Свет
Пресврт за авионската несреќа во Иран – Украина го повлече соопштението за причините
Амбасадата на Украина во Иран го замени соопштението за авионот што се урна во Техеран, Иран, во кое како причини за несреќата беа исклучени терористички или ракетен напад. Амбасадата во новото соопштение наведува дека причините за несреќата се утврдуваат, како и дека претходното соопштение за причините не е официјално.
„Информациите за причините за авионската несреќа ги утврдува комисија. Секое соопштение кое се однесува на причините пред одлуката на наведената комисија не е официјално“, соопшти украинската амбасада.
Во првото соопштение, кое беше објавено на веб-страницата на амбасадата, кое е отстрането, терористички напад е отфрлен како можна причина за падот, со наведување дека првичните информации сугерираат на неисправност на моторот.
Авионот „боинг 737-800“, кој со 176 патници и членови на екипажот се урна набргу по полетувањето, не прогласил тревога. Авионот се урна неколку часа откако Иран изведе ракетен напад на две бази во Ирак во кои се сместени американски војници во знак на одмазда за убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани.
Иранската државна телевизија објави дека се пронајдени двете црни кутии, но дека нема да му нбидат предадени на производителот на авионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
СЗО: Нема поврзаност меѓу вакцините и аутизмот
Светската здравствена организација (СЗО) објави нова анализа со која повторно потврдува дека не постои причинско-последична врска меѓу вакцините и аутизмот, спротивно на тврдењата што кружат во јавноста. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека аутизмот не е несакан ефект од вакцините.
Анализата на Советодавниот одбор за безбедност на вакцините опфатила 31 научна студија спроведена во повеќе земји во период од 15 години, вклучувајќи вакцини што содржат алуминиум и тиомерсал. СЗО наведува дека ова е четврта ваква ревизија по оние од 2002, 2004 и 2012 година, и сите дошле до ист заклучок – вакцините не предизвикуваат аутизам.
Од СЗО потсетуваат дека тврдењата за поврзаност потекнуваат од студија од 1998 година која подоцна била повлечена поради фалсификувани податоци. Организацијата нагласува дека вакцините остануваат едни од најважните медицински достигнувања и дека значително придонеле за намалување на смртноста кај децата.
Свет
„Си-Ен-Ен“ објави: Американската ФДА разгледува воведување највисоко предупредување за вакцините против ковид-19
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) планира да воведе т.н. „блек бокс“ предупредување, највисоко ниво на безбедносно предупредување, за вакцините против ковид-19, објави Си-Ен-Ен.
Станува збор за предупредување кое се користи за истакнување на сериозни ризици, животозагрозувачки и трајни несакани ефекти, кои мора да се земат предвид во однос на придобивките од вакцината. Планот сè уште не е конечен и не е јасно дали ќе се однесува само на мРНА вакцините или на сите вакцини против ковид-19, ниту дали ќе ги опфати сите возрасни групи.
Американското Министерство за здравство и социјални услуги (ХХС) не го потврди планот, наведувајќи дека без официјална објава од ФДА, станува збор за шпекулации.
Според научни проценки што ги пренесува Си-Ен-Ен, вакцините против ковид-19 во првата година од примената спречиле околу 20 милиони смртни случаи во светот. Податоците на американскиот ЦДЦ покажуваат дека вакцинираните деца во сезоната 2024/2025 имале значително помал ризик од итни лекарски интервенции поради ковид-19.
ФДА претходно побара проширување на предупредувањата за ризик од миокардитис и перикардитис, ретки воспаленија на срцето, кои најчесто се јавувале кај млади мажи по мРНА вакцините. Според ЦДЦ, повеќето случаи завршиле со закрепнување, без смртни исходи.
Повеќе експерти предупредија дека воведување на „блек бокс“ предупредување без јавно достапни докази може да ја наруши довербата во вакцините. Од ФДА и HHS ги отфрлија тврдењата дека процесот е политички мотивиран.
Конечната одлука на ФДА се очекува до крајот на годината, но плановите сè уште може да се променат.
Фото: Депозитфотос
Свет
Будимпешта обвинува: Со одлуката за рускиот имот завршува владеењето на правото во ЕУ
Унгарија упати остри критики за гласањето во Брисел за замрзнатиот руски имот, оценувајќи дека со тоа се кршат темелните европски договори и принципот на едногласност. Од Будимпешта порачаа дека ваквата одлука значи крај на владеењето на правото во Европската Унија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната мрежа „Икс“ напиша дека „Брисел денес го преминува Рубикон“, наведувајќи дека со писменото гласање се укинува барањето за едногласност при одлучувањето за замрзнатите руски средства. Според него, со оваа одлука европските лидери се ставаат над правилата и завршува владеењето на правото во ЕУ.
Орбан ја обвини Европската комисија дека ги крши европските договори за да продолжи, како што рече, војната во Украина, оценувајќи дека во Унијата наместо владеење на правото настанува „владеење на бирократи“.

