Свет
Порoшенко: Путин е луд манијак 22 години
Поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, зборуваше за „Н1“ за последните напади на Киев, кои резултираа со губење на електрична енергија во голем дел од градот.
Тој ги повика западните сојузници да продолжат да ѝ помагаат на Украина.
„Украина е под руски напад осум години, плаќа висока цена да се врати под закрила на европското семејство. Денеска е 250. ден од руската инвазија и утринава цела Украина ја разбуди звукот на повеќе од 50 ракети и проектили што ја погодија критичната инфраструктура и цивилните објекти“, изјави Порошенко за N1.
Порошенко посочува дека дури 60 отсто од Киев останал без струја, а најголемиот дел од градот исто така бил без вода.
„Луѓето во Европа имаат привилегија да пијат кафе наутро со кроасан, а украинските деца и семејствата мора да останат во темни соби, станови без вода, со голема опасност да бидат убиени од руски манијак“, вели тој, додавајќи дека Украина не се плаши од уцена на рускиот претседател Владимир Путин.
„Кога Путин ја уценува Европа и светот, ние не се плашиме од уцена; тој ги уценува цените на храната, го блокира протокот на гас и нафта во Европа, се заканува со нуклеарно оружје, ја напаѓа нуклеарната централа во Запорожје. Ве потсетувам како Путин го започна својот мандат во 2000. Нападна цивилна зграда, уби стотици Руси, само затоа што сакаше да си го подигне рејтингот. Ова е демонстрација дека Путин е луд манијак 22 години“, вели поранешниот украински претседател.
„Украинците се нескротливи и сите ние мора да го осудиме тоа што се случува. Свикуваме вонреден состанок на Советот за безбедност на ОН и Путин за краток период треба да се појави зад решетки во Хаг на меѓународниот суд.
„Повеќе од 35 отсто од енергетската инфраструктура беше уништена, но го изненадивме светот бидејќи Путин проблемот со енергијата и храната го претвори во оружје. Украина е подготвена. Ниту една земја во Европа не може да опстане под овие услови, но ќе успееме бидејќи за нас слободата, демократијата и враќањето во европското семејство е поважно од недостатокот на струја. Подобро е да се биде во темнина отколку да се биде роб. Ова е само уште еден доказ дека Украина е најеврооптимистичката нација “, рече Порошенко.
Порошенко смета дека руската агресија не може да трае и додава дека Украина смета на помошта на своите сојузници од Западот.
Порошенко наведува дека сега е важно да има генератори и трансформатори за енергетската инфраструктура.
„Истрелаа голем број ракети кон инфраструктурата, ни требаат голем број резервни делови. Ви благодариме за оружјето, но сега ни треба енергетска помош. Кога го слушате Путин, не верувајте му и не плашете се“, додаде тој.
„Тешко е да се најде компромис, Путин сака да нè убие. Единствениот начин да се запре војната и да се преговара е Русија да ја напушти нашата земја. Инструментот за запирање на војната е депутинизација, депутинизација на светот, Европа, вклучително и проруски партии, новинари, невладини организации затоа што тој сака да искористи се за да ја нападне демократијата. Она што сега и треба на Украина е мир преку победа“, изјави Порошенко за N1.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рубио: САД не планираат инвазија, туку купување на Гренланд
Американскиот шеф на дипломатијата Марко Рубио им порача на пратениците дека, и покрај сè поагресивната реторика, администрацијата не планира инвазија врз Гренланд, туку сака да го купи овој огромен остров од Данска. Оваа изјава, дадена за време на затворен брифинг во понеделникот, доаѓа во момент кога Белата куќа јавно не ја исклучува можноста за воена акција, а претседателот Трамп и неговите соработници одбиваат да ја исклучат можноста за заземање територија со сила.
Дека ситуацијата е сериозна, потврди и портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека стекнувањето на Гренланд е приоритет за националната безбедност на Соединетите Американски Држави и дека е клучно за одвраќање на нашите противници во арктичкиот регион“, изјави таа.
„Претседателот и неговиот тим разговараат за низа опции за остварување на оваа важна надворешнополитичка цел, а секако, користењето на американската војска секогаш е опција што му стои на располагање на врховниот командант.“
Желбата на Трамп да го купи Гренланд не е нова – тој за тоа зборуваше и за време на својот прв мандат, но сега се чини дека е поодлучен од кога било оваа територија да ја припои кон Соединетите Американски Држави.
Зборовите на Рубио биле изречени на состанок со раководството на Конгресот, на кој учествувале и министерот за одбрана Пит Хегсет и претседателот на Здружениот штаб, генералот Ден Кејн. Главна тема на состанокот била операцијата за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, но разговорот се проширил и на други потенцијални воени акции.
Според извори, лидерот на сенатското малцинство, Чак Шумер, директно прашал дали администрацијата планира воена интервенција во Мексико или на Гренланд, на што Рубио, како што се наведува, се обидел да ја смири ситуацијата.
Иако не е целосно јасно дали Рубио навистина ги смирил пратениците, блискиот сојузник на Трамп, сенаторот Линдзи Греам, тврди дека агресивната реторика е всушност преговарачка тактика.
„Сето ова е дел од преговори“, изјави тој.
„Мораме да имаме правна контрола и правна заштита за да ја оправдаме изградбата на тоа место и испраќањето на нашите луѓе на терен.“
Сепак, ваквиот пристап предизвика длабока загриженост кај европските сојузници. Членките на НАТО предупредија дека американски напад врз Гренланд, кој е автономен дел од Данска, би значел крај на деценискиот воено-политички сојуз.
Дека Белата куќа не се откажува од притисокот, покажа и Стивен Милер, еден од најблиските соработници на Трамп, кој во понеделникот на Си-Ен-Ен не ја исклучи можноста за инвазија.
„Никој нема воено да се бори против Соединетите Американски Држави поради иднината на Гренланд“, самоуверено порача тој.
Самиот претседател Трамп беше уште подиректен следниот ден, во вторникот, кога им објасни на новинарите во претседателскиот авион: „Ни треба Гренланд од аспект на националната безбедност, а на Европската Унија ѝ треба ние да го имаме и тие тоа го знаат“, рече тој, нагласувајќи ја важноста на контролата врз Арктикот поради Русија и Кина, како и пристапот до богатите минерални ресурси на островот.
Данската влада се обиде да одговори на безбедносните грижи на Трамп, нудејќи стационирање на поголем број американски војници и нови права за експлоатација на минерали, но Трамп во неделата ги отфрли тие предлози со изјава дека Копенхаген купува „уште едни санки за кучиња“.
Данската премиерка Мете Фредериксен во понеделникот упати досега најостро предупредување. За локалната телевизија ДР изјави дека напад врз членка на НАТО би значел крај на сè.
„Сè би завршило. Меѓународната заедница каква што ја познаваме, демократските правила на игра, НАТО – најсилниот одбранбен сојуз во светот – сето тоа би се урнало ако една земја членка на НАТО одлучи да нападне друга“, порача Фредериксен.
Стравот кај европските лидери е дополнително засилен поради неодамнешните американски воени операции во Венецуела, Нигерија и Иран, кои укажуваат дека Трамп во својот втор мандат е поподготвен да користи сила. Во меѓувреме, додека траат дипломатските тензии и закани, жителите на Гренланд, според истражувањата на јавното мислење, во големо мнозинство се противат на идејата да станат дел од Соединетите Американски Држави.
Свет
Франција: Подготвуваме план ако САД тргнат кон Гренланд
Франција, заедно со европските партнери, работи на план за одговор во случај Соединетите Американски Држави да се обидат да го преземат Гренланд, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Тој нагласи дека Европа сака да реагира координирано и заеднички, додавајќи дека темата ќе биде отворена на состанок со министрите за надворешни работи на Германија и Полска.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја изнесе идејата за преземање контрола врз Гренланд, тврдејќи дека островот е стратешки важен за безбедноста на САД. Белата куќа соопшти дека се разгледуваат различни опции, вклучително и воени, иако тоа наиде на европски критики.
Баро изјави дека по разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио, му било потврдено дека воена инвазија врз Гренланд не е опција. Данска и Гренланд порачаа дека островот не е на продажба и побараа итен дијалог со Вашингтон.
Фото: pexels
Свет
Снег и мраз ја блокираа Европа: Париз, Лондон и Амстердам под предупредувања
Западна Европа се подготвува за нови снежни врнежи и мраз, откако првата бура оваа година ја погоди атлантската обала на континентот.
Откажани се бројни летови, железничкиот сообраќај е нарушен, а патиштата се блокирани додека бурата Горети напредува низ регионот.
Обилни снежни врнежи ја зафатија париската област во среда наутро, а југот на Велика Британија се очекува да биде најпогоден во четврток и петок. Предупредувања за студено време во среда покрија големи делови од Франција и Британија.
Метеоролошки предупредувања и сообраќајни проблеми
Француската метеоролошка агенција „Метео Франс“ во среда предупреди на снежни врнежи кои ќе се прошират на северната половина од земјата. Британската метеоролошка служба соопшти дека предупредувањата за мраз ќе останат во Шкотска, но дека наскоро ќе бидат укинати во поголемиот дел од Англија и Велс.
Автобускиот сообраќај во Париз беше запрен, додека продавниците се подготвуваа за првиот ден од новогодишните распродажби.
Холандската авиокомпанија КЛМ откажа 600 летови планирани за среда на аеродромот Схипхол во Амстердам. На едно од најпрометните европски воздухопловни чворишта, нарушувањата траат веќе шести ден по ред.
КЛМ предупреди дека ѝ недостига течност за одмрзнување на авионите и дека доцнењата во испораките го отежнале дополнувањето на залихите. Нејзиниот партнер „Ер Франс“ соопшти дека не е запознаен со какви било недостиг во Франција.
Воздушен сообраќај и мерки на претпазливост
Аеродромот Схипхол соопшти дека сè уште има доволни залихи од друг вид течност за одмрзнување, која се користи за чистење на пистите.
Француската управа за цивилно воздухопловство побара од авиокомпаниите да откажат 40 отсто од летовите на главниот париски меѓународен аеродром Роаси–Шарл де Гол и 25 отсто од летовите од помалиот аеродром Орли.
Во Брисел дел од летовите се откажани, а одмрзнувањето на пистите и крилјата на авионите предизвика доцнења.
Властите во Холандија ги повикаа жителите да работат од дома доколку е можно. Француските власти забранија сообраќај на камиони и училишни автобуси во третина од сите административни оддели, главно во северната половина на земјата.
Извршниот директор на „Карфур“, Александер Бомпар, изјави дека забраната за сообраќај на камионите ќе предизвика одредени нарушувања во синџирите на снабдување, особено со свежи производи.

