Свет
Претседателот на Си-ен-ен поднесе оставка по признавањето дека бил во врска со колешка
Претседателот на американската медиумска куќа Си-ен-ен, Џеф Закер, поднесе оставка по признавањето дека е во врска со колешка. Закер работел за оваа позната телевизиска мрежа 9 години, пишува АП.
Тој како причина наведе дека не сакал да открие кога почнал љубовна врска со своја најблиска соработничка, што било побарано од него во рамки на истрагата за Крис Куомо, братот на поранешниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо, кој работел во Си-ен-ен.
„Потврдив дека врската траеше во претходните години. Ме прашаа да откријам кога започна врската, но јас не го направив тоа. Погрешив. Поради тоа, сега поднесувам оставка“, истакна Закер.
Тој во изјавата не го наведе името на колешката, но медиумите пишуваат дека станува збор за шефицата за маркетинг во медиумската куќа, која ќе остане да работи во Си-ен-ен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Херметички сефови со шифрирани хард дискови и тајни документи: испливаа тајни од потонатата јахта во Сицилија
Смртта на британскиот технолошки магнат Мајк Линч, неговата ќерка и соработниците во трагично потонатата суперјахта кај брегот на Сицилија пред околу еден месец предизвика огромно внимание не само поради необичниот начин на кој се случи инцидентот, туку и поради низа чудни настани што му претходеа. Сега целата приказна вклучува херметички сефови со шифрирани хард дискови и тајни документи, пренесуваат светските медиуми.
Потсетуваат дека пред нешто повеќе од еден месец, суперјахтата на милијардерот Мајкл Линч, долга 56 метри, ненадејно потона. Закотвена на брегот на Сицилија, каде што била по ноќна прослава, ненадејно била нападната од пијавица, која го потопила бродот за само 16 минути.
Во неа биле заробени и се удавиле Линч, неговата 18-годишна ќерка, адвокат и уште неколку соработници.
Трагичниот инцидент веднаш предизвика многу сомнежи поради чудниот момент во кој се случил. Линч организираше крстарење со луксузната јахта за да ја прослави неговата неодамнешна победа и ослободителна пресуда во долготрајната тужба поврзана со продажбата на неговата компанија.
По повеќе од десет години правна битка, американскиот суд, само два месеци пред трагичниот инцидент кај Сицилија, го ослободи од сите обвиненија поврзани со случајот.
Медиумите јавуваат дека јахтата имала вградени сефови кои не протекуваат а во кои се чуваат шифрирани хард дискови и тајни документи.
Линч, наводно, носел хард дискови со себе каде и да патувал. Тие потенцијално содржат „многу чувствителни податоци поврзани со неколку западни разузнавачки служби“, пишува CNN.
Во прилог на тоа се наведуваат врските на Линч со високи функционери на бројни земји, поради што тој бил поврзан со „британски, американски и други разузнавачки служби преку неговите бројни компании“.
Линч беше силно вклучен во индустријата за сајбер безбедност, која често соработува со владини агенции, а во минатото беше советник на неколку британски премиери, меѓу кои Дејвид Камерон и Тереза Меј, пренесува медиумот.
Тој ја основал „Darktrejs“, компанија специјализирана за развој на системи за вештачка интелигенција одговорни за заштита од сајбер криминал. Подоцна ја продаде за пет милијарди долари на Орландо Браво, основач и партнер во чикашката компанија „Тома Браво“.
Тој го основа „Darktrejs“ во Кембриџ заедно со Стивен Хакстер, висок функционер во тимот за сајбер безбедност на MI5, кој стана генерален менаџер на компанијата. Хакстер го ангажирал Ендрју Франс, 30-годишен ветеран на GCHQ – британската разузнавачка и безбедносна служба, пишува РТС.
Место во одборот на „Darktrace“ имаше и поранешниот шеф на МИ5, Џонатан Еванс, заедно со Џим Пенроуз, кој 17 години работел во американската Агенција за национална безбедност, пренесува Политико.
Надлежните сега се обидуваат да дојдат до сефовите и да заштитат што има во нив. Италијанската полиција ја зголеми безбедноста околу местото на потонувањето на јахтата и внимателно го следи потонатиот брод.
Наодите за хард дисковите и потенцијално чувствителните безбедносни податоци донесоа нов пресврт во и онака комплицираната приказна за трагичниот инцидент во близина на Сицилија, стои во написите.
Стивен Чембрлен, деловниот партнер на Линч кој го бранеше во деценискиот судски спор, почина на денот на потонувањето на јахтата.
Чембрлен беше удрен од автомобил додека џогирал на 17 август и починал од повредите два дена подоцна.
Свет
Америка, загрижена за одмаздата на Иран, подготвува одбрана со Израел
Администрацијата на Бајден е загрижена дека Иран планира одмазднички напад затоа што Израел го уби лидерот на Хезболах Хасан Насрала, па затоа работи со Израел на одбраната, изјави синоќа американски претставник за Си-ен-ен.
Администрацијата на Бајден водеше мултинационална одбрана на Израел во средината на април, кога Иран лансираше повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел како одговор на неговиот напад врз високи офицери на Иранската револуционерна гарда во Сирија.
Американскиот функционер одби да каже каков напад се очекува од Иран, а не ги прецизираше чекорите што ги презема американската војска.
Стравувањата од поширока регионална војна на Блискиот Исток се зголемија во последниве недели, бидејќи Израел ги засили нападите врз Хезболах во Либан, а групата поддржана од Иран вети дека ќе ја продолжи својата борба дури и кога многу нејзини врвни команданти се убиени.
Насралах беше убиен во петокот во масовен израелски напад во јужен Бејрут. Тој со децении ја водеше најмоќната проиранска милитантна група на Блискиот Исток и неговата смрт е тежок удар за Хезболах, како и голем удар за контролата на Иран врз регионот.
Регион
Две лица пронајдени мртви во пожар во Грција
Две лица се пронајдени мртви во шумски пожар што беснее неконтролирано во планинска област во централната грчка провинција Коринт, предизвикан од силните ветрови, соопштија грчките власти.
Стотици пожарникари и девет авиони се борат со пожарот што избувна во неделата во близина на крајбрежниот град Ксилокастро на полуостровот Пелопонез, на околу 120 километри западно од Атина. Поради пожарот неколку села се евакуирани.
Портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду рече дека пронајдените тела се изгорени и дека се потребни лабораториски тестови за нивно идентификување.
Грчкото Министерство за цивилна заштита соопшти дека е отворена истрага за случајот.
Грција се соочи со најжешкото лето оваа година по најжешката зима досега, при што големи области добија малку или без дожд.