Свет
Претседателот на Украина се вакцинира со вакцината на „Астразенека“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска се вакцинира против коронавирусот за време на посетата на фронтот во источниот дел на Донбас, со надеж дека ќе ги увери скептиците дека вакцината е безбедна и ефикасна.
Заостанувајќи зад Европа, Украина само што започна со вакацинација на населението откако минатиот месец ја доби првата пратка од 500.000 вакцини на „Астразенека“, давајќи им приоритет на здравствените работници од првата линија во борбата со вирусот и војската.
Сепак, владата се соочува со борба против скептицизмот во врска со вакцината. Податоците покажуваат дека 47 проценти од населението не сака да се вакцинира.
„Ја примив вакцината против Ковид-19. Се вакцинирав на фронтот со војниците како врховен командант”, напиша Зеленски на „Твитер“ и објави фотографија на која се гледа како ја прима вакцината.
Тој рече дека станува збор за вакцината „Оксфорд/Астразенека“ произведена во Индија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Турција го обвинува Израел за кршење на примирјето, бара одговор од САД
Турција ги повика САД да дејствуваат, обвинувајќи го Израел за кршење на договорот за прекин на огнот во Газа. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Вашингтон и сојузниците треба да размислат за санкции и запирање на продажбата на оружје за да го принудат Израел да го почитува договорот.
Турција, членка на НАТО, беше вклучена во разговорите за прекин на огнот како посредник, а нејзината улога беше зајакната по средбата минатиот месец меѓу Ердоган и Доналд Трамп во Белата куќа.
„Страната на Хамас се придржува до прекинот на огнот. Всушност, отворено ја изразува својата посветеност кон него. Израел, во меѓувреме, продолжува да го крши прекинот на огнот“, изјави Ердоган пред новинарите.
„Меѓународната заедница, т.е. САД, мора да направи повеќе за да обезбеди целосно почитување на прекинот на огнот и договорот од страна на Израел“, додаде тој.
Од друга страна, Израел го обвини Хамас за кршење на примирјето, велејќи дека неодамнешните воени акции во Газа биле дизајнирани токму за одржување на договорот.
Кога беше прашан за коментарите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој се спротивставува на каква било мировна улога на турските сили во Појасот Газа, Ердоган одговори дека разговорите сè уште се во тек.
„Бидејќи ова е повеќеслојно прашање, во тек се сеопфатни преговори. Ние сме подготвени да ѝ пружиме на Газа каква било форма на поддршка по ова прашање“, рече тој.
Односите меѓу поранешните сојузници Израел и Турција го достигнаа дното за време на војната во Газа, при што Анкара ја обвини владата на Нетанјаху за геноцид, што Израел постојано го негира.
Свет
Британскиот премиер: Барањата на Путин се апсурдни, тој не сака мир
Британскиот премиер Кир Стармер денес ги угости украинскиот претседател Володимир Зеленски, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, данската премиерка Мете Фредериксен и холандскиот премиер Дик Шуф во Лондон на заедничка прес-конференција како дел од состанокот на групата позната како „коалиција на добронамерните“. Францускиот претседател Емануел Макрон им се придружи виртуелно.
Оваа иницијатива обединува повеќе од 20 земји кои ветија дека ќе ја поддржат Украина во нејзината одбрана и ќе извршат притисок врз Русија да ја прекине својата агресија. Средбата се одржа во време кога санкциите против Москва беа зајакнати, а целите се да се зголеми воената и финансиската поддршка за Украина пред претстојната зима.
Кир Стармер ја отвори конференцијата со зборови на поддршка за Украина, велејќи дека борбата на Украина е и нивна борба.
„Вашата безбедност е и наша безбедност. Ние се бориме не само за Украина, туку и за слободата и безбедноста на сите европски и британски граѓани“, рече Стармер и истакна дека „коалицијата на добронамерните“ е обединета зад Украина и Доналд Трамп во повикот за прекин на борбите веднаш:
„Трамп беше во право кога воведе нови санкции врз руските нафтени компании, а Обединетото Кралство и ЕУ неодамна го сторија истото. Мора да продолжиме со тој притисок.“
Стармер најави забрзување на производството на ракети за Украина, наведувајќи дека програмата за изградба на 140 ракети ќе биде завршена пред предвидениот рок. Тој исто така рече дека зајакнувањето на украинската противвоздушна одбрана ќе продолжи и дека партнерските земји ќе работат на безбедносни гаранции за праведен и траен мир.
Тој, исто така, ја нагласи потребата да се заврши работата за одземање на контролата врз руската нафта и гас од глобалниот пазар, како и континуиран притисок за намалување на способноста на Русија да го финансира конфликтот.
„Путин е единствената личност која не сака оваа војна да престане. Наместо тоа, тој поставува апсурдни барања за украинската земја што не можеше да ја земе со сила. Нашата коалиција ќе продолжи да го притиска до крајната цел“, заклучи Стармер.
Фото: ЕПА
Свет
Путин испраќа специјален претставник во САД по санкциите на Трамп
Специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин, Кирил Дмитриев, е во САД на состанок со претставници на администрацијата на Трамп, вклучувајќи го и специјалниот претставник Стив Виткоф, објавија медиумите денес.
Се очекува Дмитриев да се сретне со американски претставници за да „продолжи со дискусиите за односите меѓу САД и Русија“, објави CNN, повикувајќи се на информирани извори.
Axios објави дека Дмитриев и Виткоф ќе се сретнат утре во Мајами. Претседателот Доналд Трамп воведе санкции врз две од најголемите руски нафтени компании претходно оваа недела во обид да го принуди Путин да ја заврши војната во Украина.
Минатата недела, Трамп разговараше со Путин по телефон и објави дека двајцата лидери наскоро ќе се сретнат, но состанокот беше одложен.

