавија тамошните државни медиуми.
Минатиот октомври Интерпол, глобалната агенција за координација на полицијата со седиште во Франција, објави дека Менг поднел оставка од функцијата претседател неколку дена откако неговата сопруга го пријавила неговото исчезнување кога заминал на пат кон својата родна земја Кина.
Во март владејачката Комунистичка партија објави дека истрагата за Менг покажала дека тој трошел огромни суми државни пари, ја злоупотребувал позицијата и одбивал да ги следи партиските одлуки.
„Менг Хонгвеј се изјасни за виновен и изрази жалење во судот“, објави официјалниот весник People’s Daily по сослушувањето.
Весникот додава дека неговите наводни злосторства биле извршени на разни позиции вклучувајќи ја и функцијата заменик-министер за јавна безбедност и шеф на кинеската крајбрежна стража во 2005 година.
Судот во северниот град Тијанџин официјалната пресуда ќе ја објави подоцна.
Не е јасно кој му е адвокат на Менг и новинарите не биле во можност да стапат во контакт со него или со друг законски застапник за коментар. Кинеските судови се цврсто контролирани од страна на Комунистичката партија и речиси е сигурно дека Хонгвеј ќе биде прогласен за виновен.
Неговата сопруга, која доби азил во Франција, изјави дека наводите против него се политички мотивирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан: Победник на новиот буџетски план на Европската комисија е Украина, а губитниците се граѓаните на ЕУ

Победник на новиот буџетски план на Европската комисија е Украина поради износот на пари наменети за Киев, а губитници се европските граѓани, изјави денес унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
„Тоа би можело особено силно да ги погоди земјоделците. Унгарските земјоделци, заедно со нивните европски колеги, би можеле да добијат многу помалку субвенции во иднина“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер додаде дека „во Брисел има хаос“ затоа што новиот буџетски предлог на Европската комисија, кој „ги изненади сите“, беше објавен истакнувајќи дека „ситуацијата е драматична“, пренесува MTI.
Денес, Европската комисија ќе го претстави првиот пакет-предлози за следниот долгорочен буџет на ЕУ, познат и како повеќегодишна финансиска рамка (MFF), пренесува „Танјуг“.
Свет
Италија планира да ослободи 10.000 затвореници за да ја намали пренатрупаноста

Италија ја разгледува можноста за ослободување до 10.000 затвореници, што е речиси 15 проценти од вкупната затворска популација, со цел да се намали пренатрупаноста, објави денес Министерството за правда. Министерството соопшти дека приближно 10.105 затвореници имаат право на алтернативни мерки, како што се домашен притвор или условна казна, објави „Ројтерс“.
Овие мерки ќе се применуваат на лица што веќе се осудени, на кои им остануваат помалку од две години од казната и кои немале сериозни дисциплински прекршоци во последните 12 месеци, објавува „Танјуг“.
Затворениците осудени за тешки кривични дела, вклучувајќи тероризам, организиран криминал, силување, трговија со луѓе и киднапирање, нема да бидат ослободени.
Според World Prison Brief, Италија се соочува со едно од највисоките нивоа на пренатрупаност во затворите во Европа, со стапка на зафатеност од 122 процента. Само Кипар, Франција и Турција имаат полоша ситуација, беше наведено.
Иако беше предложено затворениците да бидат ослободени, овој потег е политички чувствителен, па затоа Министерството за правда формира работна група, која ќе соработува со затворите и со судиите за условна слобода. Оваа комисија ќе донесува одлуки за секој поединечен случај и ќе поднесе извештај за својата работа до септември.
Свет
Иран: Нема нови нуклеарни преговори со САД без исполнување на условите

Иранскиот парламент објави дека земјата нема да ги продолжи нуклеарните преговори со Соединетите Американски Држави додека не се исполнат одредени предуслови, објавија државните медиуми.
„Кога САД ги користат преговорите како алатка за да го измамат Иран и да прикријат ненадеен воен напад од страна на ционистичкиот режим (Израел), разговорите не можат да се водат како порано. Потребно е да се постават предуслови, а нови преговори не можат да се водат додека не се целосно исполнети“, се вели во соопштението.
Иако предусловите не беа детално наведени, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, претходно истакна дека еден од условите може да биде гаранција дека нема да има понатамошни напади врз Техеран.
Минатиот месец, САД и Израел започнаа напади врз нуклеарните објекти на Иран, тврдејќи дека тие се дел од програмата за развој на нуклеарно оружје. Техеран ги отфрла овие тврдења.
Техеран и Вашингтон одржаа пет рунди индиректни разговори, со посредство на Оман, пред почетокот на 12-дневната воздушна кампања. Овие преговори заглавија поради барањето на САД, Иран да ја суспендира својата домашна програма за збогатување на ураниум.
Минатата недела, Арагчи го повтори ставот на Техеран дека нема да се согласи на нуклеарен договор што би го забранил збогатувањето на ураниум и дека Иран нема да разговара за теми што не се директно поврзани со неговата нуклеарна програма, вклучително и балистичките ракети.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во вторникот изјави дека не брза да преговара со Иран, бидејќи, како што рече, нивните нуклеарни капацитети сега се „уништени“. Сепак, САД, во соработка со Франција, Германија и Велика Британија, го поставија крајот на август како краен рок за постигнување договор.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, во вторникот потврди дека Париз, Лондон и Берлин ќе го активираат механизмот за повторно воведување санкции на ОН против Иран доколку дотогаш нема конкретен напредок кон договор, објави Ројтерс.