Свет
Постигнат договор меѓу Хамас и Израел за ослободување на заложниците
Израелската влада го поддржа договорот со Хамас за ослободување 50 жени и деца држени како заложници од палестинските милитанти во Газа во замена за четиридневен прекин на огнот, соопшти кабинетот на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Катарските власти, кои посредуваа во разговорите меѓу Израел и Хамас заедно со Соединетите Американски Држави, со денови велат дека спротивставените страни се многу блиску до договор.
Договорот ќе го означи првото примирје во војната во која израелските бомбардирања срамнија со земја делови од Газа со кои владее Хамас. Според властите во Газа, во тие напади во густо населената енклава загинале 13.300 цивили, а околу две третини од 2,3 милиона жители останале без покрив над главата.
Пред да ја собере владата во полн состав, Нетанјаху вчера одржа консултации за договорот со својот воен кабинет и поширокиот кабинет за национална безбедност. Според израелски извори, Хамас држи повеќе од 200 заложници приведени на 7 октомври кога неговите борци го нападнаа Израел и убија 1.200 луѓе.
Пред најавата за прифаќање на договорот, Нетанјаху рече дека интервенцијата на американскиот претседател Џо Бајден помогна да се подобри рамковниот договор за да вклучи повеќе заложници и помалку отстапки.
Но, Нетанјаху рече дека мисијата на Израел не е променета. „Ние сме во војна и ќе продолжиме да војуваме додека не ги постигнеме сите наши цели. Да се уништи Хамас, да се вратат сите наши заложници и да се осигуриме дека ниту еден ентитет во Газа не може да му се заканува на Израел“, рече тој во снимената порака на почетокот на состанокот.
Американски функционер запознаен со разговорите пред да го потврди договорот рече дека тој ќе вклучи размена на 150 палестински затвореници. Прекинот на непријателствата би овозможил и испорака на хуманитарна помош во Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.
Свет
Им го украл автомобилот, па добиле казна оти крадецот возел без појас
Брачниот пар Лејла и Хамид од Голд Кост, Австралија, прво станале жртви на кражба во нивниот дом, а потоа добиле и казна од околу 3.750 евра. Казната ја добиле затоа што крадецот кој им го украл автомобилот, Lexus SUV, не бил врзан со безбедносен појас.
Како што пренесува 9 Now Australia’s Today, маскирана група крадци влегла ноќе во нивниот дом додека брачниот пар спиел. Хамид се разбудил од бучавата, успеал да ги истера крадците и да повика полиција. Тврди дека полицијата не дошла, а крадците наскоро се вратиле и овој пат го украле нивниот Lexus SUV.
Хамид вели дека полицијата ја повикал и вторпат, но ни тогаш никој не дошол на адресата. Три недели по инцидентот, тврди тој, полицијата сè уште не го посетила нивниот дом. Наместо помош, парот добил – казна. Сообраќајна камера го снимила крадецот зад воланот на нивниот SUV без безбедносен појас, а паричната казна автоматски им била издадена на сопствениците на возилото. Ако не го платат износот до 3 март, им се закануваат дополнителни трошоци.
Хамид се прашува како е можно системот да го сними прекршокот и да ги казни сопствениците, но не и да ја идентификува лицето кое управувало со украдениот автомобил.
Според податоците на Австралискиот завод за статистика (ABS), во Австралија се краде еден автомобил на секои 11 минути. Во периодот 2023/2024 се украдени повеќе од 60.000 возила, околу 17.000 повеќе од претходната година. Барањата за отштета по кражби речиси се удвоиле од 2015 година и во 2024 достигнале 428 милиони долари.

