Свет
Путин: Ако Украина добие нуклеарно оружје, ќе ги искористиме сите средства кои ги имаме на располагање
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија ќе го употреби целото свое оружје против Украина доколку Киев стане нуклеарна сила.
„Нема да дозволиме Киев да се здобие со нуклеарно оружје“, изјави Путин, пренесува РИА.
Тој посочи дека Украина не може да прави нуклеарно оружје, туку само „валкани бомби„, но додаде дека и Русија на тоа ќе реагира на соодветен начин.
„Оние кои го спомнуваат враќањето на нуклеарното оружје во Украина не чувствуваат одговорност за судбините на луѓето и светот“, рече Путин.
„Њујорк тајмс“ минатата недела објави дека некои неименувани западни функционери предложиле американскиот претседател Џо Бајден да и даде нуклеарно оружје на Украина пред да ја напушти функцијата.
„Ако земјата со која во суштина војуваме стане нуклеарна сила, што ќе правиме? Во тој случај ќе ги искористиме сите, сакам да нагласам, сите средства за уништување со кои располага Русија. Сè, нема да дозволиме. Ќе го следиме секој нивни чекор“, рече Путин на прес-конференција во Астана, Казахстан.
Запрашан кога би можеле да се случат можни напади на Русија врз центрите за одлучување во Украина, кои ги спомна денеска на самитот во Астана, тој рече: „Можеби денеска во текот на денот, се е можно“.
Путин посочи дека Русија е подготвена да ги обнови врските со Европа, а за актуелната криза во односите изјави не е вина на Москва, туку, како што рече, внатрешно-политичката ситуација во Европа.
Рускиот претседател посочи дека односот на Русија кон решавањето на украинската криза не е променет по употребата на новиот вид оружје.
„Нема предуслови Русија да ги започне преговорите за Украина, но има услови за мир“, рече Путин.
Зборувајќи за односите со САД, тој рече изјави Москва е подготвена да започне дијалог со Вашингтон.
„Администрацијата на претседателот Бајден се обидува да му создаде тешкотии на Доналд Трамп со Русија. Трамп е искусен и интелигентен политичар“, рече Путин.
Претходно денеска Путин изјави дека ракетата „Орешник“ има моќ што може да се спореди со нуклеарно оружје.
Путин нагласи дека „Орешник“ не е оружје за масовно уништување, туку прецизно оружје без нуклеарно полнење и потврди дека започнало сериското производство на ракети „Орешник“, но дека ќе се изберат конкретни цели за напади врз Украина, во зависност од природата на целите и заканите за Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар во болница во Милано, пациентите евакуирани
Утрово околу 10 часот, избувна пожар во павилјонот 16 од болницата Сако во Милано.
За неколку минути, пламенот зафати дел од дијагностичката архива и се прошири на областите каде што медицинскиот персонал во тој момент прегледуваше десетици пациенти, пишува Ил Месаџеро.
Благодарение на заедничката интервенција на пожарникарите и болничкиот персонал, никој не е повреден.
Сите пациенти се евакуирани, а триесет пожарникари кои излегоа на терен вршат санација на подрачјето.
Свет
Европски војници пристигнаа на Гренланд
Европски војници од неколку земји пристигнаа на Гренланд за заеднички воени вежби, во време кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази интерес островот да биде под контрола на САД. Во главниот град Нуук слета француски контингент, а се приклучуваат и сили од Германија, Шведска, Норвешка, Холандија и Обединетото Кралство, јавува Би-Би-Си.
Распоредувањето следи по состанок во Вашингтон меѓу министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс. Данскиот министер Ларс Локе Расмусен оцени дека разговорите биле конструктивни, но дека останало „темелно несогласување“.
Трамп изјави дека на САД му треба Гренланд за националната безбедност и не ја исклучи употребата на сила. Францускиот претседател Емануел Макрон најави проширување на мисијата, додека полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека евентуална американска интервенција би била „политичка катастрофа“.
Русија изрази загриженост поради засилувањето на присуството на НАТО на Арктикот. Од кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер соопштија дека распоредувањето има цел да ја одврати руската и кинеската активност.
Германија испрати транспортен авион со 13 војници во рамки на данските вежби „Операција Арктичка издржливост“. Данска најави ротациона и потрајна сојузничка присутност. Премиерката Мете Фредериксен рече дека одбраната на Гренланд е заедничка грижа на Алијансата.
Премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен порача дека Гренланд не сака да биде дел од САД и, ако мора да избира, би ја избрал Данска.
Свет
Макрон: Франција ќе испрати воен брод на Гренланд
Франција наскоро ќе испрати воен брод, авиони и дополнителни војници на Гренланд, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. Тој предупреди на појавата на „нов колонијализам“ и на изјави што, како што рече, „сеат сомнеж, дури и меѓу сојузниците“.
Макрон ова го соопшти во новогодишното обраќање до француските вооружени сили, наведувајќи дека дел од француските војници веќе се распоредени на Гренланд, на барање на Данска, каде им се приклучиле сили од Норвешка, Шведска и Германија.
„Нашите сили во наредните денови ќе бидат дополнително зајакнати копнено, поморски и воздушно“, рече Макрон, без да наведе детали.
Според достапните информации, најмалку еден француски воен брод и неколку авиони веќе се на пат кон северниот Атлантик.

