Свет
По две години успешно справување со Ковид-19, првиот авион им донесе 36 заразени лица
Кирибати, островска држава во Тихиот Океан, две години успеа да се заштити од корона вирусот, но сега првиот авион што доби дозвола за слетување донесе 36 лица заразени со Ковид-19.
Авионот од Фиџи превезувал 54 целосно имунизирани патници, кои направиле три тестови за ковид пред полетувањето, кои биле негативни, соопшти владата на Кирибати.
Меѓутоа, по слетувањето во Кирибати, дури 36 патници биле позитивни на корона вирусот.
Тие беа сместени во карантински центар, каде, како што стојат работите, продолжија да го шират вирусот.
Имено, еден вработен во центарот, како што потврдија властите во Кирибати, бил заразен.
За да се спречи ширење на вирусот надвор од карантинскиот центар, надлежните воведоа епидемиолошки мерки кои предвидуваат ноќна забрана за движење на граѓаните, како и обврска за носење маски.
Исто така, забранети се сите собири со повеќе од десет лица, а ограничена е и продажбата на алкохол.
Кирибати, кој има околу 120.000 жители, целосно ги затвори своите граници во март 2020 година, поради страв од ширење на пандемијата.
До летото од Фиџи се регистрирани само две инфекции, а тоа биле луѓе на два брода.
Кирибати е меѓу најсиромашните земји во светот и има ограничени можности за третман, така што итните случаи мора да се префрлат во Нов Зеланд или Австралија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Уапсен уште еден осомничен за терористичкиот напад во Москва
Уште едно лице е уапсено во врска со терористичкиот напад на градското собрание Крокус во Москва на 22 март, соопшти денеска за „ТАСС“ портпаролот на полицијата.
„Уапсен е уште еден потенцијален осомничен во случајот со терористичкиот напад на Крокус. Инспекторите ја испитуваат неговата улога во тој напад“, изјави претставник на полицијата.
Полицијата уапсила државјанин на Таџикистан. Досега во врска со случајот се уапсени 11 лица, меѓу кои и четворица извршители на нападот.
Според последните податоци, во терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“ во Москва загинале 145 лица.
Свет
Почина бебето кое беше извадено од утробата на мртвата мајка во Газа
Почина бебето кое во неделата со царски рез во Газа беше спасено од утробата на мртвата мајка, пишува Би-Би-Си.
Бебето е родено по итен царски рез извршен врз трудница која била убиена во израелски напад врз градот Рафа во Газа.
Освен мајката на Сабрин Ал Сакани, меѓу загинатите се и таткото на новороденото девојче и нејзината тригодишна сестра Малак.
Бебето при раѓањето тежело 1,4 килограми, а се родило во триесеттата недела од бременоста на мајката. Веднаш по царскиот рез беше сместено во инкубатор во болницата во Рафа заедно со уште едно бебе.
Но, девојчето после неколку дена почнало да има сериозни здравствени проблеми. Лекарите го реанимирале, но сепак починало вчера.
16 деца биле убиени за време на два воздушни напади на Рафа минатиот викенд, при бомбардирање на комплекс од станбени згради.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека цел биле борците и инфраструктурата на Хамас и воените комплекси.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.