Свет
Прв пациент прими експериментална вакцина против рак, докторите велат најпрво ќе лекува карцином на кожата и белите дробови
Фармацевтската компанија Moдерна создаде експериментална вакцина која би можела да помогне во борбата против ракот, пишува The Sun.
81-годишен старец со неизлечив карцином на кожа е првиот човек кој прими експериментална вакцина уште во октомври лани.
Неговиот идентитет не е објавен, но тој рече дека „се чувствува како да придонесува за нешто што може да им помогне на многу луѓе“.
Вметнатиот генетски материјал (РНК) ги имитира маркерите пронајдени на површината на клетките на ракот и го „учи“ телото да се бори со нив“ – исто како што е случајот со вакцините во пандемијата.
Д-р Дејвид Пинато и неговиот тим од Империал колеџ во Лондон тестираат сè за да видат дали вакцината е доволно безбедна за тригодишно глобално тестирање.
Тој се надева дека вакцината ќе може да ги лекува пред се ракот на кожата и белите дробови, а потоа и другите цврсти тумори како што се цревните тумори и туморите на дојката.
– Истражувањето е во рана фаза. Но, се доближуваме до терапии кои се потенцијално помалку токсични и попрецизни – изјави Пинато.
Д-р Кајл Холен од Модерна рече дека сите се возбудени поради првите резултати и дека се надева дека ова ќе воведе нова ера во лекувањето на ракот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Болниците во Иран преплавени со повредени од протестите, доктори опишуваат „ужасни сцени“
Протестите во Иран продолжуваат, а улиците на градовите, особено Техеран, се исполнети со илјадници демонстранти, и покрај блокадата на интернет и мобилните мрежи, јавуваат медиумите.
На новите протести, кои започнаа доцна синоќа во северниот дел на Техеран, демонстрантите извикувале: „Смрт за ајатолахот Али Хамнеи“ и „Да живее шахот“, а запалиле и една џамија.
Според американската организација „Активисти за човекови права“, утрово повеќе од 570 протести се одржале во сите 31 ирански провинции.
Здравствените работници во три болници во Иран велат дека нивните болници се преплавени со повредени и мртви од големите антивладини протести, објави Би-Би-Си. Според проценките на организациите за човекови права, најмалку 116 лица биле убиени во последните две недели.
Доктор во болница во Техеран опишал „ужасни сцени“, наведувајќи дека имало толку многу повредени што персоналот немал време да се справи со нив:
„Околу 38 луѓе починаа. Многумина дури и не стигнаа до болница. Бројот беше толку голем што немаше доволно место во мртовечницата. Телата беа едно врз друго. Откако мртовечницата се наполни, тие беа наредени едно врз друго во просторијата за молитва“, изјавил тој.
Според здравствениот работник, меѓу загинатите и повредените биле најмногу млади луѓе, на возраст од 20 до 25 години, а болниците морале да ги одложат сите неитни приеми и операции, за да можат да се грижат само за повредените од протестите.
Иранската полиција тврди дека никој не загинал во Техеран во петокот навечер, иако 26 згради биле запалени и предизвикале голема материјална штета.
Државната телевизија на Иран известува за жртви меѓу припадниците на безбедносните сили, додека демонстрантите сѐ почесто ги нарекува „терористи“.
САД повторија дека убиството на демонстранти може да предизвика воена интервенција, а Иран ги обвинува САД дека мирните протести ги претвориле во „насилни субверзивни акции и вандализам“.
Протестите започнаа на 28 декември поради падот на иранската валута и економските тешкотии.
Свет
„Добро сме, ние сме борци“ – порачал Мадуро од затворот во САД
Николас Мадуро Гера, син на уапсениот венецуелански претседател Николас Мадуро, изјави дека неговиот татко од затворската ќелија во САД порачал дека тој и неговата сопруга Силија Флорес се „добро“ и дека се „борци“.
„Добро сме. Ние сме борци. Не бидете тажни“, пренел Николас Мадуро Гера на видео-снимка објавена од владејачката Обединета социјалистичка партија на Венецуела, наведувајќи дека тоа му го пренеле адвокатите на Мадуро, објави „Фигаро“.
Двајцата беа уапсени на 3 јануари во воена операција на американските специјални сили и се наоѓаат во притворска единица во Њујорк. На судењето што започна на 5 јануари, двајцата се изјаснија дека не се виновни по обвиненијата за учество во нелегална трговија со дрога и оружје.
Времената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, порача дека „не ќе се смири додека не го вратат претседателот“ и дека ќе го „спаси“.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека го „откажал“ новиот напад врз Венецуела поради „соработката“ на Каракас, додека Вашингтон најави дека ќе „диктира“ одлуки, а Венецуела возврати дека не е „подредена ниту покорна“ на САД.
Американскиот Стејт департмент ги повика граѓаните на САД да не патуваат во Венецуела и оние што веќе се таму да ја „напуштат земјата“ поради нестабилната безбедносна ситуација и присуството на вооружени милиции, познати како „колективос“.
Свет
Вашингтон одржа „прелиминарни“ разговори за потенцијален удар врз Иран, објави Волстрит журнал
Американски официјални лица разговарале за планови за можни напади врз Иран, вклучувајќи потенцијални цели, објави Волстрит журнал, повикувајќи се на американски претставници.
„Официјални лица од администрацијата на Трамп водеа прелиминарни разговори за тоа како би се извршил напад врз Иран доколку биде потребно… вклучувајќи ги и објектите кои би можеле да бидат цели“, пишува медиумот.
Една од опциите што се разгледува е серија воздушни напади од големи размери врз повеќе воени цели во Иран.
Истовремено, изворите за медиумот рекле дека разговорите биле во рамките на стандардното планирање и дека не постоеле знаци дека нападите навистина ќе се извршат.
Официјалните лица исто така напоменале дека не е распореден воен персонал или опрема како подготовка за нападот.
Тие потенцирале дека во САД сѐ уште не постои консензус за можни напади врз Иран.
Претходно, Трамп ги предупреди иранските власти за последиците доколку бидат убиени демонстранти.
Во саботата, американскиот претседател изјави дека САД се подготвени да „помогнат“ на Иран.

