Свет
Пристигнува ураганот Лора, се евакуираат повеќе од половина милион луѓе во Тексас и Луизијана
На повеќе од половина милион жители на американскиот брег на Мексиканскиот Залив им е наредено да се евакуираат поради претстојниот ураган Лора, кој може да ги погоди Тексас и Луизијана.
Се стравува дека ураганот придружуван од силни ветрови ќе предизвика поплави и големи бранови, пренесува АП.
Повеќе од 385.000 луѓе треба да бидат евакуирани од градовите Бомонт, Галвестон и Порт Артур во Тексас, а наредена е и евакуација на 200.000 жители на пониските области во југозападна Луизијана, каде што брановите високи до четири метри би можеле да поплават цели места.
Националниот центар за урагани предвидува дека Лора, поради топлата вода во заливот, ќе се засили во ураган од трета категорија пред да го погоди копното, со ветрови од 185 километри на час, што може да предизвикаат катастрофални штети.
„Во крајна линија е дека силниот ураган ќе го погоди копното доцна в среда или рано в четврток“, рече заменик-директорот на Националниот центар за урагани, Ед Рапапорт, пренесува „Гласот на Америка“.
Ураганот Лора помина покрај Куба откако однесе најмалку 20 животи во Доминиканската Република и три на Хаитите, каде што доведе до прекини на електричната енергија и до поплави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

