Свет
Прекумерната работа главна причина за смрт на јапонските работници
Човек кој работел на проект за јапонската космичка агенција извршил самоубиство поради голем стрес, соопштија јапонски официјални претставници.
Јукинобу Сато (31), кој работел на сателитски проект, бил под големо оптоварување бидејќи му биле доделени недостижни цели, поради кои неплатено работел 70 часа.
Сато, поради акумулираниот стрес, предизвикан од прекумерната работа, извршил самоубиство во 2016 година.
Адвокатот кој го претставува семејството на Сато вели дека тој работел на смени од по 16 часа.
Властите потврдија дека „кароши“ (како што се нарекува смртта од прекумерна работа) е признаена како причина за смртта, објави Би-би-си повикувајќи се на весникот „Асаши Шимбун“.
Работодавецот на Сато соопшти дека ќе преземе мерки со цел во иднина да се спречат ваквите инциденти.
Јапонија воведе закон со кој се обидува да ја спречи вкоренетата навика работното време да трае подолго од пропишаното.
Според извештајот на агенцијата „Кјодо“, законот кој стапи на сила оваа недела ја ограничува прекувремената работа на 45 часа месечно или 360 часа годишно.
Компаниите кои ги прекршуваат правилата ќе бидат казнети со парична казна до 300 000 јени (малку повеќе од две илјади евра).
Се проценува дека околу 200 смртни случаи од 2017 година во Јапонија се поврзани со прекумерна работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фотоапаратот на папата Франциск продаден за 6,5 милиони евра
Фотоапаратот што му припаѓаше на папата Франциск беше продаден на аукција во Виена за 6,5 милиони евра, по напната и долготрајна конкуренција меѓу купувачите.
Станува збор за редок фотоапарат Leica M-A, кој значително ја надмина очекуваната цена, како што истакна портпаролот на 47-то издание на Leitz Photographica.
Во согласност со претходните желби на папата Франциск, кој почина во април оваа година, целиот собран износ ќе биде искористен за хуманитарни проекти, додека аукциската куќа се откажа од својата провизија.
Компанијата Leica Camera AG му го подари фотоапаратот на папата Франциск во 2024 година, означувајќи ги неговите објективи со серискиот број 5000000.
„Традицијата на Leica отсекогаш била да резервира вакви препознатливи сериски броеви за специјални фотоапарати, кои често им се даваат на познати личности“, рече Александар Седлак, директор на аукцијата Leica Camera Classics и Leitz Photographica.
Името на купувачот е непознато, а аукцијата траела речиси десет минути.
Европа
Зеленски бара притисок врз Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските напади врз Киев во текот на ноќта предизвикале „огромна штета“, додека посебен напад предизвикал „уништување“ во јужното пристаниште Одеса.
Според него, Русија испалила 22 ракети и повеќе од 460 дронови во текот на ноќта. Четири дронови влегле во воздушниот простор на Молдавија и Романија.
„Затоа сите партнери мора да запомнат дека животите мора да се спасуваат секој ден“, рече Зеленски.
„Не смее да има стагнација во помошта. Најважно е сите партнери да се движат кон дипломатија преку заеднички напори. Притисокот врз Русија мора да донесе резултати.“
Свет
Земјотрес со јачина од 5,7 степени ја погоди Јапонија
Земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди префектурата Кумамото во југозападна Јапонија.
Јапонската метеоролошка агенција објави дека не е издадено предупредување за цунами, објави Кјодо.
Земјотресот се случил кратко по 18 часот во областа Асо во Кумамото на длабочина од околу 10 километри, според податоците од Јапонската метеоролошка агенција.

