Свет
Предупредување на Зеленски до остатокот од Европа: Ние ќе бидеме први, вие ќе бидете втори
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија нема да престане со сегашната акција и дека ќе продолжи да им се заканува на другите европски земји.
„Ние сме место во Европа, место на слобода, зона на слобода. Кога се кршат и газат границите на правата и слободите, тогаш мора да нè заштитите. Затоа што ние ќе бидеме први, вие ќе бидете втори“ – изјави Зеленски во интервју за ABC News.
Изјавата на Зеленски следеше додека специјалната акција на руската армија во Украина влезе во 13-ти ден, без навестувања дека наскоро ќе заврши.
Минатиот петок НАТО одби да воведе зона на забранети летови над Украина, тврдејќи дека тој потег може да предизвика војна во Европа.
„Не можеме да дозволиме Русија да биде активна само таму, бидејќи не бомбардираат, гранатираат, ни праќаат ракети, хеликоптери, борбени авиони – многу работи. Ние не го контролираме нашето небо“ – рече Зеленски.
Тој додаде дека американскиот претседател Џо Бајден може да направи повеќе за да ѝ помогне на Европа, пренесува „Индипендент“.
„Сигурен сум дека може и би сакал да верувам во тоа. Тој е способен да го направи тоа“ – додаде Зеленски.
Претседателот на Украина тврди дека руските војници продолжуваат да напаѓаат цивилни структури, принудувајќи ја украинската структура да возврати.
Во другите вести, украинската армија во вторникот рече дека руските трупи планираат да маршираат кон Киев, откако не успеаја да го заземат главниот град пред речиси две недели.
„Сигурен сум дека Украинците се подготвени цел живот да се борат против Русија. Ќе издржиме, па и да дојдат во сите наши градови, ќе има бунтови, бунтовничка војна. Никој нема да ја изневери нашата независност“ – рече Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Турција: силен ветер уништи објекти
Силни ветрови ја погодија северозападната турска провинција Коџаели предизвикајќи значителна материјална штета, при што на повеќе објекти им биле целосно откорнати покривите, јавуваат локалните медиуми.
На снимките објавени од локалниот портал „Коџаели Гундем“ се гледа моментот кога силен ветер подигнува покрив од зграда во населбата Диловаси и го носи од објектот. На друга снимка, објавена подоцна, покривот може да се види речиси неоштетен како лежи на земја.
A massive storm hits #Istanbul, #Turkey. pic.twitter.com/YOzRNoToE4
— Siraj Noorani (@sirajnoorani) January 8, 2026
Дополнителни видеа од местото Хереке прикажуваат куќа што останала без покрив, а предмети од внатрешноста се расфрлани по просториите поради силните налети на ветерот.
Од Кабинетот на гувернерот на провинцијата Коџаели уште во средата било издадено предупредување дека се очекуваат олујни ветрови со брзина од 50 до 70 километри на час, додека во повисоките предели ударите можеле да достигнат и до 80–90 километри на час.
Фото: pexels
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels

