Свет
Пронајдени тела на 15 мигранти крај брегот на Махди во Тунис

Туниската крајбрежна стража извлече тела на 15 мигранти од морето кај брегот на Махди, објави денеска туниската државна новинска агенција.
Властите ќе работат на идентификување на телата, главно на африкански мигранти, додава агенцијата, пренесе „Ројтерс“, пишува „Танјуг“.
Земјите од Магреб, како Тунис, Алжир, Либија, Мавританија и Мароко, со години се сведоци на обиди на мигранти, главно од супсахарска Африка, да стигнат до Европа, надевајќи се на подобар живот.
Додека некои од мигрантите успеваат да стигнат до својата дестинација, други често умираат за време на патувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шест деца се уапсени откако беше застрелан 11-годишник во Ротердам: неговата состојба се уште е сериозна

Полицијата во холандскиот град Ротердам оваа недела уапси шест малолетници, откако 11-годишно момче беше пронајдено застрелано и во критична состојба во стан. Малолетниците се осомничени за обид за убиство, соопшти вчера холандската полиција, а пренесува „Телеграф“.
Според холандските медиуми, апсењата се извршени во последните три дена, а осомничени се момчиња на возраст од 12, 13 и 15 години од Ротердам, 14-годишно девојче од Ротердам, 14-годишно момче од Марсберген и 16-годишно момче од Еншеде.
Малолетниците по истрагата станале осомничени, а дел од нив и се предале на полицијата, пишува Телеграф. Како што се дознава, полицијата не ја исклучува можноста за дополнителни апсења. Освен тоа, тие се осомничени и за поседување огнено оружје и муниција. „Секој осомничен е испрашуван поединечно за неговата улога во овој инцидент“, соопшти полицијата.
Сите малолетници кои беа уапсени се во притвор и денеска и утре ќе бидат изведени пред истражен судија во Ротердам, кој ќе одлучи дали ќе им го продолжи притворот. Веднаш по инцидентот, полицијата пронашла огнено оружје на тревната површина во близина на станбената зграда, пренесува Телеграф.
Момчето морало да биде реанимирано и однесено во болница во критична состојба. Што точно се случило на местото на злосторството се уште е нејасно, но полицијата утврдила дека 11-годишното момче било застрелано. Неговата состојба се уште е сериозна.
Свет
Во Минхен откажани голем број летови поради штрајк на аеродромот

Дводневниот штрајк на работниците на аеродромот во Минхен, вториот по големина во Германија, доведе до откажување на голем број летови.
Аеродромскиот оператор соопшти дека авиокомпаниите откажале околу 80 отсто од летовите од тој аеродром и дека не исклучуваат дополнителни откажувања.
Синдикатот ver.di вчера свика „предупредувачки штрајк“ во обид да го зголеми притисокот врз тековните преговори со федералната влада и градските власти за платите и условите за работа на вработените во јавниот сектор, пишува агенцијата АП.
Штрајкот треба да заврши во петок на полноќ. Меѓу учесниците има и вработени во одделенијата за аеродромски услуги.
Вработените во јавниот сектор, исто така, ја прекинаа работата на разни други места и услужни индустрии во Германија. Ова вклучува некои вработени на аеродромот во Хамбург, иако аеродромот соопшти дека се откажани само летовите до и од Минхен, објави германската новинска агенција ДПА.
Европа
Зеленски е поканет на важен состанок на ЕУ за европската одбрана

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, го покани украинскиот претседател, Володимир Зеленски, на вонреден самит на лидерите на ЕУ следната недела, кој ќе биде посветен на Украина и европската одбрана.
„Го поканив украинскиот претседател Зеленски во Брисел на состанок на Европскиот совет за да разговараме за најновите случувања со нас“, напиша Коста во писмото со покана до лидерите на земјите-членки на ЕУ.
Вонредниот самит што ќе се одржи за една недела ќе биде исклучиво посветен на Украина и зајакнувањето на европската одбрана.
„Во однос на европската одбрана, мојата цел е да ги продолжам дискусиите на нашиот неформален собир на 3-ти февруари со цел да ги донесеме првите краткорочни одлуки за да ја направиме Европа посуверена, способна и подобро опремена да се соочи со непосредните и идните предизвици за нејзината безбедност“, вели Коста.
Во однос на Украина, „постои нов моментум што треба да води кон сеопфатен, праведен и траен мир“.
„Европската унија и нејзините земји-членки се подготвени да преземат поголема одговорност за безбедноста на Европа.
„Затоа треба да бидеме подготвени за можен европски придонес кон безбедносните гаранции кои ќе бидат неопходни за да се обезбеди траен мир во Украина“, нагласи Коста.