Свет
Почина актерката Ширли Даглас

Kaнадската актерка и активист за човекови права Ширли Даглас почина во неделата (5 април) на 86-годишна возраст, објавија светските медиуми повикувајќи се на соопштение на нејзиниот син, актерот Кифер Сатерленд.
Даглас почина од пневмонија, напиша Сатерленд на Твитер, прецизирајќи дека нејзината смрт не е поврзана со пандемијата на коронавирус.
„Мајка ми беше извонредна жена која водеше вонреден живот“, напиша Сатерленд, познат како агент Џек Бауер во ТВ-трилерот 24.
„За жал, таа веќе подолго време се бореше за своето здравје и ние како семејство знаевме дека ќе дојде овој ден “, напиша тој.
Актерската кариера Даглас ја помина помеѓу Канада и Холивуд, каде работеше со славни режисери меѓу кои Стенли Кјубрик и Дејвид Кроненберг.
Таа е исто така позната по кампањите за прогесивни каузи, вклучувајќи ги движењата за граѓански права и „Црните пантери“ во 1960-тите, а подоцна го бранеше системот на јавно здравство во Канада.
Даглас имаше три деца, две од нив – меѓу кои Кифер – со холивудскиот актер Доналд Сатерленд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Неколкумина загинаа откако патнички воз излета од шините во југозападна Германија

Неколку лица загинаа, а многу други се повредени откако патнички воз излета од шините во југозападна Германија, јави ДПА, повикувајќи се на безбедносни извори.
Спасувачките тимови се на местото на настанот и го пребаруваат возот и околината во потрага по патници.
Свет
Тројца мажи завршија во болница поради топлотен удар во Кипар

Тројца мажи се хоспитализирани денеска во Лимасол и Никозија во Кипар поради топлотен удар, при што еден од нив е во критична состојба.
Во исто време, двајца постари мажи, на возраст од 78 и 89 години, се хоспитализирани во Никозија во сериозна, но стабилна состојба. Уште еден 88-годишен пациент бил примен со симптоми на топлинска исцрпеност и е надвор од животна опасност.
Се апелира населението, особено до ранливите категории, да избегнуваат директна изложеност на сонце, да бидат внимателни и да внесуваат доволно течности, поради екстремно високите температури што зафатија делови од островот.
Свет
Фон дер Лајен се сретна со Трамп во обид да се договорат околу царините

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен попладнево во шкотското место Трнбери ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, во обид да биде постигнат трговски договор во пресрет на истекот на крајниот рок – 1 август за воведување на царини од 30 отсто за извозот на европски производи во САД.
Најавувајќи ја средбата во објава на Икс, Фон дер Лајен наведе дека со Трамп ќе „разговараат за трансатлантските трговски односи и за тоа како тие може да се одржат силни“.
Американската администрација веќе воведе царина од 50 отсто за увозот на челик и алуминиум од ЕУ, од 25 проценти за автомобили и автомобилски делови, како и основен данок од 10 отсто за поголемиот дел европски производи, со кои е опфатен околу 70 проценти од вкупниот извоз на Унијата во САД.
Средбата се одржува во услови на зголемени надежи во ЕУ дека Европската комисија би можела да постигне договор со Вашингтон по примерот на оној постигнат претходно неделава меѓу САД и Јапонија за просечна царина од 15 отсто на извозот на јапонски стоки на американскиот пазар.
ЕУ се надева дека, исто така, ќе постигне договор со САД за царинска стапка од 15 проценти, која би ја вклучувала и просечната царина од 4,8 отсто што ја плаќаат европските извозници на американскиот пазар уште од пред враќањето на Трамп во Белата куќа во јануари годинава.
Средбата доаѓа откако во четвртокот Европската комисија усвои пакет контрамерки на увозот на американски стоки во ЕУ, како одговор на најавената царина од САД од 30 отсто.
Портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија и царини Олоф Гил во четвртокот изјави дека фокусот на ЕУ е на постигнување на договор со САД за царините, а доколку тоа не се случи усвоените контрамерки ќе стапат во сила на 7 август.