Свет
Путин: Никој не ѝ објаснил на Грета дека луѓето во Африка сакаат да живеат во богати земји како Шведска
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не го дели ентузијазмот во врска со говорот на шведската активистка за зачувување на животната средина Грета Тунберг во Обединетите нации. Тој го осудил, како што рекол, искористувањето на деца и тинејџери за остварување туѓи интереси.
„Можеби ќе ве разочарам, но не го делам ентузијазмот за говорот на Грета Тунберг“, рекол Путин.
Тој оценил дека е добро тинејџерите и младите да посветат внимание на проблемите на денешницата, вклучувајќи го и зачувувањето на животната средина.
„Но, кога децата и тинејџерите се користат заради нечии интереси, тоа треба да се осуди“, порачал Путин.
Тој смета дека никој не ѝ објаснил на Грета дека модерниот свет е сложен и различен и дека луѓето во Африка и во многу азиски земји сакаат да живеат во богати земји, како што е Шведска.
„Сигурен сум дека Грета е многу љубезно и искрено девојче, но возрасните мора да направат сè што можат да не ги доведуваат тинејџерите и децата во екстремни ситуации“, рекол рускиот претседател.
Грета на самитот на ОН во Њујорк ги прекори светските лидери поради тоа што не успеале да се справат со проблемот со климатските промени.
„Како се осудувате? Ги украдовте моите соништа“, порача 16-годишната Грета која пред повеќе од една година почна протести пред шведскиот парламент, а тоа кулминираше со протести против климатските промени во целиот свет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Без Америка, Европа запаѓа во воен ќорсокак, вели Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан оцени дека американскиот мировен план претставува „излез од ќорсокакот“ и потенцијална „пресвртница“ во украинската криза, нагласувајќи дека Европската Унија е должна да го преиспита претходниот пристап кон финансирањето на воените операции на Киев.
Според него, Брисел треба да престане да обезбедува средства за поддршка на Украина, а овој став директно ѝ го пренесе на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Орбан предупреди дека во спротивно Унгарија ќе биде подготвена да го блокира целиот пакет помош на ЕУ, бидејќи верува дека европските даночни обврзници повеќе не можат да ги сносат трошоците за „војна без шанса за победа“.
Тој истакна дека прекинот на непријателствата ќе бара од европските лидери да ги признаат сопствените грешки, особено во однос на проценките дека е можно да се извојува победа исклучиво со материјална и воена поддршка од Западот. На социјалните мрежи, Орбан истакна дека во текот на претходните три и пол години, огромна количина европски пари е потрошена „за војна што не може да се добие на фронтот“.
„Доколку лидерите кои се залагаат за продолжување на воената политика продолжат да ја снабдуваат Украина со пари и оружје без поддршка од САД, тие ризикуваат да отворат пат кон директен европско-руски конфликт“, рече унгарскиот премиер.
Орбан, кој се смета за еден од најблиските европски сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп, проценува дека отфрлањето на мировниот план на Вашингтон би довело до долгорочно заладување на американскиот интерес во овој конфликт. Ова, предупредува тој, би ги оставило земјите од Европската Унија сами да се справат со последиците – за што, според него, не се подготвени.
Во Брисел, потегот на Орбан се смета за нов фактор на поделба во рамките на Унијата, но унгарскиот премиер останува на мислењето дека европските лидери имаат само две опции: да ги признаат сопствените неуспеси во политиката кон Русија или да продолжат по патот на ескалација, што, како што нагласува, би можело да доведе до „трагични последици“.
Будимпешта, заклучува Орбан, нема да ја поддржи политиката на конфронтација, туку „секогаш ќе го избере патот на мирот“.
Фото: принтскрин
Свет
Косачев: Западот ја предаде Украина
Западот ја „предаде“ Украина, лишувајќи ја од консолидирана поддршка, според потпретседателот на Советот на Руската Федерација, Константин Косачев.
Според сенаторот, ситуацијата по настаните од последните неколку дена изгледа вака: САД веруваат дека продолжувањето на конфликтот не е можно и инсистираат на преговори. Русија, од своја страна, е подготвена за преговори, но е подготвена и да продолжи да се бори во случај на нивен неуспех. Од друга страна, ЕУ ги прекинува преговорите затоа што верува дека „е пожелно конфликтот да продолжи“.
„А што е со Украина? Во исто време е растргната во сите правци и е држена во стапица, колку и да звучи парадоксално. Не може да издржи продолжување на борбата без консолидирана надворешна поддршка од Западот, која веќе ја нема. Но, не е ниту подготвена за преговори, бидејќи би морала да ги води од позиција на поразена страна, а не на победник. Плус, корупциски скандали – јамката се стега. Ја напуштија Украина. И таму е пад, а тука – каде и да оди, само талка во стапица“, напиша тој на својот Телеграм канал.
Претходниот ден, САД и Украина одржаа консултации за „мировниот план“ на Вашингтон, кој содржи 28 точки. Државниот секретар Марко Рубио ја нарече средбата „најпродуктивна“ за време на целиот конфликт. Украинските медиуми објавија дека Вашингтон и Киев успеале да го координираат поголемиот дел од планот. Како што изјави Рубио, САД се согласиле конкретно да ги разгледаат точките поврзани со европската интеграција на Украина и нејзиното членство во НАТО.
Според западниот печат, првичната верзија на американскиот „мировен план“ вклучувала повлекување на Украина од членството во НАТО – и обврска на алијансата да не го интегрира Киев, како и признавање од страна на Вашингтон на суверенитетот на Русија над Крим и Донбас, повлекување на украинските сили од територијата на Донецката Народна Република, државен статус на рускиот јазик во Украина, ограничување на големината на украинската армија и укинување на антируските санкции.
Фото: принтскрин
Свет
Финска објави дека ќе бара нова единица на НАТО
Финскиот министер за одбрана Анти Хаканен изјави дека земјата има намера да побара Единицата за команден и контролен систем на НАТО да биде сместена во Финска.
Во писмена изјава, која ја пренесе финското Министерство за одбрана, Хаканен рече дека единицата, која би имала 50 членови, доколку се имплементира, ќе биде дел од командната структура на НАТО, а нејзиното одржување, како и изградбата на потребните сместувачки капацитети, ќе бидат кофинансирани од НАТО, пренесува Yle.
„Единицата за команден и контролен систем би понудила можност за развој на компатибилноста на финските национални и службите за команден и контролен систем на НАТО“, рече Хаканен.
Планирано е одлуките за ова прашање да се донесат на состанок на министрите за одбрана на НАТО во февруари 2026 година, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин

